Со Работнички се надеваме на финале: Горан Славков, поранешен одбојкар и тренер
За одбојката како спорт, за предностие од секојдневната
физичка активност, но и за бенефициите од тренирањто одбојка особено во
тинејџерските години поразговаравме со еден од тренерите на ЖОК Работнички - Скопје –
Горан Славков. Тој освен што даде одлични совети за сите оние кои сакаат да се
занимаваат со овој спорт, ги откри и последните успеси на пионерките од овој клуб за кои се надева дека ќе успеат да го освојат финалето на Пионерското првенство.
# Знаеме дека во тинејџерските години физичката активност е важна за правилен раст и развој, по општо зошто е добро секој тинејџер да се занимава со спорт, поконкретно со одбојка?
Одбојката е динамичен, неконтактен тимски спорт базиран на интересна, креативна и натпреварувачка игра. Одбојката е спорт кој развива низа способности и особини што се од големо значење за развој на здрав организам. Генерално, според статистиката, одбојката е повеќе примамлива за жените отколку за мажите. Како и кај повеќето спортови, бенефитите од практикувањето на одбојката се повеќекратни по телесното и менталното здравје. Според неофицијалните статистички податоци, 95% од денешните деца имаат почеток на телесни деформитети (рамни табани, слаби мускули кои го држат ’рбетниот столб, неразвиена моторика на движења…) кои не се поврзани со наследниот фактор туку со влошениот начин на живеење. Како што детето мора да научи да зборува, тоа мора да научи и да ја развива својата моторика. Практикувањето на одбојка поттикнува работа на останатите физиолошки процеси во организмот. Освен тоа, одбојката има големо влијание на емотивниот развој на детето – развој на чувство за самодоверба (детето ги совладува препреките кои во почетокот не успевало). Одбојката е спорт за секого и рекреативно може да биде добра друштвена игра, практикувана во текот на целата година. Особено популарна е одбојката на плажа, каде и не се бара посебна подготовка или пак точно утврдена екипа како што наложуваат правилата. За професионално практикување на овој спорт, сепак, се потребни одредени предиспозиции, како телесни така и ментални, но со добро утврдени тренинзи и со стручно водство потенцијално секој од нас може да биде добар одбојкар. Активностите на одбивање и додавање на топка, карактеристични за одбојката, се често корисни како вежби за превенција и исправање на деформитетите на ’рбетниот столб.
# Кои се придобивките од овој спорт?
Одбојката дoпридонесува во општиот и специфичен биомоторички развој, во развојот на моторните навики и знаењата карактеристични за одбојката како и во формирање позитивни морални и волни особини. Овозможува корисна, здрава забава и разонода, како и заштита од негативни влијанија. Правилното држење на телото е важно за физичкиот, но и за психичкиот здравствен статус. Повеќето движења во одбојката придонесуваат за симетричен развој на мускулатурата кај оние што го практикуваат овој спорт. Не случајно се препорачува на родителите чии деца имаат проблеми со неправилно држење да се занимаваат со одбојка. Одбојката дава можност за докажување на сопствените способности преку спортот, дозволувајќи афирмација на сопствениот идентитет, социјализација и доживување на одбојката како одличен избор за исполнување на сопственото слободно време. Одбојката е аеробен спорт, па, во согласност со ова, е одлична за сите оние со вишок телесна маса бидејќи го поттикнува топењето на масните наслаги.
# Кажете ни нешто повеќе за ЖОК Работнички - Скопје, колку членови брои и во кои категории се поделени?
ЖОК Работнички - Скопје е женски одбојкарски клуб, во кој членуваат девојчиња од 10 -18 години. Во зависност од возраста и должината на тренажниот процес, се поделени во одделни групи и тренираат со квалитетни и познати тренери. Со полнолетство, одредени играчи преминуваат во сениорскиот тим. Инаку клубот се натпреварува во сите категории под капа на Одбојкарска Федерација на Македонија и тоа: пионерки,кадетки и младинки(млади категории) и сениорки.
# Колку девојки членуваат во екипата и на која возраст се?
Пионерската екипа на ЖОК Работнички брои16 девојчиња и се родени 2004 и 2005 година и во пролетниот дел од првенството ќе се приклучат и две девојчиња родени 2006 година кој што ќе бидат носители на пионерската екипа од наредната година. Повеќето од овие девојчиња тренираат веќе 4 години заедно иако се од различни делови на Скопје.
# Кои се последните успеси на одбојкарките - пионерки на ЖОК Работнички - Скопје?
Пионерско првенство на Македонија се игра турнирски до формирање на први 16 екипи, а потоа се игра по пат на елиминација. Минатиот викенд имавме турнир во Кичево (втор турнир), каде имавме натпревари против екипите на Валандово и Македонија-Макс од Струмица кој ги победивме со резултат 2:0, додека првиот турнир се играше во Тетово, против екипите на Бами-Кор од Тетово 2:0 и против Кичево 2:0 во наша корист. Третиот турнир се игра во Валандово и се надеваме дека и од тој турнир ќе се вратиме без изгубен сет. Во иднина се надеваме да стигнеме до финале, но тоа зависи од многу фактори. Тренери на екипата се Горан Славков и Димитар Ѓатовски, поранешни играчи и едуцирани тренери. Играчи во пионерска категорија: Aња Панова, Кала Дренковска, Елеонора Ковачевиќ, Ева Алексиќ, Миа Бајрактарска , Анастасија Стевановска, Јана Поповска, Дарија Мишковска, Ева Ставрева, Јана Бужаровска, Миа Илиева, Мила Јовановска, Јована Славкова и Елена Андонова.
# Колку е потребно талент, а колку работа за да се биде успешна одбојкарка?
Во минатото за секое дете кое било талентирано за одреден спорт,се предвидувало дека ќе има успешна иднина со високи дострели и резултати. Во денешно време, каде се се одвива со голема брзина, талентот е речиси занемарен и сите стручни лица во областа на спортот велат дека талентот е само 5-10 проценти за да се стане врвен спортист. Остатокот односно 90-95 проценти, се должи на работа и само работа.Тоа значи секојдневно усовршување и повторувањата да прераснат во рутина. Секако на ова се надоврзуваат и фамилијарните односи, социолошкиот момент на индивидуата, храната и друго.