Најчесто одбирам подароци кои траат и остануваат долго: Александра Јанева за новогодишното дарување
Новата година и празниците се период од годината идеален за дарување. Тогаш сите се трудиме со внимателно да ги одбереме подароците за најблиските. Иако најмладите се оние кои се радуваат на пакетчињата и подароците, ништо помалку не се ни возрасните.
За тоа кој ѝ е омилениот новогодишен подарок, што подарува, но и како ја прославувала Новата година во текот на годините, ни раскажа Александра Јанева, пејачката која е позната по неверојатниот глас и баладите, со кои многу девојки ги лечат љубовните рани. Александра ја навративме и неколку години наназад, а што сѐ откри специјално за Хаштаг, прочитајте во продолжение.
# До колку години веруваше во Дедо Мраз и кога сфати дека тој всушност не постои?
Не можам да се сетам, но веројатно од многу рана возраст некое од другарчињата од маало ми ја разоткрил таа мистерија. Како мала поминував многу време во сокакот позади мојата куќа играјќи најразлични игри со останатите деца, зборувајќи за сѐ ново што сме научиле и секое разоткривање на тајните од светот на возрасните ни беше ултразабавно и предизвикувачко.
# Кој ти е омилен новогодишен подарок што го имаш добиено?
Првото демо со Лазар Цветкоски, без размислување. Долго време бев фан на неговата музика пред да почнеме да соработуваме и откако почнавме со работа сосема случајно се договоривме да се видиме и да поработиме на ден пред Нова година. Веќе следното утро јас ја имав музиката и текстот на првата наша песна. Се работи за песна која допрва ќе биде објавена и ми е особено драга.
# На колку години за првпат ја дочека Новата година со друштво? Какво искуство беше тоа?
Имав околу 12-13 години кога за првпат изнајмивме простор за новогодишната ноќ заедно со десетина соученици. Таму си донесовме звучници, светла во сите бои, јадење, пиење... Целата организација ни беше возбудлива, а и прославата едно поразлично доживување затоа што ни даваше впечаток дека веќе не сме мали деца и знаеме сами да се забавуваме, хаха.
# Кој дочек досега никогаш нема да го заборавиш?
На 18 години бев на новогодишно патување во Париз како награда за освоено прво место на натпреварот за француска шансона. Тоа е едно од најубавите патувања во мојот живот, а Новата година таму ја дочекавме на плоштад во шаренило од бои на преубавите, спектакуларни париски огномети.
# Дали и денес се радуваш на новогодишни пакетчиња?
Секако! Се радувам на сѐ што е поврзано со Нова година и секогаш чувствувам предпразнична еуфорија во овој период. И самата уживам во одбирањето поклони за блиските и ми значи секое мало внимание упатено кон мене.
# Што им подаруваш ти на саканите луѓе за Нова година?
Обично забележувам во текот на целата година кои се тие предмети, работи кои ги прават среќни или пак посакуваат да ги имат и кога ќе дојде време за одбирање подароци сум лесно и навремено одлучна. Индивидуално е, но најчесто одбирам нешто што ќе трае и ќе остане долго или пак нешто што ќе ги стопли во најладните зимски денови.
# Што е она што сакаш да го оставиш во 2021, а што би си посакала за новата 2022 година?
Во 2021-ва година скоро секој од нас имаше моменти на осаменост, носталгија за најблиските и тоа е она што би сакала да замине со 2021-ва. Новата 2022, како и секогаш посакувам да биде подобра, посреќна и поуспешна за сите.
# Како ќе прославиш Новата година?
Работно, но верувам дека ќе уживам во секој момент во многу пријатна и весела атмосфера. Имам настапи околу и за време на Новата година, ќе бидам опкружена со луѓе што ги сакам и искрено, едвај чекам да дојдат тие денови.
И. МисајловскаМоже да ве интересира: