„Желбата од детството не ми е до крај исполнета“: Интервју со Стефанија Гаштарска, девојката која заигра во Бољшој
Овој месец почна во знакот на младата и надежна македонска балерина Стефанија Гаштарска. Таа на свои 18 години успеа да стане дел од престижниот Бољшој Театар. Емоциите кај неа се уште не се спласнати, па дури од тековните обврски не успеала ниту да прослави адекватно. Таа во ова интервју за Хаштаг настрана големиот успех, откри и со кои познати балерини би сакала да заигра на иста сцена, но исто така ни кажа и каде се гледа за 10 години.
# Беше првата македонка која е примена и се школува во Русија, а сега си прва македонка која се вработи во Бољшој театарот. Какво е чувството кога знаеш дека си во нешто прв?
Самиот факт дека стануваш дел од еден ваков врвен театар, самиот момент дека сонот станува јаве (колку и да звучи клише), предизвикува необјасниви чувства на неверојатна среќа и гордост. Без разлика дали си прв во тоа, или не.
# Во твојата објава на Фејсбук истакна дека ова е твојот детски сон. Што помисли прво кога ја дозна веста дека твојот сон се остварил?
Ова прашање би го одговорила буквлно вака: ,,Once upon a time, I was a little girl with big dreams that I promised I’d make real one day…and I didn’t disappoint myself’’. Оваа реченица ја помислувам секој ден.
# Кој најмногу се израдува на твојот успех?
Најмногу од сите се израдува мојата мајка!
# Како ја прослави среќна вест?
Се уште не ја прославив адекватно, поради секојдневните обврски кои се уште ги имам, ама секако ќе ја прославам!
# Сега кога желбата од детството ти е исполнета, имаш ли некоја нова која би сакала да ти се оствари?
Желбата се уште не ми е до крај исполнета. Едниот дел од желбата, ми беше да влезам во Болшој театарот, а другиот да бидам прима балерина во истиот. Сега останува напорно работам, за да ја остварам втората половина од мојата единствена желба.
# Љубовта кон балетот ја доби од твојата мајка, па колку е таа заслужна за она што си денес?
Ова ќе го одговорам кратко и јасно. Без мојата мајка немаше да можам ни да помислам да бидам таму каде што сум сега...
# Зад себе имаш многу освоени награди, но можеш ли да издвоиш една која за тебе има најголемо значење?
Најголемо значење за мене има влезот во финалето и освоената диплома на натпреварот Арабеска во Перм.
# Со која позната балерина би сакала да ја делиш сцената?
Од секогаш ми бил сонот да ја делам сцената со Светлана Захарова, Евгенија Образцова, Олга Смирнова, Екатерина Крисанова... на гала концертот што се одржа оваа година во Калининград, ми се исполни желбата сцената да ја делам со скоро сите ѕвезди на Бољшој театарот, и остана уште желбата да заиграм со Светлана Захарова која ми е идол од малечка. Се надевам дека за брзо време и тоа ќе ми се оствари.
# Денес си дел од Бољшој театарот, но каде се гледаш за 10 години?
Не сакам да звучам нескромно, но секако како првенка во Бољшој театарот.
# Кој хаштаг најчесто го користиш?
#ballerina
Ивана Мисајловска