Успех од светски размери: 20-годишна девојка од Македонија се најде на листата на Форбс во категоријата социјално влијание
Ангела Бушеска е млада девојка од Струга, која имавте можност да ја запознаете минатата година на Хаштаг. Зад себе има многу освоени награди и признаниja од светски размери, а особено се издвојуваат наградата „Wonder“, која ѝ била доделена од Шон Мендес и наградата во чест на принцезата Дајана.
Воедно е дел од листата на светски тинејџерски лидери, организирана од гитаристот Најл Роџерс, кој е основач и креатор на организацијата „EnRoute“, а од неодамна е дел и од листата „30 под 30 години“ на магазинот Форбс во категоријата социјално влијание.
Ваквиот успех се должи на нејзиното одлично координирање и основање на непрофитната организација преку која ја промовира нејзината мобилна апликација „EnRoute“, која го мери количеството на јаглерод што се емитува преку секојдневните активности.
Минатата година ни откри од каде дошла до идеја да стане основач и креатор на организацијата „EnRoute“ и за што точно се заложува истата:
„Главната инспирација за нејзиното создавање дојде од самата пандемијата. Иако пандемијата е катастрофа од светски размери - сите се бориме против неа преку минорни нешта како што се носење на маски и миење раце. Од друга страна, најголемиот предизвик кој ја напаѓа Планетата Земја пред нас се климатските промени. Бидејќи не сакаме да преживуваме уште една ваква криза, си помислив зошто да не го направиме истото и не ја искористиме моќта на секојдневните активности.
EnRoute ни овозможува да ги намалуваме CO2 емисиите додека ги исполнуваме нашите секојдневни потреби. Преку неа може да се информираме колку CO2 емисии спасуваме со различни превозни средства и што се крие позади нашите омилени брендови. Самото име EnRoute - што во превод значи „На пат“ - ја крие симболиката на менување на светот додека сме во движење.
Оваа идеја за првпат почна да се развива во април 2020 година кога работев на истражувачки натпревар организиран од „Volvo“ и „New York Academy of Science“. Иако денес имаме освоено над 15 интернационални награди, на тој натпревар не се најдовме помеѓу победниците. Нашата упорност во изминатите 18 месеци е уште еден доказ за сите убавини кои можат да се случат само ако не се откажеме и веруваме силно во нашата цел.“
фото: Принтскрин / forbes.com