Македонката која освои „Златна почест“ во областа на астрономија и астрофизика: Светот допрва ќе слуша Марија Милошевска од Гостивар
Димитар Џорлев од Струмица, минатата година ја освои наградата „Златна почест“ на Интернационалниот натпревар за астрономија и астрофизика IAAC, а оваа година повторно имаме награден од Македонија.
Станува збор за 17 - годишната Марија Милошевска од Гостивар. Таа е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Тетови и се запиша во најдобрите пет проценти во светот во оваа област, а воедно и како втора која ја доби оваа награда од Македонија.
„Се чувствувам исполнето, не само од наградата, туку и од радоста кај најблиските.“ - ни посочи оваа тинејџерка, а потоа ни откри дали постои тајна, кога е во прашање постигнувањето на ваков успех:
„Не станува збор за никаква тајна, само уживање, посветеност и труд во однос на она што го правиме.“
Кај оваа девојка е интересно што сите во нејзиното семејство се занимаваат со професија која нема никаква поврзаност со астрономијата и астрофизиката.
„Семејството ми се состои од правници, доктори, економисти, па сите ме задеваат што не сум како нив. Љубовта кон, општо, природните науки - математиката, физиката, хемијата разгоре кога сфатив дека се јазикот на Универзумот.“ - ни откри Марија, а потоа додаде:
„Најфасцинантно кај астрономијата и астрофизиката, е тоа што ми овозможуваат да гледам кон постоењето од перспектива од која се доловува најпоетското во Универзумот.“
Ова не е единственото натпреварување на кое учествувала, а како најважни ги издвојува следните.
„Натпреварот IYMC (International Youth Math Challenge) каде се здобив со Бронзена почест, натпреварот Fission организиран од страна на American College Sofia, каде мојот проект беше второрангиран, и ASEF(Albanian Science and Engeneering Fair), каде се имам здобиено со Златен и Бронзен медал.“
Секое учество на натпревар од учесникот бара подготовка, а еве колку време ѝ е потребно на Марија да се подготви за еден натпревар од вакви размери.
„Не се работи за периодот на подготовка, туку за начинот. Најважно е да се има фокус и времето да биде добро испланирано, а колку долго би траела подготовката зависи од натпревар до натпревар.“
Сѐ уште конкретно не знае каде ќе го продолжи своето школување, но сигурно е дека сака да се здобие со квалитетно образование.
„Се трудам да се здобијам со квалитетно образование, да се надградам колку можам повеќе, за еден ден да придонесам во проучувањето на Универзумот и разоткривањето на неговите тајни.“
И. Мисајловска