„Меѓусебната комуникација на наставниците и учениците е 24/7“

„Меѓусебната комуникација на наставниците и учениците е 24/7“

Објавена во: Совети // School zone

Како што веќе неколку пати досега кажавме, со промените предизвикани од моменталната ситуација која владее поради пандемијата на коронавирусот, се соочи и образованието. Професорите и учениците добија нов предизвик - далечинско учење. Истото ќе го продолжат до крајот на учебната година, односно нема да бидат во можност да се вратат во училиници, туку наставната ќе продолжи да се одржува онлајн.

„Состојбата не затече неподготвени. Моравме за кратко време да се реорганизираме и да се прилагодиме на новонастанатата состојба и на нов начин на едукација. Со оглед на тоа дека немаме претходно искуство во организирање на ваков тип на настава и нејзина реализација, адаптирањето на новиот начин на работа беше и се уште е вистински предизвик. Работите ги учиме во од. Секој од нас се прилагодува според можностите и според своите информатички знаења и вештини.“ - ни раскажа една од професорка, која е дел од наставниот кадар на СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“.

Таа вели дека онлајн наставата во никој случај не може да ја замени вистинската училница и не криеше дека и недостасуваат учениците:

„Мене лично ми недостасува училницата и учениците, ми недостасуваат нивните досетки, па и нивните контрирања и оправдувања.“

Оваа професорка исто така истакна дека ваквиот тип на настава е едноставно неопходен, но дека истата треба да се реализира преку скратена програма: 

„Ваквиот тип на настава беше неопходен за да се одржи континиутет во воспитно-образовниот процес и учениците креативно да го исполнат времето. Имајќи во предвид дека е вонредна состојба сметам дека не треба да се инистира на целосна реализација на наставната програма, туку да се реализира скратена програма.  Скратена програма прилагодена на ситуацијата би била и поефикасна.“  - истакна таа, а потоа додаде:

„Мораме да признаеме дека ова повеќе е импровизирање на онлајн настава, отколку вистинска онлајн настава. За тоа ќе мораме да поработиме во иднина. Наместо секој да бара решенија и методи да се воспостави вистински систем за онлајн настава. Потребна ни е унифицирана платформа (а не секој наставник да избира начин, платформи и сл) со што се создава чувство на конфузија и несигурност. Унифицирана платформа би ја олеснила наставата и на наставниците и на учениците. Учениците да имаат часови според распоред и да се знае во колку часот кој час го има ученикот. Вака меѓусебната комуникација на наставниците и учениците е 24/7. Наставниците ќе биде непходно да поминеме обука за употреба на алатки за онлај настава.“

Според неа учениците соработуваат, барем оние на кои што таа им предава.

„Учениците соработуваат. Можеби тие и полесно и побрзо се прилагодија на ваквиот начин на настава. Мораме да признаеме дека во однос на технологијата децата се супериорни во однос на повеќето од нас.  Внимавам да им дадам минимални задолженија и да ја реализирам програмата во минимални рамки. Им задавам проекти и вежби каде треба да истражуваат и каде би требало да дојде до израз нивната индивидуалност и градење на критички став. Таму каде постои можност ги поврзувам  работите  од  теорија  со  моменталната  ситуација  во државата.  За секое задолжение им определувам и рок за изработка. Повеќето учениците се придржуваат до роковите. Проблем е објективноста во оценувањето на сработеното и колку тоа што го сработиле е навистина нивен личен труд.“ - заврши оваа професорка, која е дел од правниот актив на ова училиште.

И.М.

Може да ве интересира:

Додека сме во карантин обичните разговори со учениците се поважни од наставните содржини: Интервју со професор Јасминка Прелевиќ

Учењето на далечина треба да биде предизвик во нормално време: Интервју со професор Емилија Величкова

„Секој се снаоѓа како знае и умее, но секогаш главна цел ни е ученикот“: Интервју со професор Наташа Ацевска

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: