МАРИО АРАНГЕЛОВСКИ: „ Секој човек треба да остави свој печат, без да живее по туѓ терк“

МАРИО АРАНГЕЛОВСКИ: „ Секој човек треба да остави свој печат, без да живее по туѓ терк“

Објавена во: Интервјуа, YouTube ѕвезди

Синоокото момче, кое се најде во нашата рубрика „Симпатија на неделата“ си ја отвори душата за нашиот портал. Имено, младиот пејач, јутјубер, со еден збор шоумен, Марио Арангеловски ни откри многу работи за себе. Од тоа како се впуштил во јутјуберството, преку искуството од музичките натпреварувања, па се` до тоа кој е негов животен идол, Марио ни раскажа се`. Во продолжение прочитајте што откри тој, сигурно ќе најдете нешто што досега не сте го знаеле за ова момче.

# Пееш, а сега се обите и во јутјуберство. Ќе се одлучиш ли за една професија по која ќе те препознаваат?

Креатеивен човек не треба да се ограничува само за да се здобие со титула по која ќе биде препознатлив. Јас од мали нозе посакувам да се занимавам со шоубизнисот, а, се она што денеска работам е на овој или оној начин дел од јавниот живот. Пеам, студирам, снимам за јутуб, вработен сум во Фондација за култура и спорт на град Куманово и отворен сум за нови проекти соодветни на моите апетити. Мојата желба не е да бидам препознатлив и популарен по секоја цена. Мојата цел е да направам нешто што ќе остане.

# Беше дел од многу музички натпреварување. Кое ќе издвоиш како најголемо искуство?

Да, бев дел од голем број на музички натпревари, па и реални шоуа. Како во Македонија, така и надвор од неа. Најголем предизвик за мене биле реалните шоуа, затоа што сум љубител на тие социолошки експерименти. Но, кога сме веќе кај музичките натпревари, мислам дека учеството на “X Factor Bulgaria” ќе ми остане во најубаво сеќавање. Пред се, стекнав многу нови пријатели, едно огромно музичко, па и животно искуство, а потоа сфатив и како всушност треба да изгледа еден “здрав” музички натпревар.

# Колку овие музички натпреварувања му помагаат на еден млад пејач во промоцијата?

Помага, тоа е факт, меѓутоа, се е индивидуално и променливо, па, со самото тоа, не сакам да си го конкретизирам одговорот. На оваа тема можам долго да зборувам, затоа што после толку учества на тие музички проекти, стекнав големо искуство и работите ми станаа многу појасни. Секој човек - талент кој ќе се појави таму некаде, треба да знае што сака и зошто истото го сака. Се тоа е инстант и трае многу кратко. Доколку немаме конкретна цел, тоа наше појавување и таа популарност немаат никаква смисла.

# Имаш неколку песни зад себе. Кога ќе може публиката да очекува нешто ново?

Кога почнав да се занимавам со музика, имав голема желба да направам песна, една, две, три. И ги направив, но, откако тоа се случи, сфатив дека мојата желба не била конкретна, јас не сум сакал само песна, сум сакал песниште, хит. Е, тоа сеуште не сум го направил. Сега веќе не сум она дете кое прифаќа се и сешто, кое влегува во студио без воопшто да ја почуствува песната позади која треба гордо да застане. Долго време веќе размислувам да направам нешто, но, нешто што ќе остане, нешто на што ќе бидам горд. Сакам малку по професионално да и пристапам на музиката, да работам на себе и на таа песна, која се надевам дека ќе се случи во најскоро време, ветувам.

# Важиш за момче кое е без влакна на јазикот. Според тебе дали ова ти помага или одмага во твојата кариера?

Не знам. Сметам дека искреноста е моја добра, но и лоша особина. Јас сум човек кој не сака на луѓето да им го зборува она што тие сакаат да го слушнат, ниту да ги премолчува работите. Секоја општествена појава и проблем имам потреба да го елаборирам јавно, затоа што е општествен, а не личен.

# Сега имаш 23 години, но доколку би се навратил неколку години наназад, која случка би ја издвоил од тинејџерските години?

Зад себе имам голем број на успеси и падови, особено во тинејџерските години, но, секој момент има своја историја, и тоа ме направило да бидам човек каков што сум денес, па, со самото тоа, не би сакал да одвојам ниту една случка која особено ми е драга, и ниту еден момент за која можеби се каам. Оти, секое зошто има свое затоа.

# Кој е твојот идол во животот?

Јас сум феминист и исклучително ги почитувам жените. Секогаш кога ќе се соочам со предизвик и потешкотии, сфаќам колку тие се силни, борбени и низ што се поминуваат, па, тоа ме мотивира. Инаку, не идеализирам луѓе, ниту имам идол. Секој човек треба да остави свој печат, без да живее по туѓ терк. Но, една е мајка.

# Како започна твојата приказна со јутјуберството?

Долга, но многу спонтана приказна. Кога излегов од Малдиви, реалното шоу во кое бев учесник, многу луѓе имаа прашања во однос на самото шоу, моето учество таму, односите со останатите учесници, условите итн. А, јас сум човек кој што милува само еднаш да ги презентира впечатоците и искуствата, и не сакам да се повторувам и постојано да одговарам на едно те исти прашања. Па, одлучив да отворам јутуб канал, без да знам како тоа функционира и без претходно да бидам запознаен со јутуб сцената, дури ни не знаев дека постојат јутубери, хаха.  Направив видео во кое што сочно ги презентирав моите импресии, со цел кога некој ќе ми постави прашање, само да му пратам линк. Ниту имав услови за снимање, ниту знаев како да монтирам, го пуштив така, во целост, и помина одлично. Луѓето почнаа да ми оставаат коментари, да бараат уште видеа, да поставуваат прашања, а, јас не знаев што понатаму, не знаев како тоа функционира, и дојдов на идеа во сето тоа да ја вмешам мојата најдобра пријателка со која денес снимам, Ивона. Направив канал, без таа воопшто да знае, и само и реков, доаѓај, снимаме. Многу спонтано, симпатично и без никакви очекувања. Полека, но сигурно чекоревме и бевме убедени дека правиме нешто добро. Еве, денес, после нешто повеќе од една година, нашиот јутуб канал има скоро 18.000 следбеници и милионски прегледи.

# Кој е твојот совет за младите кои се испробуваат како во музиката, така и во другите професии?

Бидете храбри, автентични и истрајни. Внимавајте што посакувате, оти може да ви се оствари.

# И како за крај, кој „хаштаг“ го користиш најмногу?

#neversaynever

Ивана Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, YouTube ѕвезди

Можеби ќе ве интересира: