Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби
„Каде се девојките, цел ден не сум ги видел“ - прашува Борјан, додека ја лупи бананата и ѕирка во штрудлата со јаболки која стои пред Јован.
„Не знам брат, шушкаат нешто веќе 2 дена, изгледа се спремаат за Новогодишната забава“ - незаинтересирано вели Филип, острејќи го моливот.
„Кога ќе спремат некакви подароци, па завиткани во оние светкави хартии со срциња и розови машнички“ - превртува со очите Јован и се сепнува - „Еј, тоа значи дека и ние ќе треба да им купиме нешто. Абе кој ќе се турка во продавници, мене ми е срам да бирам женски работи“ - воздивнува.
„Епа да не им купуваме, ама тоа значи дека и Ангела нема ништо да добие“ - се смее Сергеј и им намигнува на останатите.
„Не бе, ќе им земеме по нешто, па нема смисла“ - набрзина одговара Јован и веднаш низ глава си врти што би можел да ѝ купи на Ангела.
„Ок, значи вака“ - вели Нина, загледана во списокот полн со шкрабаници - „Јован добива нови слушалки за телефон, Филип комплет моливи за цртање, Борјан пакетче со здрава храна, а Сергеј дрес за кошарка“ - воздивнува и ги погледнува Марија и Ина, кои сериозно ги нишаат главите во знак на одобрување. Јована и Теди ја запознаваат Ангела со сите згоди и незгоди кои се случуваат во нивното училиште.
„Договорено е, само никој да не зуцнал ништо за ова“ - ги подместува Нина наочарите на носот.
„А ти што ќе му подариш на Сергеј“ - Теди ја задева Нина, која веднаш ѝ се исплазува.
„Брат, да ми помогнеш да одберам нешто за една девојка, пред Новогодишната забава“ - џвакајќи парче леб, Јован ѝ се обраќа на мама, која ги ококорува очите.
„Добро брат... ќе ти кажам јас на тебе и брат и сестра, уште можам да те исплескам“ - му вели мама и му се заканува со прстот пред нос, додека Нина и тато превртуваат со очи, а Бак ги гледа сите еден по еден и чека некој да му фрли нешто за поткаснување.
Новогодишната забава може да започне. Грицките наместени, Борјан како докажан ди-џеј ја мести музиката. Девојките се дотерани и сосем малку нашминкани, а момчињата си шушкаат меѓу себе, договарајќи се кога ќе им ги дадат подароците.
„Време ееееееееее“ - извикува Теди и Нина излегува носејќи в раце завиткани кутии.
„Брат, ти кажав дека ќе бидат во светкава хартија и со машни“ - му шепнува Јован на Сергеј.
„И нашите за нив се такви“ - се кикоти Сергеј - „Борјан ги спакувал баш како за девојчиња“.
„Јоваааааааан, ти си прв“ - вели Теди и му го дава подарокот. Јован набрзина го отпакува и среќен веднаш ги става слушалките на уши.
„Сергеј брат, да растуриш годинава со кошови“ - Теди го дофрла неговиот подарок. Сергеј е воодушевен од дресот и веднаш го облекува горниот дел врз кошулата.
„Борјан, да станеш манекен“ - му намигнува Нина, додека Борјан со тага ги гледа диеталните чоколатца и веднаш помислува на вкусен хамбургер.
„Филиииииииииип, да живее нашиот сликар“ - Марија му ги подава моливите кои Филип ги гледа со воодушевување.
„Епа девојки, нам ни е редот“ - важно вели Борјан и им ги дели подароците.
Нина добива прекрасни ракавици, Теди нов дневник за пишување, Марија книга од нејзината омилена серија, Ина ја врти в раце украсната чаша со нејзиното име на неа, а Јована и Ангела се радуваат на нивните маски за телефон.
Журката е весела. Јован наоѓа момент кога на Ангела ѝ ја подарува алката која го одбра со мама, а таа пак му возвраќа со книга на англиски и му намигнува.
„Ова е за тебе“ - Нина му тутнува на Сергеј кутивче во кое има привезок за клучеви со знакот на NBA и неговото име, додека тој ѝ подава ланче со ѕвезда, кое Нина веднаш го става на вратот.
„Конечно“ - им шепоти Теди на девојките - „Уште да изусти дека ја сака и да бидам мирна“ - мрмори.
Нина и Сергеј се гледаат во очи. Сергеј се подзакашлува и само што ја отвора устата за да каже нешто, дотрчува Јована до нив.
„Видете што добив од Филип“ - им го покажува цртежот кој е вистинско ремек дело.
Сергеј се сепнува и се врти накај Јована: - „Аууууу, колку добро те нацртал, браво мајсторе“ - му довикува на Филип, кој е светнат во очите додека го држи в раце новиот блок за цртање - подарок од Јована.
„10, 9, 8...“ - одбројува Теди - „Замислете си желба“ - вика на сиот глас.
Нина ги затвора силно очите и ја замислува својата, која ја крие од сите. Сергеј ја гледа со насмевка на лицето, додека надвор има огномет во сите бои. Среќна нова година.
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Љубовни маки
Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!
Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов
Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар