„Секој се снаоѓа како знае и умее, но секогаш главна цел ни е ученикот“: Интервју со професор Наташа Ацевска

„Секој се снаоѓа како знае и умее, но секогаш главна цел ни е ученикот“: Интервју со професор Наташа Ацевска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Порано оваа недела со вас накратко ги споделивме личните ставови на неколку професорки во врска со онлајн настава, кои воедно беа најава за тоа како тие се снаоѓаат во овие нови околности во однос на образование.

Една од нив беше професорката по Македонски јазик и литература, Наташа Ацевска, која предава во СУГС „Георги Димитров“. Како што секој човек се адаптира на постоечките услови и професорите полека се навикнуваат на новиот начин на работа, истакнува таа, но исто така ни откри и како учениците реагираат на сево ова и колку тие одговараат на сите задолженија кои им се дадени.

# Како се навикнавте на новиот начин работа? Лесно ли беше таблата и кредата да се заменат со компјутери?

Човек се адаптира на постоечките услови, па така и ние полека се навикнуваме на новиот начин на работа. Од оваа ситуација можеме да ги извлечеме позитивните, но и негативностите на далечинското учење. Ние и досега применувавме ИКТ во наставата, но ова наметнува еден поинаков пристап кон учењето. Наставниците за да можат да ја реализираат наставата сега им е потребно многу повеќе труд, време, вештини и средства за работа. Технички не секој од нас е подготвен да реализира вистинска онлајн настава бидејќи за неа потребен е соодветен компјутер, интернет и вештини за користење на истата. Ние не сме следеле обуки за онлајн настава, оценување или за компјутерски наставни алатки, па затоа сè е оставено на нашиот ентузијазам. Секој се снаоѓа како знае и умее, но секогаш главна цел ни е ученикот. Сигурна сум дека секој од нас го дава својот максимум во начинот на пренесување на знаењата во оваа специфична состојба. 

# Колку овој принцип на работа добринесува за ефикасна едукација на учениците?

Ефикасната едукација несомнено бара интеракција која не може да ја замени ниту една онлајн настава. Повратната информација од ученикот не е комплетна бидејќи сега меѓу заемниот однос наставник - ученик стои компјутерот. Насочувањaта на наставникот во голем дел од наставата ги има, но тие не се непосредни како на самиот наставен час туку сè е оставено на сосвеста на ученикот. И покрај појаснувањата и предавањата на платформите за он-лајн учење сепак повратноста не е на ниво на кое треба да биде. Единствениот начин за оценување на стекнатите знаења кај учениците се он-лајн тестовите во кои не се застапени сите критериуми за оценување и се разбира дека секој од нас ги нема потребните ресурси. Иако мислевме дека учениците имаат големи вештини во користењето на компјутерот сепак од оваа ситуација може да се воочи дека тие се на едно основно ниво. Имаат проблем со читањето со што ги потврдивме ПИСА резултатите. Голем дел од учениците основните информации кои им се дадени делумно ги разбираат со што се отежнуваат инструкциите. Моето искуство од изработените онлајн тестови на дадени теми покажува дека постигнатиот успех е идентичен како и во редовната настава. 

# Каков е фидбекот од учениците? Има ли интерес за онлајн наставата и колку задолженијата што им ги давате се квалитетно и внимателно обработени?

Учениците се соочија со еден нов вид на настава од која се надевам дека ќе излезат со јасна слика за значењето на секојдневната настава и училиштето. Зададените задолженија секогаш мора да имаат јасна цел и да знаеме што сакаме да постигнеме со нив. Тие одговараат на сите задолженија, но мислам дека и ним им недостасува сигурноста на повратната информација која ја добиваат на редовен час. Редовно се вклучуваат на договорените он-лајн часови и зададените задачи ги извршуваат, но сега се наметнува дилемата дали ученикот сам ја сработил зададената задача или ја работел колективно. За жал, кај нас сè уште е важна формата , а не содржината т.е. да имам сработено, но не е важно колку добро е тоа сработено, па оттука задолженијата се сработуваат, а нивниот квалитет зависи од самиот ученик и неговата перцепција за придобивките од знаењето. 

# Кој е вашиот став за целокупната ситуација, дали мислите дека оваа година е пропадната?

Сметам дека годината беше веќе одмината и оној дел од наставните содржини што преостанаа ќе успееме да ги реализираме. Во оваа ситуација е многу важно ние како наставници да знаеме да го изделиме она што на учениците ќе им биде потребно во понатамошниот образовен процес. Наставата не треба да ја сведеме на минимум ниту пак да одиме во крајност со оценувањето, па така да се девалвираме себеси или да си придадеме важност. На, сето ова треба да му дадеме смисла, да го вреднуваме од различни аспекти и да бидат задоволни и двете страни. Да се вреднува трудот на наставникот кој вложува натчовечки напори и работи многу повеќе отколку во самата редовна настава и секако и на ученикот кој се труди да ги реализира зададените барања и да постигне повисоки резултати. 

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: