До 22 години заработи милијарда долари, роди дете, стана кралица на социјалните мрежи: Неверојатниот живот на Кајли Џенер
Таа е ѕвезда на социјалните мрежи, ријалити ѕвезда, модна икона, а до неодамна беше и најмлада милијардерка на светот - бидејќи „Форбс“ ѝ ја одзема титулата - исто така е и најмалата од сестрите од кланот Џенер-Кардашијан, но над сето тоа е мајка на двегодишната Сторми. Нејзиното име е Кајли Џенер и денес најверојатно нема личност од помладите генерации која не знае за неа.
Во денешно време, кога социјални мрежи станаа незаменливи во промоција, но и во создавање на ѕвезда која можеби на друг начин воопшто не би успеала, Кајли Џенер со причина седи на тронот со повеќе од 200 милиони следбеници од целиот свет. Благодарејќи на тоа, профитабилните договори, но и сенсот за бизнис, најмладата сестра Џенер успеа со само 21 година да стане најмладата милијардерка на светот, која со сопствен труд ја има заработено, а таа титула ја „одбрани“ и оваа година.
Но, среќата беше со краток век. Магазинот „Форбс“, кој и ја даде оваа престижна титула, набрзо и ја одзема и тоа откако со лупа ги прегледа сите нејзини договори и трансакции и сфати дека поголемиот дел од нив сама ги има изрежирано за да изгледа подобро од тоа што е, а најверојатно под диригентската палка на својата мајка, Крис Џенер.
Целата приказна започна многу одамна... кога првпат се појави на малите екрани, во првите епизоди на реалното шоу „Keeping Up With The Kardashians“, чии камери од 2007 година ги следат во чекор сите членови на семејството, но и нивните партнери, пријатели итн. Во тој момент Кајли имаше само 9 години и кога ќе ги погледнете нејзините фотографии, пред многубројните зафати, тешко дека ќе пронајдете некоја сличност со нејзиниот денешен изглед.
Кајли Кристен Џенер е родена на 10 август 1997 година како најмлада ќерка на Крис Џенер и поранешниот олимписки победник, Брус Џенер. Инаку, Брус Џенер денес по операцијата и хормонската терапија е жена и се претставува како Кејтилин Џенер. Кајли има и постара сестра, Кендал, како и полусестри од страна на мајка ѝ: Кортни, Ким и Клои Кардашијан и полубрат Роб, а од страна на татко ѝ полубраќата: Бурт, Брендон и Броди и полусестрата Кејси Џенер.
Иако најдоцна од сите влезе во светот на познатите, Кајли всушност ги надмина сите, особено во финансиска смисла. Таа учеше во училиштето Сиера Кањон, во кое како и повеќето американски жени, била во навивачката екипа, но од 2012 година, кога популарноста на целото нејзино семејство ги надмина сите очекувања, тие решија Кајли своето образование да го продолжи од дома.
Да се биде пред камера, но и да си окружен со нив 24 часа секој ден, 365 дена во годината, за неа било нешто сосема нормално, бидејќи екипата на реалното шоу „Keeping Up with the Kardashians“ исто како да спиеше со нив, а сето тоа било така за подобро да и го пренесе на јавноста нивниот живот од секој агол. Популарноста била таква што се создадени дополнителни реални шоуа, кои детално го следеа животот на поединечни членови на семејството - „Kourtney and Kim Take Miami“, „Khloe & Lamar“, „Kourtney and Kim Take New Yоrk“ и „Kourtney and Khloe Take The Hamptons“.
Благодарејќи на таквиот живот, но и секојдневното гледање во деловните подвизи на постарите браќа и сестри, Кајли многу добро знаела што сака, а што не во животот, како и тоа на кој начин да го постигне тоа, најпрво со сестра ѝ Кендал, а потоа и сама. Со Кендал соработуваше на популарната марка на лакови за нокти OPI, од што секоја од нив заработила 100 илјади долари, а во 2013 година најавија дека ќе ја лансираат својата прва колекција под назив „The Kendall & Kylie Collection“ во соработка со PacSunom, а потоа дојде и линијата за накит во соработка со брендот Glamhouse Pascala Mouwada.
Потоа, Кајли отвори профил на eBay, па на аукција ја стави својата стара облека, со цел парите кои ќе ги собере да ги донира во детската болница во Лос Анџелес, а тоа не е единствената хумана работа во нејзиниот живот. Со задоволство секогаш прифаќа покани за хуманитарни акции и сама собира пари за луѓе на кои им се најпотребни. Најверојатно притоа сфатила дека сѐ што го носи нејзиното име се продава добро, па не е изненадувачки фактот што во 2014 година, повторно со Кендал, остварува соработка и дизајнира колекција за обувки и чанти за брендот Steve Madden, линијата Madden Girl, а потоа самата одлучува на пазарот да понуди екстензии за косата Kylie Hair Kouture, направени во соработка со Bellami Hair.
Паралелно со новиот бизнис, Кајли Џенер почна да прави и промени на своето лице, а помеѓу првите беше зголемувањето на усните во 2015 година, што го призна во реалното шоу, иако пред премиерата на таа епизода тврдеше дека визуелно ги зголемува само со молив за усни и кармини. Популарноста на Кајли Џенер тука веќе почна нагло да расте, а нејзините обожаватели го прифатија предизвикот во кој своите усни ги ставаа во мали чаши, се со цел да ја сопрат крвта и на тој начин да ги зголемат усните. Кајли на тој предизвик реагираше со изјавата дека таа не сака никој да охрабрува за да изгледа како неа или да мисли дека треба да изгледа како неа.
