Теона Илиевска: „Зарем си главен во семејство кревајќи рака над својата ќерка?“
Училиштата се затворени, вклучувајќи ги и сите настани кои се одржуваат во нив. Онлајн наставата е во полн ек, а учениците, професорите и родителите полека се привикнуваат на овој нов момент.
Целата оваа ситуација не го спречи ораторскиот клуб на СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“, „Гарда на мудроста“ да ја откаже својата традиционална ораторска вечер. Оваа година таа го прослави своето полнолетсво и истата се одржа по електронски пат.
Учениците се натпреваруваа со своите аудио говори, а истите беа пратени до комислијата составена од членови на Клубот на оратори на Правниот факултет. Најуспешна помеѓу сите пријавени беше Бисера Шегмановиќ, која е ученик во 4 - та година во ова училиште. Додека првонаградениот говор зборуваше за „Недојдија“, оној кој го освои второто место носи наслов „Балкан“, а истиот го напиша и интерпретираше Ангела Петровска, која исто така е ученик во 4 - та година. Третото место и припадна на Теона Илиевска, која исто така е 4 - та година и зборуваше на темата „Семејното насилство“.
„Камо да можам да ја искажам сета горчина и очајност во душата. Камо да можеа овие морници по телото да се оттргнат од мене. Не ги сакам. Камо да можев да те спасам од оваа проклета судбина, мила моја.
Зарем може човек да биде толку бездушен. Да сака да биде појак од послабите. Да биде главен во семејството кревајќи рака над својата ќерка, мојата другарка. Така ли ќе станеш господар на својот дом. Така ли бездушнику ќе добиеш титула родител. Само така ли ќе го згасиш својот бес собиран со денови од непознати причини?!
Знаеме дека насилството е против законот во оваа држава, знаеме дека она лошо суштество произлезено од приказните навлезено во реалноста треба да биде казнето. И колку повеќе знаеме, се повеќе премолчуваме. Ние молчиме пред направеното. Јас молчам. Молчам поради нејзиниот страв, вели ќе биде полошо. Молчам и поради нејзината надеж, вели ќе биде подобро.
Следуваат прашањата, каде е нејзината мајка, има ли некој друг освен бездушниот. Има да, молкот е произлезен од таму. Затоа молчам јас, молчи и таа. Стравот во неа е токму поради другиот родител, кој утешно бара спас во душата на бездушниот. Заборави ли? Нема да омекне никаква душа бидејќи ја нема. Нема ни срце кое ќе те сака. Нема лек кој ќе ги излечи нејзините рани. Е затоа ме боли. Но во овој случај само мене ме боли. Таа не се предава. Дури не ни помни колку болки претрпела, колку такви рани имала, и колку во животот издржала. И се уште издржува, но до кога?
18 години не поминало ова злосторство. И се уште не излегла од местото на злосторот. До кога? Кога денот ќе биде и за неа светол и до кога ноќта ќе биде за неа пекол? Знам дека не е единствената која е изложена на опасност од страна на својот неук родител. Знам дека постојат милион вакви случаеви кои се решиле или се уште траат ширум светот. А спасот речиси сите жртви го гледаат во бегството, а не ретко и во самоубиство. Бегаат од своите гнезда, бараат слобода. Бегаат од мрачното минато, трагаат по иднината. Чекорат кон подоброто. А самоубиството е последната станица во нивниот живот. Трагичен излез од каде нема враќање. Последното место за нив е смртта. Ќе дозволиме да трае овој немир во сечии срца? Ќе се покоруваме на некој чиј називот татко му дозволува да прави жртви од нас.
Не драги мои, ниту таа ниту децата на наша возраст заслужуваат ваков живот. Никој од нас не сака живот поминат во страв. Никој на светов не треба да живее со монструмот од бајките, кој не само што не заслужува љубов и почит, тој не заслужува ни семејство. Ниту е вреден да биде наречен татко. Ми се гади од помислата дека жртвите колку и да биле физички малтретирани денес, утре пак мораат тој монструм да го викаат татко, за да не добијат повеќе шлаканици од оние вчерашните.
Мила моја, ќе има излез и за тебе. Заедно ќе го пребродиме ова минато. Заедно ќе го доживееме сето она што не сме го доживеале порано. Нема да бегаме, само ќе се соочиме со реалноста. А кога сето ова ќе биде минато, ќе го оставиме зад себе, нека плови некаде внатрешно во нас, и тогаш ти со вакво минато ќе сфатиш колку голем и храбар човек си станала.
А вие, оние другите, вредни и долични татковци, чувајте ги вашите деца. Сакајте ги вашите малечки. За да не ве стигне казната која е запишана за сите оние бедни луѓе со називот татко, како и оној бездушниот на мојата другарка. Судбината веќе ја има скроено неговата казна, се чека денот кога тој ќе го добие заслуженото. А до тогаш јас и таа ќе чекаме. Ќе бидеме во исчекување и не се предаваме. Посакајте ни среќа, а ние им посакуваме на сите оние со ист проблем да останат достоинствени, да чекорат гордо и да застанат зад своето минато. Бидејќи за се има почеток и крај. Почеток за вас, а крај за виновните.“
Доколку овој говор ви се допадна, во продолжение можеда го прочитате и нејзиниот минатогодишен говор.