За време на карантинот интернетот го користев паметно: Младата Емилија за соработката со музичарите од Еквадор
Карантинот некои луѓе го искористија на најдобриот можен начин, а на други им влијаеше негативно. Младата пејачка Емилија Трајкоска се вбројува во првата група на луѓе, бидејќи овој карантин го искористи така што поработи на музиката и на промоција на својот талент.
Имено, таа за време на карантинот оствари соработка со музичари од Еквадор со кои се уште прават кавери со кои се трудат да ја освојат публиката. За оваа соработка поразговаравме за неа, а таа за Хаштаг откри како се споила со овие музичари, но ѝ ни откри што добила од оваа соработка.
# Карантинот беше одличен за склопување на нови соработки, а со една таква можеш да се пофалиш и ти. Како успеа да се споиш со музичарите од Еквадор?
Карантинот беше одличен период за соработки, поради слободното време ни овозможи простор за креирање. Започнав со „кавер верзии“ на песни преку онлајн соработка со други наши музичари, но оваа„серија“ на преработки случајно се прошири и на интернационален план. Најзначајна соработка ми е соработката со професионални музичари од Еквадор. Имено, Хуан МаГузман е мој познаник од Еквадор и иако сме од сосема различни страни на светот имавме можност да се запознаеме на едно талент шоу дури во Бугарија. Добив порака од него, да направиме дует и тоа за песна на шпански јазик. Тој моментално се наоѓа во Амстердам каде што живее и работи и воедно се занимава со музика.Првата преработка излезе одлично и не очекував дека ќе добиеме толкава подршка.Сега за сега на број се 3 епизоди, четвртата е во изработка.
# Колку си задоволна од фидбекот и од она што го постигнавте заедно?
Во најновата епизода вклучен беше цел бенд и тоа сите членови беа од Еквадор. Навистина ме радува што имаме позитивен одзив од страна на слушателите. Многу пријатели на момците од бендот станаа и мои пријатели, претежно од Еквадор. Колку и да добиваме пофални зборови, сепак ние ова го правиме од лична сатисфакција и упатуваме порака дека „Музиката не познава граници“ и дека интернетот паметно го користиме.
# Кој кавер би можела да го издвоиш како омилен од оваа соработка?
Сите кавери ми се омилени, бидејќи за секоја песна се чуствуваше различна енергија и имаше различна приказна. Иако епизодите ќе се множат, сега за сега би ја издвоила „Dance monkey“ како една од најзабавните, иако последнава е уште поритмична песна.
# Што е она што го погдотвувате следно?
Како што напоменав се подготвуваат уште кавери, при крајот на оваа недела следи уште еден кавер на шпански јазик од една добро позната светска ѕвезда. Со секоја песна излегуваме од „комфорт“ зоната и даваме различни примеси во пеењето.
# Кои беа позитивните работи од оваа соработка?
Како една од најпозитивните работи што се случила периодов ми е оваа соработка. Ги проширив познанствата, успеав да бидам слушната дури во Еквадор. Сите ме прашуваа каде е Македонија и ми упатија сознание дека во прва прилика би дошле во нашата земја. Но, најважно од сé, си го исполнив слободното време.
# Кога ќе може да слушнеме авторска песна од Емилија?
Пеењето ми е хоби, кое што го негувам покрај доста споредни работи во мојот живот. Најубавите нешта се случуваат кога најмалку очекуваме. Така ќе биде и за мојата прва авторска песна. Го чекам вистинскиот момент за да изненадам.
# Каква кариера би си посакала, имаш ли некој репер?
Сите имаме свои соништа, така и јас во однос на мојата музичка кариера. Но, секогаш се различни очекувањата од реалноста, за жал тоа е животот. Ова е работа која што ја правам од љубов и верувам дека колку повеќе вложувам во истата толку повеќе нашата врска ќе биде појака. Кога збориме за идоли Бијонсе ми е една и незаменлива и кој не би посакал да биде на нејзино место.
И.М.