Но, не беше таа отсекогаш толку самоуверена. Многу пати во интервјуата зборуваше дека во помладите години од нејзиниот живот, често се шегувале со неа, а тоа особено тешко го прифаќала во пубертетот, кога главна тема биле нејзините тенки усни. На 15 години станала буквално опседната со кармините за усни, веројатно несвесна за тоа дека нејзината несигурност од детството во иднина ќе и донесе милионска заработка и ќе и го промени животот од корен.
Феноменот Кајли Џенер започнува тука. Во октомври 2015 година, повторно со Кендал, креира уште една колекција облека, овој пат за британскиот TopShop, а потоа, само два месеци подоцна, со воодушевување на тинејџерите ширум светот е дочекана веста дека Кајли Џенер ќе лансира кармин за усни со своето име - Kylie Lip Kit. „Постојано ѝ ѕвонев на мама и ѝ зборував колку сум уплашена, прашувајќи дали навистина смета дека тоа ќе се продава, бидејќи во тоа ги вложив сите свои пари, се што имам“ - рече Кајли.
За нејзиниот успех, зборува и фактот што кога кармините биле пуштени на продажба се распродале веднаш. „Во продажба ги пуштивме околу 3 часот попладне, а кога ја освежив страницата, немаше ништо. Помина помалку од една минута. Се беше распродадено во 20 секунди. Бев во шок. Никогаш не мислев дека ќе постигнам таков успех.“
Веќе во 2016 година нејзината козметичка компанија го промени името во Kylie Cosmetics, а производството на кармини порасна од 15 на 500 илјади. Потоа само небото ѝ стана граница. Профитабилните договори и желбата да биде заштитно лице на познатите брендови пристигнуваа со неверојатна брзина, а таа така ја улови чудесната сума на пари.
Во октомври 2017 се најде на 59 место на листата на најплатени личности на „Форбс“, а точно три години подоцна беше прва на листата, оставајќи ги зад себе познатите спортисти како Кристијано Роналдо, но и зетот Канје Вест. На таа листа се најде како најмлада на сите времиња, уште кога имаше 19 години, а минатата година беше прогласена и за најмлада милијардерка на светот која своите пари ги има заработено самостојно, без да ги наследи. Истата титула ја доби и оваа година, но по деталната анализа на финансиите истата и беше одземена.
Потоа дојде соработката со австралискиот бренд за очила за сонце Quay Australia, а потоа и пристигна уште едно големо признание - во 2018 година нејзината компанија продаде мејкап производ во вредност од 630 милиони долари. Веќе и пред тоа продуцентите на реалното шоу во неа видоа огромен потенцијал, па веќе од август 2017 година креираа посебно шоу, само за неа, под назив „Life of Kylie“.
Во меѓувреме го издаде Kylie Skin, во соработка со Balmain, а сето тоа го следеше нејзиниот неверојатен раст на социјалните мрежи, со кои денес апсолутно владее - 179 милиони следбеници на Инстаграм, 24,2 милиони на профилот Kylie Cosmetics и 3,7 милиони на профилот Kylie Skin. На ТикТок ја следат 11,8 милиони, а на Фејсбук 22 милиони обожаватели.
Како и да е, од несигурна тинејџерка, Кајли на 22 години го постигна невозможното - стана кралица на социјалните мрежи, инфлуенсерка чии чекори внимателно се следат и копираат, но и сопственичка на успешен бренд за козметика. Сето тоа го спои со профитабилните договори со бројни брендови кои сметаат дека е најдобро таа да ги претставува, но и со најважната улога во нејзиниот живот - мајчинството.
Имено, во април 2017 година, Кајли ја започна врската со раперот Тревис Скот, а набрзо се дозна и дека парот очекува дете, иако никој официјално не го потврди тоа. Првите фотографии од бремената Кајли се направени случајно, а таа со сите сили се трудеше да го сокрие трудничкото стомаче со преголемата облека на себе. Негирањето на бременоста отиде толку далеку што на Твитер истакна дека и го монтирале стомакот, па бараше од фотоагенциите да ја потврдат нивната легитимност.
Но, фотографиите беа вистински, а на 1 февруари 2018 година, Кајли Џенер го роди ќерката Сторми Вебстер, а истото го потврди со фотографија на Инстаграм, а потоа и со објавата на 11 ипол минутното видео кое го одбележа нејзиното патување низ бременоста, па се до моментот кога стана мајка, а кое го објави на Јутјуб. Со Тревис Скот во меѓувреме ја прекина врската, но договорот кој го направија гласеше дека заедно ќе ја одгледуваат Сторми, па затоа нивниот однос денес е идиличен. Тие за време на пандемијата на коронавирус беа заедно во карантин, по што започнаа гласините дека тие се обидуваат на својата љубов да и дадат нова шанса.
А, како го замислува таа својот живот во иднина? „Кога ќе имам, на пример 30 години, сакам да се тргнам од сѐ, да имам семејство и да живеам на фарма, на која сама ќе одледувам пилиња.“.