Момчиња и девојчиња: Разделба

Момчиња и девојчиња: Разделба

„Што му е на Јовче?“ - прашува Теди мирисајќи го осмиот парфем по ред во продавница и додава - „Ништо веќе не чувствувам во носов, ми се измешаа сите“.

„Добро што ти текна“ - ја задева Ина - „Фалеше уште и машките парфеми да ги поминеш“.

„Леле, не го викај Јовче, знаеш колку се лути“ -  вели Нина - „Знаете дека Ангела заминува утре и многу е нервозен заради тоа. Затворен е во соба и не го интересира ништо“ - и веднаш си замислува како би и’ било ако Сергеј треба да замине некаде, во друга земја и се стресува.

„Во ера на интернет, скајп, вибер, фејсбук тоа и не е голем проблем“ - мудрува Марија, нишкајќи со главата.

„Драги слушатели, се јави интернет експертот“ - се смее Нина и ја скокотка сериозната Марија - „Еј, Ангела ќе прави забава за да се поздравиме, а и рече дека кога сакаме може да одиме во Мајами за да ја посетиме. Се надевам дека таму е потопло од тука“ - си мрмори во брадата, додека ги бара ракавиците во џебот од зимската јакна.

„Имам идеја, да ѝ направиме албум со сите слики на кои сме заедно. М? Што мислите?“ - замислено вели Ина.

„Супер идеја, да одиме и да купиме албум и да започнеме, вечер е забавата и немаме многу време“ - возбудена е Нина.

„Брат, Јован е чуден, се вљубил како што Филип беше вљубен во Сара кога бевме во градинка“ - пола сериозно, а пола со смеа во гласот му вели Сергеј на Борјан.

„Иста е и Ангела, седи и гледа во една точка. Тешка работа ова љубовта, затоа јас никогаш нема да се вљубам“ - му одговара Борјан.

„Ти си брат вљубен во хамбургери“ - не кревајќи ја главата од блокот за цртање, Филип му одвраќа на Борјан, додека Сергеј изведува замислен кош и се кикоти.

„Молчете, еве го иде“ - набрзина шепнува Борјан.

Јован наближува со бавен чекор и седнува до другарите, издишувајќи тешко.

„Брат, имам сигурна информација дека Ангела ќе дојде повторно за летниот распуст“ -  Борјан со сите сили се обидува да го орасположи Јован.

„Ех, летото е за четири и пол месеци“ - воздивнува Јован.

„Гарант знае и во денови, часови и секунди“ - му шепоти Сергеј на Филип и се приклучува на разговорот - „Брзо ќе поминат брат, имаме натпревари, треба да се запишуваме и во средно училиште. Додека трепнеш, опппппп ете го летото“.

„Не те тешам, ама да знаеш дека и Ангела е многу тажна дека заминува“ - вели Борјан.

„Да?“ - со радост во гласот извикува Јован - „Одма кажувај, ти рече нешто?“

„Рече дека сите ќе ѝ недостасуваме, особено кошаркарот кој ѝ го освоил срцето“ - сериозен е Борјан.

Во собата на Нина, девојките го пополнуваат албумот со слики и нивни писменца до Ангела, во кои ѝ кажуваат колку ќе мислат на неа. Ги запишуваат и своите телефонски броеви за да бидат во контакт

„Сега се сетив, каде е Јована, не сум ја видела 3-4 денови“ - замислено прашува Ина, додека се обидува со убав ракопис да и’ напише нешто на Ангела.

„Беше кај баба ѝ во Србија, се враќа попладнево и ќе дојде вечер на забавата, се слушнавме на вибер сабајлево“ - одговара Нина и го запишува во албумот и бројот од Јована.

„На овој Филип му текна да ја покани да излезат некаде или уште е заспан?“ - се смее Теди.

„Се гледаат како гулапчиња“ - се кикоти Марија - „Јована е стрплива и уште чека да ја викне. Мене така да ми се допаѓа некој, одма ги земам работите во свои раце и ќе го викнам јас, тоа се вика woman power“ - мудрува Марија, додека Нина одмавнува со главата.

„Така велиш дека не си се вљубила. Кога ќе се вљубиш ќе видиш дека нозете ќе ти бидат отсечени и нема да можеш збор да прозбориш“ - воздивнува Нина.

„Ова од искуство кажуваш?“ - се смее Теди, додека Ина и Марија прснуваат во смеа.

Нина поцрвенува и им се плази, помислувајќи дека ќе се онесвести ако треба таа да го покани Сергеј да одат во кино.

Сите се наоѓаат пред зградата на Борјан. Јован силно го стиска в рака букетот рози за Ангела и се препотува, иако надвор е -5 степени.

„Да знаев колку ќе ми е тешко, ич немаше да се вљубам“ - им вели на останатите. Сите молчат, а Нина го гушка брат ѝ, заборавајќи ги сите нивни препирки.

„Ајде да одиме, Ангела нѐ чека. И не ѝ кажувајте дека ќе се појавиме утре на аеродром за да ја испратиме, нека биде изненадување“ - вели Теди.

„Брат“ - му вели Нина на Јован - „Насмеј се, немој да ѝ биде потешко одењето.“

Јован воздивнува и се качуваат нагоре. На вратата насмеана, ама со солзи во очите ги дочекува Ангела.

-ПРОДОЛЖУВА-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби

Момчиња и девојчиња: Љубовни маки

Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!

Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов

Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар

Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован

Можеби ќе ве интересира: