Си посакувам да имам можност да патувам повеќе и да го живеам секој ден ко да е последен: Новогодишно интервју со Марио Манов

Си посакувам да имам можност да патувам повеќе и да го живеам секој ден ко да е последен: Новогодишно интервју со Марио Манов

Објавена во: Stars // Интервјуа

Уште неколку часа не делат од стартот на 2021 година. Точно на полноќ ќе влеземе во новата година и ќе започнеме да ги запишуваме новите авантури од нашиот живот. Но, за да можеме да одиме напред и да бидеме поуспешни од тоа што сме, не смееме да ги заборавиме минатогодишните искуства, кои вклучуваат многу подеми и падови.

За тоа какви предизвици му донесе старата година, а што очекува од новата, за Хаштаг зборуваше и Марио Манов, кој воедно откри и каде и со кој ќе ја дочека Новата година.

#Какви предизвици ти донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? Колку те промени?

Секој ден си носи свои предизвици, а годинава беше една од оние за која требаше добра психичка подготовка. На професионален план се трудев да дадам сè од себе за да се надградам во моето образование и да ги исполнам целите што ги имав зацртано претходната година. На приватно поле се случија многу промени, најмногу за време на карантинот кога сите имавме време да се соочиме со самите себе и да сфатиме што сакаме да промениме кај нас. Работев на себе и променив доста работи.

#Македонски мајки е серијалот кој те прослави, но имаш ли некоја друга идеја за следната година или ќе продолжиш со истото?

Веќе цела година работиме на различни проекти кои треба да ги пласираме во јавноста во 2021 година. Искрено, не можам да дочекам да ги видите. „Македонски мајки“ продолжува да биде дел од сета содржина што ќе се пласира на мојот профил, но мислам дека публиката ќе биде пресреќна за новите нешта што треба да излезат. Што ќе биде тоа ќе се дознае на крајот, кога сè ќе биде готово. 


# Како ќе ги прославиш празниците (Нова Година и Божиќ) годинава? Дали те фати празнична еуфорија и покрај пандемијата?

Празниците годинава ќе ги поминам во кругот на семејството. Еуфорија секако дека постои во овој период, со или без пандемија, бидејќи истата извира од семејството. Љубовта и енергијата која кружи тука е нешто што е бесценето. Оние што планираат да слават Нова година би им препорачал да бидат претпазливи, да ги почитуваат мерките и да се чуваат, но подобро ќе биде ако останат во домашна атмосфера со најблиските. Верувам дека ќе има уште многу поводи за славење и собирање со луѓето што ги сакаме, зошто ова лошо време со сигурност ќе донесе убави работи.

# Што си посакуваш да ти се оствари во годината што доаѓа?

Во годинава што доаѓа посакувам да се среди актуелната ситуација со коронавирусот, сите да останат здрави и да го пребродиме ова. На приватен план посакувам да се доусовршам самиот себе како личност, сакам да го зголемиме Инстаграм семејството и да чувствуваме многу повеќе позитивна енергија. Тоа е нешто најубаво што ми се случи оваа година и сакам да продолжам со тоа. За наредната година, исто си посакувам да имам можност да патувам повеќе, да посетам повеќе држави и да го живеам секој ден максимално ко да е последен.

#Што би им посакал на нашите читатели?

Од срце би им посакал на сите на прво место да се стават самите себеси и да се грижат за своето здравје, како физичко така и психичко. Секогаш да мислат на позитивната страна од животот, да имаат доволно храброст да го искажат своето мислење, да знаат дека ќе постојат луѓе кои ги поддржуваат, но и спротивни од тие на кои не треба воопшто да им обрнуваат внимание. Оваа година ни покажа дека семејството ни е најважно и во секое време е тука за нас. Во следната година продолжете да им покажувате колку ги сакате и сте среќни што ги имате бидејќи во било која ситуација, и добра и лоша тие безусловно се тука, до нас.

#Настрана новогодишното лудило, ќе можеш ли накратко да ни раскажеш што точно се случуваше кога на својот Инстаграм профил сподели стори во кое најави деактиварање на профилот?

Зад камерите се случуваат нешта и секој од нас кој се занимава со социјални мрежи има проблеми кои не ги пласира во јавноста од проста причина што секој од нас се обидува да шири позитива на Инстаграм и да се прикаже себеси во најдобро светло. Поради моето невнимание, кое знае некогаш да искомплицира некои ситуации, одлуката која не беше официјално донесена, ниту пак донесена од мене излезе во јавност и крена голема фама. Причините и исходот од истата ситуација ги објаснив веќе на Инстаграм и можам да кажам дека сум пресреќен што можам да продолжам со снимање и постирање на содржини. Ветувам дека вакво нешто нема да се повтори бидејќи сфатив колку моите следбеници беа повредени, а со тоа добив јасна слика дека на многу луѓе на ваков или онаков начин им значам и навистина не сакам да ги изгубам нив, ниту пак да дозволам да ме изгубат тие мене. 

И. Мисајловска

Може да ве интересира:

Рачно изработените подароци посебно ми значат: Новогодишно интервју со Александар Динев

Благодарение на оваа година многу работи почнав да ги гледам на поинаков начин: Новогодишно интервју со Давор Ардиќ

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: