Учењето на далечина треба да биде предизвик во нормално време: Интервју со професор Емилија Величкова

Учењето на далечина треба да биде предизвик во нормално време: Интервју со професор Емилија Величкова

Објавена во: Stars // Интервјуа

По разговорот со професорката по Македонски јазик и литература, Наташа Ацевска, која предава во СУГС „Георги Димитров“ на тема далечинско учење, поразговаравме и со професорката Емилија Величкова, која исто така предава Македонски јазик и литература, но во Гимназијата „Јосип Броз - Тито“ во Скопје. 

Таа истакна овој начин на учење е нешто што треба да биде предизвик за сите, но во време кога има обезбедени услови за сите, но додаде и за тоа како личност гледа на целата оваа ситуација, но и ни откри како нејзините ученици одговараат на сите задолжениеја.

# Како се навикнавте на новиот начин работа? Лесно ли беше таблата и кредата да се заменат со компјутери?

Одекнува паролата: „Снајди се, како знаеш и умееш“. Учењето на далечина е нешто кое треба да биде предизвик, но во нормално време кога ќе има обезбедени услови, подеднакво за сите. Компјутерот не може да го замени присуството на учениците во училницата, нивниот израз кога нешто не им е јасно или, пак, кога сакаат да го кажат тоа што веќе го знаат. Таблата и кредата се само една алатка со која се служиме во еден мал дел од часот. На сите ни недостасува блискиот контакт ученик-наставник, без енигми и глави полни со прашалници, на кои треба онлајн одговор. 

# Колку овој принцип на работа добринесува за ефикасна едукација на учениците?

Импровизирана онлајн настава, импровизирано учење, импровизирано оценување. Ефикасно дигитално образование во овие услови, не би се согласила. Кога ќе има услови и за Петко од Мирковци, исти како за Сречко од Карпош, а не помалку вклучени и „самоуко дигитализирани“ наставници, тогаш може да се разгледа нов начин и пристап. Најнапред кон усогласување на наставните програми кон овој начин на учење, потоа практични обуки на наставниците и опремување на секој наставник со некој вид компјутерска технологија. 

# Каков е фидбекот од учениците? Има ли интерес за онлајн наставата и колку задолженијата што им ги давате се квалитетно и внимателно обработени?

Без разлика дали се работи за основно или средно училиште, секој ученик има најмалку 12 предмети на кои е потребно да одговори, барем двапати во текот на седмицата. Но, колку и да бараме задолженијата да бидат внимателно сработени, иако ги нарекуваме дигитална генерација, сепак за жал, одговорите се само преку познавање на содржините. Добиваме повратни информации, но повеќе од очигледно е дека за извршување на ваквиот тип задолженија се користи само едната мозочна хемисфера, а другата е на „распуст“. 

# Кој е вашиот став за целокупната ситуација, дали мислите дека оваа година е пропадната?

Секоја криза е нормално да носи последици. Не може да се зборува за пропадната година во целост, со оглед на тоа што повеќе од половина учебна година веќе е завршена. Сè што не се научило, може да се до(на)учи, од аспект на наставни содржини. Сепак, во овие мигови се многу поважни животните лекции, кои како родители, па потоа и како наставници, можеме да им ги пренесеме на нашите деца. Да вратиме барем дел од вредностите, на кои нè учеа нас, а сè уште ги поседуваме. Нема потреба да ги имаат сите петки, најважно е да станат луѓе.   

И. Мисајловска

Може да ве интересира: 

Од другата страна на онлајн училницата: Како професорите го прифатија новиот начин на работа?

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: