Марија Станојкова: Доста беше отворање на врати со партиски книшки и длабок џеб
Училиштата се затворени, вклучувајќи ги и сите настани кои се одржуваат во нив. Онлајн наставата е во полн ек, а учениците, професорите и родителите полека се привикнуваат на овој нов момент.
Целата оваа ситуација не го спречи ораторскиот клуб на СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“, „Гарда на мудроста“ да ја откаже својата традиционална ораторска вечер. Оваа година таа го прослави своето полнолетсво и истата се одржа по електронски пат.
Учениците се натпреваруваа со своите аудио говори, а истите беа пратени до комислијата составена од членови на Клубот на оратори на Правниот факултет. Досега ви ги претставивме првонаградените говорите на Бисера Шегмановиќ, Ангела Петровска и Теона Илиевска, а сега ви претставуваме уште еден говор. Марија Станојкова е исто така 4-та година и оваа година треба да матурира, а нејзиниот говор може да го прочитате во продолжение.
„Хотел „Северна Македонија“ повелете. Хотел со пет ѕвездички кој навидум Ви нуди беспрекорен престој, неверојатни услуги и претставува идеално место за размрдување на вашиот нервен систем. Хотелот изобилува со три ката, секој си води своја посебна политика. Првиот кат претставува место исполнето со „знаење“. Вториот ни посочува дека потребно е да поседуваме една книшка наречена „подобар живот“ доколку сакаме да успееме понатака, а пак третиот ни докажува дека без материјалот впиен од првиот кат, автоматски хотелот се руши. Предлагам да преминеме во лифтот кој не води низ хотелот.
Прв кат образование. Се отвара лифтот. Наидуваме на долг ходник со две врати. Поминуваме низ толпа на студенти кои го чекаат својот ред пред првата врата за да пријават испит. Гужвата почнува да се расчитува, студентите успешно го пријавиле својот испит. Но, отворањето на втората врата и не е така лесно доколку не го исполниш критериумот. Критериумот кој гласи „длабок џеб, плиток мозок и целта е постигната“. Едно петстотче во џеб и да видите како магично се преминува вратата. Критериумот исполнет, двете стани задоволени и нема никаков проблем. Но, доколку не го исполниш критериумот можеш слободно да ја „бакнеш“ вратата и назад на почетокот. До кога? Додека не слегне петстотче на сметка.
Да побрзаме за да го фатиме лифтот за да преминеме на вториот кат. Повторно гледаме две врати. Едната обоена во сина боја, другата со црвена. Гужва во ходникот, студентите сега се наоѓаат во длабоко размислување пред палетата со бои. Која ли боја да се обојат - сина или црвена? Друга боја и да посакуваат не постои или постои, но не е доволно пигментирана. Затоа најпаметно сина боја на десниот образ, црвена на левиот и одличен избор. Но, прошетката низ хотелот не е сеуште завршена, за крајот останува јаготката на шлагот.
Пристигнуваме во „белиот свет“ во кое и не е се така бело. Е, сега ќе видиме дали инженерот конструирал добра конструкција за изградба на хотелот. Студентите кои го положиле испитот веќе го здобиле статусот на дипломиран инжинер, со диплома во рака, но дали го исполниле своето главче со знаење? Тука наидуваме на мал проблем? Мал проблем? Па и не би рекла, проблемот е доволно „мал“ за да чини нечиј живот. А зошто е ова вака? Петстотчето го заситил егото на професорот, книшката наречена „подобар живот“ помогнала во доставувањето на шлагот, но каде е јаготката, ја нема. Е тука согледувме дека инженерот конструира многу добра конструкција, но залудно кога заборавил своето главче да исполни со знаење. Хотелот се сруши, а знаете ли која е причината? Недоволната длабочина на темелите, темелите наречени знаење.
Доста беше отворање на врати со партиски книшки и длабок џеб. Да не дозволиме повеќе да бидеме шупливи ѕидови. Одбивам да бидам шупливиот дел од овој хотел, сакам да бидам стабилна потпора на нов хотел. Ајде и Вие заедно со мене и да не дозволиме повеќе ова да биде вака. Затоа што живот не е театарска претстава во која што играат другите. Животот е само наш, а правилата на играта? Правилата на играта ги поставуваме, токму ние.“