Нашиот глас е подеднакво важен, а многу поискрен: Марија Додовска „Во името на право...“
На почетокот на месецот се одржа 24-тата Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во конкренција од 14 говори, само 8 влегоа во финалето. Осумте оратори, на чело со нивните говори се бореа за една од четирите награди, а оние четири кои останаа без нив, не загубиле - туку само добиле мотив плус за следната година да бидат уште подобри.
Следниот говор, кој ќе имате можност да го прочитате на Хаштаг е говорот на Марија Додовска, која воедно е добитник на наградата „Бранко Ѓорчев“ за најдобар сценски настап. Таа e студентка во прва година на правните студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Покрај обврските поврзани со факултетот, со голема љубов и ентузијазам се занимава со пишување, глума, говорење, поточно ориентирана е кон сето она што е креативно и што е дел од уметноста. Големата љубов и ентузијазам кон уметничката, ораторската и сценската сфера деноноќно ја потикнува нејзината желба кон слободно и креативно говорење. Марија говореше „Во името на законот...“, а нејзиниот говор ќе може да го прочитате во продолжение:
Полнолетството на македонската државност не донесе зрелост на политичките елити. Наместо зголемувањето на свесноста и одговорностите, нашето општество, веќе триесет години е метастазирано од непрофесионалниот и неетички однос на одговорните. Чекајќи по шалтери, по институции, се чувствува здивот на хаосот. Решението за тоа е да имате „некој свој“, „некој од нашите“ и со Високо нестручна и јавна администрација, што е составена по партиски клуч. Стручноста и одговорноста застанува кога „ќе се јави некој од горе“, за работата да биде или да не биде завршена.
Лоша економија, постојан стрес, катастрофални здравствени услуги и уништено образование, социјална апатија. Миграцијата на младите, што подалеку од дома, нема можност за индивидуална одговорност на поединците, а одговорни се сите чинители со декади наназад. За да можеме да продолжиме напред, ќе мора да ја признаеме нашата инертност. Сите носиме одговорност за оваа состојба. Лошите кадровски решенија, негативната селекција и неписмените и неодговорни вршители на јавните добра, допринесоа да дојдеме на ова дереџе.
„Дојдоа дивите и ги избркаа питомите!“ Како да ја ресетираме македонската држава?
За почеток, сите оние да одговараат кои ја злоупотребија државата за сопствени интереси. Следно, покренување на моралното излагање и либерализација на јавните добра и услуги, со кои ќе започне повторно издигнување на институциите на системот. За крај, да ја создадеме можноста за привлекување на инвеститори, а нашите квалитетни млади кадри нема да мора да бидат принудени да работат во туѓина, туку ќе останат дома, близу до најмилите.
Во спротивно, нашите млади ќе си заминат, корумпираните ќе останат неказнети, а сите останати, ќе пропаднат во целосна апатија. Ако во деведесетите години, прифативме квоти по етнички или родов принцип, денес, останува да го прифатиме квалитетот и прогресивноста на истите. Тоа се постигнува не само преку тоа дали е некој маж или жена, ниту пак дали некој е дел од колективот на некоја од помалите етнички заедници. Тоа единствено се доловува со почитување на Уставот на законите и со себеусовршување. Во една држава, која е самостојна и суверена, да владеат општествено одговорни норми, а не подземје и насилници! А тоа само би се усвоило ако ги зголемиме нашиот глас и ставови, со што надлежните и вршителите на дејноста ќе станат од своите фотелји и ќе заминат засекогаш. Нашиот глас е подеднакво важен, а многу поискрен!
фото: Правен факултет
Може да ве интересира:
„Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот“: Савче Ѓошева „За изгубените вредности“
„Дајте државата нека им помогне на нашите луѓе“: Дамјан Стоименовски „За лицата со посебни потреби“