„Стремежите кон демократијата да ни се потреба“: Данило Крстовски на тема „SIC SEMPER TYRANNIS“
На почетокот на месецот се одржа 24-тата Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во конкренција од 14 говори, само 8 влегоа во финалето. Осумте оратори, на чело со нивните говори се бореа за една од четирите награди, а оние четири кои останаа без нив, не загубиле - туку само добиле мотив плус за следната година да бидат уште подобри.
Следниот говор, кој ќе имате можност да го прочитате на Хаштаг е говорот на Данило Крстовски, кој воедно го освои третото место на оваа ораторска вечер. Тој e апсолвент на политички студии на македонски јазик на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Покрај љубовта кон реториката, силно се интересира за: политичка философија, политичка историја, политичка психологија, геополитика, федерализмот, теоријата на социјалната држава; но и особен акцент врз различните видови политички системи и уставното право. Данило говореше на темата „SIC SEMPER TYRANNIS“, а неговиот говор ќе може да го прочитате во продолжение:
Владеење на народов. Кованица осмислена од боговите. Настојувајќи да ни служи нам-бедниве смртници. Ние не сме совршени. Игноранцијата и нетолерантноста на една индивидуа не загрозуваат. Спознајноста и емпатијата на друга не сплотуваат. Еве зошто Черчиловите зборови нѐ прогонуваат.
Демократијата е најлош облик на владеење, но најдобар спрема сѐ досега виденото. Нашево поднебје е мошне запознаено со сево ова. Подложно на познати, но сепак минливи маневри. Изобилие на квази-афоризми од властите, инфлација на костумирани демагози со клептократски манири. Со безгласни академици, со псевдомеритократија, со тези неиздржани, со јавното мислење - плод на независноста на аналитичарите.
И Гане се прашуваше: „Еј Македонијо, малодушна и кибарна, кај ти е без нас алов!?“. Со двојно пониски плати во академскиов сектор од најниските во Европа. Со УКИМ, гордоста наша, во тесна трка за 2000-то место на листата на Шангај. Со просечен студентски животен стандард, најнизок на Балканов!
Визионери и владетели! Ни ја ограничувате ли иднината? Ги искривувате образовните контури на младинава. Ги роботизирате младите според принципот „наведнатата глава, сабја не ја сече“. Ги наградувате умерените, оти сте диктатори на просечноста!
Погледнете! Море од хипокрити и загрижени светски лидери. Ве загрижува ли ова? Толку долго сме во сенкиве, што ја заборавивме светлината. Отуѓувани од нашиве вредности. Деморализирани и не признавајќи ги доблестиве наши. Мноштва битки кои не ги чуствуваме, жртви кои не ги гледаме.
Генерацијо! Сегментирана со различни договори, затруена со архаични поделби. Не убедуваат дека сме различни. Дека еден треба да е над друг. Не залажуваат дека не живееме заедно, страдаме, плачеме. Сега треба да се изградиме, а негативната селекција владее.
Секој самиот е господар на сопствената судбина. Да ја твориме и славиме. Слободоумностите да ни се светилници. Стремежите кон демократијата да ни се потреба. Протестите, граѓанските непослушности столбовите на човековите права. Учествувања во системов, традиција. Нека конечно, нашава појава ги ослепи. Нашиов крик нек ги оглуви. Нашава сплотеност, онеме!
Елате, браќа муслимани! Да тргнеме против вашиве и нашиве душмани. Македонија е наша заедничка мајка и викат на помош. Елате, да скршиме синџири на ропствово! Да куртулиме од маки и страданија, да пресушиме рекиве од крвој и солзи! Елате, при нас браќа! Да си ги слејме душиве и срцава и спасиме! Та ние и нашава чељат и прачељат да живејат мирно. Да работат спокојно и да напредуат!
Кога беше најтешко, вечните соседи беа едно. Кога аскерот сакаше, не му дозволивме. Кога не поделија, преживеавме. Sic semper tyrannis!
фото: Правен факултет
Може да ве интересира:
„Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот“: Савче Ѓошева „За изгубените вредности“