Промовиран романот „Лазарка“ од Љупчо Петрески – добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година
Романот „Лазарка“ од Љупчо Петрески − еден од победниците на книжевната награда „Пегаз“ за 2020 година − беше промовиран онлајн вчеравечер (1 јули), на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Покрај тоа што пишува, Петрески е и преведувач и професор, кој живее и работи во Прилеп. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. „Лазарка“ е негов прв публикуван роман, а претходно има објавено прозни текстови во неколку литературни списанија и портали. Негов интерес на истражување и творење се интертекстуалноста, феминистичката теорија и квир-теоријата.
Во разговорот со Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“, писателот зборуваше за паралелата на „Лазарка“ со истоимената песна од Силвија Плат, за „текот на свеста“ како наративна техника во која е пишуван романот, за влијанието на Вирџинија Вулф врз неговото творештво и за ликовите од романот.
„Лазарка“ е директна референција на истоимената, парадигматична песна од славната поетеса Силвија Плат, каде што авторот – со пристап на изверзиран почитувач на книжевноста, во рембоовска смисла на зборот – ја обработува приказната за фиктивниот лик Лазарка (измислен од Силвија Плат, што треба да алудира на жената на библискиот лик Лазар или, пак, на женската верзија на Лазар) и личната приказна на Силвија Плат во поривот да се излезе од сенката на својот идол, маж, љубовник, додека истовремено нејзиното постоење е детерминирано од најчистата потреба за рамноправна љубов. Лазарка истовремено е метафора за жената која во хетеронормативното општество е омеѓена во „розовото гето“.
− Споменатата песна од Силвија Плат и романот „Лазарка“ не се крик за спас − тие се воспевање на смртта и опресијата. За тоа колку е моќна опресијата врз нечиј живот. Угнетувачите во песната се масите и докторот, кој го смета пациентот за свој инструмент за поигрување. Кај мене има малку изместување од таа моќ на опресија, па тука ја сместив и токсичната мажественост, која на некој начин доаѓа од масите, од оние што го чекаат својот плен. „Лазарка“ како лајтмотив кај мене ја побуди темата за неоткажувањето. Иако ликот наоѓа начин совршено да си го одземе животот, секој обид е неуспех и продолжува да наоѓа начини како да го направи тоа совршено. Но, кога ќе го постигне тоа, нејзиното тело го достигнува совршенството. На тој начин, кога го уништуваме телото како синоним за нешто материјално, замисленото јас или душата, останува да живее. Тоа е уметникот. Тоа е делото на уметникот, што извршува влијание брз другите, односно врз масата, онаа што ја поттикнала таа опресија – изјави Петрески на промоцијата.
Користејќи ја наративната техника „тек на свеста“, преку внатрешните монолози и конфликти на главниот лик – современа, угледна жена, која е осамена и суицидна – се преплетуваат приказните на изневерената Силвија, безнадежно вљубената Дора и страдалничката Ева и се отвора еден богат феминистички книжевен ареал, што му додава вредност на овој дебитантски роман. Оваа техника ја има користено и славната писателка Вирџинија Вулф, која има извршено големо влијание врз творештвото на Љупчо Петрески. Авторот вели дека нејзиното присуство може да се насети речиси на секоја страница од неговото дело.
− Техниката „тек на свеста“ можеби не почнала со Вирџинија Вулф, но сметам дека таа вистински ја оживеала во своите дела. Таа ѝ дала душа на оваа техника. Оваа техника е најприсутна во нејзините славни романи „Кон светилникот“ и „Госпоѓа Даловеј“, а особено во „Бранови“, кој е ненадминат роман кога станува збор за „тек на свеста“. Оваа техника му дава нова поеластична и поетска форма на прозниот текст. Со неа читателот е во можност да влезе и во најмрачните и најинтимните мисли на ликовите, а формата на текстовите не е ниту вербална ниту целосно текстуална. Го има лирското во себе, а лирското е и она најинтимното нешто што може еден да го создаде автор. Оваа техника ја користам во овој роман затоа што „тек на свеста“ нуди интроспекција за анализа, можност за извлекување заклучоци и навраќања... Покрај Вулф, мајстори на оваа техника се и Жан Жене и Марсел Пруст, а би ја споменал и бразилската писателка Кларис Лиспектор, која творела под влијание на Вирџинија Волф − рече Петрески.
Идејата за романот „Лазарка“ се родила пред десетина години кога почнал да го чита „Целосниот дневник на Силвија Плат“. Како што пополека навлегувал во нејзиниот свет, ја почувствувал нејзината потреба од безусловна љубов ослободена од наметнатата позиција на жената.
− Овој краток роман го следи животот на една сосема обична жена, пренесен низ сеќавања, внатрешни монолози, а со многу малку дијалог, сѐ со цел да се укаже на потребата од дијалог со Другиот – со оној чијашто смрт (која звучи страшно) се доживува како ништо страшно. Овие настани се испреплетени со последните мигови од животот на уште неколку други личности (Силвија Плат, Дора Карингтон и Ева Браун) кои ја надополнуваат потребата за меѓучовечкото разбирање во современото општество. Целиот роман е сложувалка – на микроплан тоа е сложувалка од сеќавања на главната хероина, а на макроплан тоа е сложувалка во иста боја, мирис и вкус – истакна тој.
„Лазарка“ е и Силвија Плат и Дора Карингтон и Ева Браун и сите други женски ликови кои преку алузии и директни цитати упатуваат на силни авторки и уметници, жени кои се бореле да излезат од сенката и од доминацијата на нивните машки партнери, а истовремено да востановат рамноправен поредок во нивните односи.
Книгата беше претставена во рамките на промотивната акција Недела со добитниците на наградата „Пегаз“ за 2020 година. Во вторникот, на 29 јуни, се одржа и онлајн-промоцијата на другата книга-победник, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски.
Романот „Лазарка“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.
Целата онлајн-промоција на книгата „Лазарка“ можете да ја погледнете на следниот линк: