ТикТок профилот ми е карантински новитет, кој ми дава креативни идеи: Интервју со Александра Јанева

ТикТок профилот ми е карантински новитет, кој ми дава креативни идеи: Интервју со Александра Јанева

Објавена во: Stars // Интервјуа

Музиката е дел од нас секогаш и секаде, не само за време на ноќните забави и фестивали, истакна младата поп пејачка Александра Јанева. Таа истакна дека веќе подолго време не е заљубена, но карантинот сепак лошо влијаел на љубовта, но е свесна за состојбава и не дозволува тоа да и создава главоболки.

Јанева ни го откри и своето ново хоби и со која игра поминала најмногу време во овие карантински денови.

# Како поминува еден ден во изолација на Александра Јанева?

Секојдневните активности кои ги имав и пред изолацијата, ги изведувам и сега. Од неодамна имам ново хоби, на кое што посветувам поголем дел од времето - свирење на клавинова. Продолжив и со функционалните тренинзи, кои сега се одвиваат онлајн, со вежби приспособени за домашни услови. Навечер, кога е најтивко, сакам да читам нешто или да гледам филм. Но, ако треба да издвојам едно нешто што ќе го одбележи овој карантин, тоа со сигурност ќе биде „Не лути се човече“ - играта на фејсбук. Саати, денови се во прашање.

# Студент си на факултетот за стоматологија, како се одвиваат и дали се одвиваат предавањата?

Да секако, секоја недела се прикачуваат новите предавања, што се однесува до теоретскиот дел. Некои професори држат и онлајн предавања, се со цел да не се изгуби интеракцијата меѓу професорот и студентите и подетално да се разјасни материјата во целост. Практичните вежби се прекинати на одреден период и не сум сигурна дали некогаш ќе се надоместат и дали тоа ќе го даде истиот ефект. Во секој случај, имаме многу време и доволно ресурси на располагање.

# Како млада дама, како домашната изолација влијае на љубовниот живот?

Лошо! (се смее). Мислам дека комплетно заборавив на тој тип на љубов откако сум во изолација. И да помислам, знам дека не може да се оствари, па затоа не си задавам непотребни главоболки. Ако си пуштам да гледам некој романтичен филм, што многу ретко се случува во нормални услови, е тогаш сум во некоја мини-криза кога ми фали љубовта.

# Заљубена ли е Александра?

Веќе подолго време, за жал, не.

# Велат дека и по олабавувањето на мерките, сепак подолг период ќе треба да држиме социјална дистанца, како ќе влијае тоа на ноќните журки, на свирките/настапите?

Летото и убавите сончеви денови се пред нас и веројатно тоа ни влева малку оптимизам дека броиме ситно до веселите моменти и дружби. Секојдневно ги следам новите препораки од експертите и верувам дека наскоро ќе ги добиеме конкретните насоки кон кои ќе мора да се прилагодиме за да не дозволиме брз нов пик. За жал, масовните настани и собири беа оние кои први се одложија, а веројатно е дека и последни ќе продолжат да функционираат. Верувам дека во периодот кој следува ќе ни се вратат мал дел од акустичните настапи со кои би се исполниле препораките за социјално растојание. Во меѓувреме правам подолгорочен план за алтернативни начини на дружење со публиката. Музиката е дел од нас секогаш и секаде, не само за време на ноќните забави и фестивали.

# Ги забавуваш ли по дома со твоја песна?

Уф! Дома сум неразделна од мојот електричен клавир. Задолжително го носам со мене во самоизолација.  Како и секој почетник, мора да поминат часови и часови во вежбање кои и не се баш најзабавниот дел од процесот. Моментално сум во таква фаза кога го истражувам инструментот и сакам да навежбам сè и сешто. Сето тоа во комбинација со половично пеење и не е така интересно за слушање.  Но, затоа одвојувам неколку часови неделно за снимање лајв концерти или кратки видеа на социјалните мрежи, каде што се трудам да го дадам најдоброто од себе и да не се штедам воопшто.

# Што најмногу ти недостасува од времето пред задолжителната домашна изолација?

Обожавам вечерни прошетки, особено на пролет, кога природата е во цел свој цут и сјај. Ме рестартираат и ми ја даваат потребната енергија за новиот ден. Задолжителната изолација ни налага дневни прошетки кои ретко успевам да ги практикувам. Првиот ден без полициски час сигурно ќе направам дооолга прошетка! Ми недостигаат настапите, ми недостига енергијата на публиката. Ми недостигаат прегратките од блиски пријатели.

# Идни планови, на музичка план, што ново да очекуваме од Александра Јанева?

Само недела дена пред да започне домашната изолација, јас се наоѓав во студио, работејќи и склопувајќи различни идеи, кои за неколку месеци верувам ќе прераснат во нови музички проекти. Колку и да беше непредвидлива и голема промена соочувањето со овој вирус, мислам дека поготово нам, артистите ни направи еден вид на услуга. Ни го врати изгубеното време и ни ја даде изолацијата која знае да ја разбуди во голема мера креативноста и да создаде бура од инспиративни идеи.

# Тешко ли ти е да се негуваш сама во ова време на пандемија на Ковид-19? И како се негуваш?

Одлучив самоизолацијата да ја поминам во два дела, пола во Скопје и пола во Струмица. Така, првата половина од карантинските денови немав друг избор и морав целосно да ги активирам сопствените кулинарски способности и вештини. Се обидував да ги извршувам сите дневни вообичаени активности, само прилагодени во затворен простор. Среќна сум што во агендата вклучив активности за кои подолг период наоѓав оправдувања.Сега сум во Струмица, на вториот дел - заслужен одмор. После подолго време, пандемијата ми овозможи да се вратам на домашна нега. Заборавив на кујната во првиот момент кога стапнав дома. Неверојатно е колку таа „задача“ им причинува задоволство на моите. Дома си е дома.

# Што смени кај тебе коронавирусот?

Можеби нема значителни промени, само драстично го забави темпото на живот. Никаде не брзам, а тоа ми е големо олеснување.  Вирусот целосно ми ја стопираше рутината за проби и настапи со бендот. Малку рокови за постигнување, а многу слободно време кое го минувам сама со себе и за себе. Без разлика што сме дома, никогаш не треба да дозволиме да ни биде досадно. Треба само да погледнеме на полицата кај подзаборавените книги и ете ни различен ден! А да, ТикТок профилот ми е карантински новитет и платформата секојдневно ми дава некои креативни идеи.

Н. Миланова

Може да ве интересира:

Откритие во полициски час: Александра Јанева сподели од кој го има наследено талентот

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: