„Мораме да престанеме да им се додворуваме на западните култури и менталитети“: Ангела Петровска
Училиштата се затворени, вклучувајќи ги и сите настани кои се одржуваат во нив. Онлајн наставата е во полн ек, а учениците, професорите и родителите полека се привикнуваат на овој нов момент.
Целата оваа ситуација не го спречи ораторскиот клуб на СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“, „Гарда на мудроста“ да ја откаже својата традиционална ораторска вечер. Оваа година таа го прослави своето полнолетсво и истата се одржа по електронски пат.
Учениците се натпреваруваа со своите аудио говори, а истите беа пратени до комислијата составена од членови на Клубот на оратори на Правниот факултет. Најуспешна помеѓу сите пријавени беше Бисера Шегмановиќ, која е ученик во 4 - та година во ова училиште. Додека првонаградениот говор зборуваше за „Недојдија“, а оној го освои второто место носи наслов „Балкан“, а истиот го напиша и интерпретираше Ангела Петровска, која исто така е ученик во 4 - та година.
„Тоалетнааа... Ох мори мајко, само за влошки и тоалет хартија не можам да заработам. Типично секојдневие и класична реченица која излегува од устата на еден татко. –Јас сама не ги правев, а горе во спалната соба не ги штампам парите.- ја заредивме и со главната протагонистка уште рано изутрина. Нејзиниот живот претставувал апсурд се до моментот кога на свет не дошле нејзините деца. Нејзината смисла за животот ротира околу нејзините најмили, нејзините најсветли точки во живот, креаторите на нејзините судбински маки.
Денот сеуште не кинисал кон соединување со вредниот, балкански човек, а тебе на порти ти тропа првата кавга. –Побрзо ајдее, роман да не пишуваш?! Ајдеее!!! А ти во тој момент разглобуваш нафтена или бензинова теорема... ставив на први, бев до град, после на журка, кај баба и дедо, таму пуштија 500че... ќе има ќе има... не пријател, ќе нема затоа што заборави дека претходниот месец прегоре сијаличката за резерва. Правите примопредавање на тоалетот, му напоменуваш на татко ти да пушти некој денар за бензин и во тие моменти ги слушаш неговите искрени од душа кажани молитиви “Боже за ова мое дете кога ќе дојде време за мажачка, пушти еден шеик од Катар”. Тоа е таа културно-идеолошка основа врз која се темели едно просечно балканско утро. Балкан... место каде облик на општествено уредување не е комунизмот, социјализмот или пак демократијата која ја скицираат. Наш природен облик на општествено уредување е надреализмот. Тоа се сите оние случки, моменти и сцени во Вашите животи кога не можете да поставите јасна граница помеѓу реалноста и имагинацијата. На пример, се возите во автобус, каде возачот ја притиска педалата до крај, а Вие авантуристички се возите со отворена врата, препуштајќи и се на промајата да се вгнезди во веќе амортизираните зглобови. Надреализам, тоа е онаа традиционална балканска жена, која претставува подвижен жолт печат на нашево поднебје. Или пак страствениот раскажувач кој сликовито додека објаснува, живописно зборува и си придодава за да ја зачини приказната размавтувајќи се небаре е сообраќаец на раскрсница. Ако западниот свет живее за да работи, ние работиме за да живееме. Затоа и сме автентични по нашиот балкански работен морал. Работа до 5, а потоа кафанчето е лек. Е кога сме веќе тука, кај кафаните. Тоа е најчистата институција, таму немате корупција, непотизам и криминал. Никој никого не гледа на криво, бидејќи секој е строго сконценриран на своето чашче ракииче. Луѓето не глумат култура со цел да ги освојат вредностите кои Западот ги поставил како најврвно достигнување и квалитет. Во кафана, балканеците Ви се најреалени и без влакна на јазикот. Тие се весели луѓе, полни позитива на кои им се прекуглава маратонските расправии за власта и опозицијата. Народот е изморен и презаситен од секојдневните случки. Затоа балканците живеат за моментот, се претопуваат во хуморот и доброто расположение. Имате атмосфера во која од душа ги леат патриотските хитови. Бисер Балкански, Едно име имаме, традиционалните Јовано Јованке, Македонско девојче. Може и по некоја српска Несаница, Пукни зоро, Џурџевдан... Од тука сфаќам дека и за во кафана ти треба вистинско друштво, ти треба сплотеност и единство... ти треба човек, со балкан шмек.Оној чие животно мото е репликата од безвременскиот “Викенд на мртовци”- “Сите ќе умрете, некој после, некој сега. Никој не живее вечно”.
Па затоа мили мои балканчиња, не чувствувајте се тесно во рувото балканско. Тоа е уникат, бисер засекогаш недостижен за остатокот од светот. Ајде да го завртиме грбот кон трендовите кои ни ги сервира модерниот свет, да не ја губиме суштината на самите себе, трудејќи се да бидеме нешто што не сме. Да се осврнеме кон нега на личниот идентитет, сопствените доблести и благодети. Мораме да си ги почитуваме сопствените вредности и белези и да престанеме да им се додворуваме на западните култури и менталитети, кои би дале се да преминат на нашето место и ја превземат нашата историја, традиција, нас како појава. Треба да се почитува и усвојува само она што е добро и морално, а не се што е модерно. Затоа спознајте се себе си и не заборавајте, Балканот е центарот на светот.“
Доколку овој говор ви се допадна, во продолжение може да го прочитате и нејзиниот минатогодишен говор.