Дино, сопственикот на најпознатото куче на Инстаграм: „Досега немам спонзорирано ниту еден пост од Оги“!

Дино, сопственикот на најпознатото куче на Инстаграм: „Досега немам спонзорирано ниту еден пост од Оги“!

Објавена во: Stars // Интервјуа

Дино Дамјановски е сопственикот на ОГИ, најпопуларното куче на социјалните мрежи од Македонија. Со над 30 илјади следбеници на Инстаграм и константно зголемување на истите, Оги секојдневно ги разнежнува своите обожаватели. Дино, неговиот најверен пријател, се грижи за неговиот профил, а за hashtag.mk ја откри нивната приказна, но и многу интересни моменти од секојдневниот живот на Оги.

# Како е да се биде сопстевник на најпознатото куче на Инстаграм?

Хаха, многу сериозно започнаа прашањава. Дали е најпознато или не, сигурен сум дека секое милениче е светла точка во својот дом, нов член на фамилијата, а јас се чувствувам исто како и секој друг кој чува, негува и му посветува внимание на својот најдобар пријател.

 # Како Оги стана дел од семејството на Дино?

Секој што ќе ме праша ја кажувам приказнава... (не дека е некоја приказна ). Инаку мајка ми го донесе дома, таа беше и најголем противник на кучиња (во првиот обид да имаме куче пред 15 години, го врати назад со изговор дека „леглото било заразено и болно”). На крај едноставно се случи, мајка ми и татко ми го донесоа Оги, кој стана член на нашата фамилија, секаде е со нас, му ги прославуваме сите родендени итн. На мајка ми сега не и е проблем ни кај неа во кревет кога спие.

# Зошто името Оги?

Кога дојде дома, го видов и едноставно се викаше Оги.

# Како дојде до идејата да му отвориш профил на Инстаграм на твоето милениче?

Да бидам искрен, идејата не беше моја. Јас и Оги имаме еден заеднички другар – Бубац, кој го виде потенцијалот на Оги, тој му ја отвори неговата Инстаграм страна и рече ќе направиме 50K (followers).

# Во мода се јутјуберите и Оги има свој јутјуб канал, па мислиш ли дека еден ден би ги „победил“ сите во бројката на следачи со неговите  вештини?

Па мислам дека не, знам дека денес помеѓу младите многу е модерно да си ЈуТјубер или поточно кажано “влогер”. Сепак мислам дека содржината на нашите профили е различна од тоа што го бара публиката на ЈуТјуб, повеќе сме насочени на другите социјални мрежи, односно Инстаграм и Фејсбук.

# Како на Оги му започнува денот, класично, како на секое куче со прошетка или имате некои други ритуали?

Па имаме неколку видеа баш како Оги го започнува денот, односно како и секој нормален човек... со топло нескафе, после кафето ќе проработат цревата и на крај во тоалет се дружиме со весникот.

# Што најмногу сака да јаде?

Оги се храни со кучешка сува храна, но ужива во пилешко стекче или риба кога ќе му зготвам само за него. Иначе не пропушта прилика кога некој јаде, застанува на 2 нозе, освојува со очите, а притоа освојува и некое залче, едноставно се снаоѓа.

# Зошто носи црвена марама? 

Немам некоја идеја зошто баш црвена, најверојатно сум ја купил и кога ја облекол му стоела исто како и сега, а му стои топ. Па затоа сега имаме едно 10тина за „пресоблекување”.

# Оги ги има најоткачените фотки на Инстаграм , тешко е ли да застане пред фотоапаратот и колку фотографии правиш пред да ја објавиш онаа најуспешната?

Баш ми е мило што мислите така. Можам да кажам дека воопшто не е лесно цело време да црпиш нови идеи, а притоа да бидат уникатни и различни  од предходните. Некогаш тоа доаѓа и во самиот момент, а понекогаш знам да седнам и со пенкало да запишам некоја видео режија па некој друг ден да ја разработам. Затоа главниот актер за време на сетот секогаш ги олеснува работите за да се реализира тоа што е планирано. Оги едноставно има таленат.

#Како реагираат кога ќе го препознаат Оги на улица, се случува ли да сакаат да се фотографираат со него?

Па да се случува, има доста луѓе што го препознаат на улица, можеби и се сликнат со него и искрено мене ми претставува задоволство што е тоа така.

# Кој е Оги низ бројки – следбеници, посети, лајкови?

До сега публиката и посетителите на профилите на Оги се во целост реални, односно се е „organic” и досега немам спонзорирано ниту еден пост од Оги. Можам да кажам дека воопшто не е лесно да се достигнат бројките што ги има Оги на своите профили и за тоа се заслужни: добрите содржини, оригиналните идеи и секако, талентот на Оги.

Instagram: 32.4K followers (уште малку до целта 50К)

Facebook: 14.3 page likes ; 14.9 followers

YouTube: 741 subscribers

# Најоткачениот коментар што си го добил на профилот на ОГИ е:

Најголемиот дел од публиката на профилите е од USA, затоа најчесто коментарите се на англиски, а постои еден профил кој коментира скоро на секој пост, се вика Kelly Ryan и секој негов коментар е уникатен и различен. Не знам за кој се работи, но човекот е оригинален:

# Која е најинтересната случка, згода или незгода што ти се случила со ОГИ?

Последната случка беше сега скоро, беше Декември, се поготвувавме сите за празниците и за Нова Година. Јас и Оги се шетавме надвор, иначе Оги секогаш шета без ланче и нема навика да јаде ништо непознато. Сепак Оги видел некое парче храна, не успеал да одолее и ја лапнал. Во храната имаше отров, многу јак отров, на кој веднаш почна да реагира и не би сакал премногу да навлегувам во деталите, но сакам да кажам дека беше тоа најтешкиот момент што сум го доживеал, каде животот на мојот најдобар другар висеше на конец. Сепак приказната има среќен крај, се се заврши добро и Оги сега го живее вториот живот. Моја препорака е дека лоши луѓе има се повеќе и повеќе и труењето на кучиња нема да се намали, барем не изгледа дека некој ќе го спречи тоа во последно време. Сепак ние како сопственици треба да се потрудуме максимално да си ги заштитиме нашите најдобри другари.

#Има ли Оги девојка?

Има да, една во Австралија. Kомуницираат веќе неколку години, ама како и секоја врска преку жица така и на оваа, не и е баш светол крајот.

Б.М.


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: