За Влад и Ники лудува целиот свет: Браќата на Јутјуб имаат 56 милиони следбеници
Влад и Ники Вашкетов се Јутјуб ѕвезди по кои лудуваат децата од целиот свет. Момчињата на оваа платформа се појавија во 2018 година, а своите видеа ги споделуваат на 16 канали, преведени на 13 јазици. Темите на кои работат се интересни за децата од предучилишна возраст, но за основниците од пониските одделенија.
„Момчињата гледаа видеа од други деца на Јутјуб и посакаа да го прават истото. Имаат заразна насмевка, па мојот сопруг, Сергеј и јас, се запрашавме, зошто да не? Сергеј почна да ги снима за викенд кога не работеше и така започна сѐ“ - откри во разговор за магазинот „People“ Викториа, мајката на момчињата.
Признава дека на почетокот не очекувале нивните синови да станат толку популарни. Како што им растела публиката, така и нивното знаење за продукција, монтажа и посебни ефекти било сѐ побогато.
„Започна како забавна семејна активност и се претвори во семејно хоби. Влад и Ники го претставуваат нашето семејство. Фантастично е што си играме, заедно уживаме во работите и развиваме емоции додека снимаме“ - додава мајката, која има и едногодишен син, Кристиан.
Некои од најпопуларните видеа на овие весели браќа имаат и повеќе од 500 милиони прегледи.
„Единствени се бидејќи се иновативни, љубопитни и неверојатно активни“ - смета мајката која истакнува дека целта им е да ги инспирираат другите семејства за да го разбудат авантуристичкиот дух кај своите деца.