За Јана и нејзината битка со ракот и ФЗО
Во рамките на големата хуманитарна акција за лекување на Јана Арсовска од Охрид, во сабота 12-ти октомври од 19:30 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде одржан хуманитарен концертпод мотото „ЗАЕДНО ЗА ЈАНА“ на кој ќе настапат Фолтин, Камелеон, Ѓоко Танески и Владимир Четкар.
Цената на влезницата е 300 денари, а сите собрани средства ќе одат на сметката за лекување на Јана.
Во рамките на првиот месец од кампањата за собирање средства за лекување на Јана, на сите сметки (банкарските денарска и девизна, броевите за донации преку телеком операторите и интернет донирањето на gofundme.com/hopeforjana) собрани серечиси 80.000 евра, додека пак цената на целокупниот третман во Барселона чини 213.329 евра. Болницата во Барселона, која се согласи да ја лекува Јана, не прифаќа аванс за почеток на терапија, туку бара истата да биде исплатена во целост пред почетокот на лекувањето. Токму затоа акциите за донации мора да зачестат и да добијат на поголем обем.
Јана Арсовска (33) од Охрид е болна од многу редок карцином, адултен неуробластом во рамките на чие лекување двапати беше трансплатирана со коскена срж (2016 и 2018 година) со поддршка од ФЗО на Република Македонија.
По втората трансплатација специјалистите од клиниката во Фленсбург, Германија, каде Јана беше лекувана препорачаа итно продолжување на лекувањето со имунотерапија, нешто што беше одбиено од Фондот за здравствено осигурување. Дополнително, од страна на ФЗО не и беше понудена никаква алтернатива за третман на болеста и покрај одбивањето на итното барање на германските специјалисти, кои неколку пати нагласија дека без имунотерапија животот на Јана е сериозно загрозен.
Токму поради тоа Јана е веќе 10-ти месец без терапија, а донаторската акција во моментов е единствената надеж дека ќе успее да ги собере парите за терапијата која е докажана со децениски истражувања и е станата дел од стандардните протоколи за лекување на оваа болест во сите развиени земји во светот.
Хуманитарниот концерт во Охрид е само еден од настаните преку кои одговорните граѓани во Македонија наоѓаат начин како што побргу да и помогнат на Јана да ја добие шансата која ја заслужува. Изминатите 10 месеци поминаа во чекање на човечност, хуманост и почитување на законите од институциите кои потфрлија и ја оставија на немилостa на опасниот и редок канцер, односно на милоста на хуманите и одговорни граѓани, индивидуалци, групи и компании.
Останатите начини за донирање во секој еден момент се преку мобилните оператори Т-Мобиле на 143 -143 и преку А1 на 143-467. Донации преку денарска жиро сметка може да се уплатат на 5305-0001-0490-410, Охридска Банка а сметката за банкарски уплати од странство е IBAN:MK07530280003077681 , SWIFT: OHRDMK22. Преку интернет може да се донира на страницата gofundme.com/hopeforjana.