„Пишувам за сите оние кои се расположени да читаат!“: Интервју со успешната средношколка Мирјана Кирова

„Пишувам за сите оние кои се расположени да читаат!“: Интервју со успешната средношколка Мирјана Кирова

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Мирјана Кирова од Просениково има 15 години, учи во СОУУД „Димитар Влахов“ и има една огромна желба –  сака да стане психијатар.  Мирјана освен што е вљубеник во литературата, танцува и ја пишува својата прва книга, има освоено многу награди и е активна и на многу полиња. За себе вели дека еден ден освен психијатар сака да стане и писателка која со неколку тетратки ќе патува по светот. За желбите и успесите на оваа успешна средношколка прочитајте во продолжение...

# Ти си физиотерапевтски техничар, но истовремено се занимаваш со модерен балет и пишување проза и поезија, па каде ја нaоѓаш поврзаноста меѓу овие сосема различни области?

Мојата желба е да станам психјатар, но јас како петнаесет годишнa, не се чувствував подготвена да учам во друг град, а во Струмица опциите не ми беа баш големи. Пишувањето и психијатријата се многу поврзани. Мојата идна професија како физиотерапевт се поврзува со мојата емотивност и желбата да им помагам на сите околу мене. Од друга страна, балетот и музиката заземаат дел од мојот живот уште од најрана возраст и научив како да ги изразувам своите емоции преку танцувањето. Во глобала, можам да заклучам дека сè е поврзано со моите емоции.

# Од каде желбата да се занимаваш со балет?

На почеток беше само избор на спортска активност со оглед на тоа што со топката сум „скарана“. Потоа како минуваа годините ми стануваше сè поинтересно. Ми беше предизвик да ги усвојувам кореографиите и да се трудиме за победа на натпреварите.

# Колку награди имаш освоено досега и каде сè си учествувала?

Сум посетувала многу натпревари во странство и овде во државата. Првиот натпревар надвор од државата беше „Morning Star“ во Банско, Бугарија, потоа следеа натпревари во Виена и Римини на  „Dance Open“. Во Македонија сум учествувала на натпревари организирани од „Ритам Плус“, „Прима Данца“, „Скопје Опен“, „IDF Skopje“ и многу други. Имам освоено седум први места, едно трето и едно четврто место.

# Пишуваш поезија и проза, па си учествувала ли на некои натпревари и колку награди имаш освоено?

Учествував на сите литературни натпревари кои имаа теми кои мислев дека се интересни. Повеќе пати сум го претставувала ОУ „Герас Цунев“ на некои литературни приредби со мое дело. Се надевам дека и во „новото“ училиште ќе постигнувам вакви успеси.

# Дознавме дека пишуваш и книга, ќе ни откриеш ли нешто повеќе за книгата, за што станува збор?

Книгата ми е досега најголем предизвик кој сум си го поставила сама на себе. Се работи за двајца вљубени чија што пречка е разликата во годините. Ема има петнаесет години, а Матео е седум години постар од неа. Матео не ги смета годините како пречка, но Ема не се согласува со него. Има и една роза обоена во црно која ќе биде тука од почетокот до крајот на оваа приказна. Ема ќе оди против своите чувства и ќе го остави Матео. Нема да откријам што ќе се случува понатаму. Ќе оставам сами да откриете после објавувањето на книгата. Сакам да напоменам дека оваа книга нема да биде наменета само за тинејџери. Јас пишувам за сите оние кои се расположени да читаат.

# Дали ова е твоја прва книга и кога ќе биде објавена?

Да, досега не сум правела ништо слично на ова. Се надевам дека 2019 г. ќе биде среќна година за мене и дека ќе успеам да ја завршам и да ги средам сите потребни работи за книгата конечно да биде објавена.

Имаш профил на Инстаграм на кој објавуваш дел од твоето творештво, па како реагираат на ова оние што те следат, какви коментари најчесто добиваш?

За профилот на инстаграм (@wordsare_weapons), можам да кажам дека е доста успешен. Најчесто добивам пофалби, но од постарата публика која ме следи добивам и критики кои ги прифаќам со насмевка на лицето и огромно задоволство зашто со помош на ваквите критики напредувам и се подобрувам.

# Каде се гледаш себеси за 10 години?

Се гледам како писателка со неколку книги зад себе во својот стан во Скопје,опкружена со мачиња, на своето биро каде што ќе учи за испитите за еден ден да стане успешен психијатар. Таа писателка слободното време ќе го минува шетајќи го светот со куп тетратки до себе во кои ќе компонира совршено несовршена симфонија од своите мисли и чувства.

Која е твојата неостварена желба?

Ова прашање ме замисли. Можеби да најдам некој со кој ќе можам да разговарам за законите на вселената, праведностите и неправедостите и функционирањето на човечкиот мозок до бескрај.


Б.М.

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: