„Заштитете се себеси со тоа ги заштитувате и другите“ - апелираат младите ѕвездички
Периодот на изолација на многумина им падна тешко, особено на оние кои се научени постојано да бидат излезени надвор и да бидат помеѓу луѓе. Но, како велат возрасните „Она што се мора, не е тешко“, па така сите повеќе или помалку почнаа да се навикнуваат на овој нов момент и се трудат својот ден да го направат што е можно поинтересен и покрај тоа што се дома.
Досега ве запознавме со секојдневието во изолација на многу познати личности, а сега дојде редот на оние најмладите.
Младиот пејач Трајче Ѓоргиев ни откри што тој прави во деновите на изолација и како ги поминува истите.
„Иако не сум научен да седам дома, во овие тешки моменти морам. Монотонијата, односно времето претежно го поминувам со гледање на серии, слушање музика, играње друштвени игри, пеење.“ - раскажува Трајче.
На неговата приказна се надоврза и талентираната пејачка Мина Блажев, која ни откри дека иако и недостасува слободата, сепак ги следи препораките од надлежните органи.
„Моментално деновите ги поминувам дома со мојата фамилија. Искрено ми фали слободата да можам да излезам кога сакам и викендот да го поминам со моите другарки, но свесна сум дека за што побрзо да се врати сѐ во нормала треба сите ние да ги почитуваме препораките кои што ни се дадени. Немам некој голем избор за како да го поминам своето време моментално и мислам дека ги правам истите работи како и поголем дел од луѓето. Гледам филмови, серии, знам да одвојам време и да се нашминкам колку да ставам некое стори.“ - започна Мина, а потоа додаде дека исто така овој период ја поттикнал да се приклучи на некои од предизвиците кои кружат на социјалните мрежи.
„Во главно сега почнаа да се вртат и доста challenges по социјалните мрежи така да знам да се појавам и на некои од нив. Тие што ми се блиски знаат дека поголемиот дел од моето време не земајќи ја во предвид моменталната состојба јас спијам. Па така, останатиот дел од времето или спијам или јадам. Сепак мислам дека е океј и да излезам во смисла да се качам на Водно или да одам покрај кеј, но секако без да се мешам со други луѓе т.е. тоа го правам со една другарка или со некој од фамилијата.“ - завршува Мина.
Сара Гигова, која се вбројува во групата млади пејачки, истакна дека најпрво ги завршува своите училишни обврски.
„Мојот ден започнува со работа, бидејќи имам онлајн часови преку кои целиот материјал кој треба да се учи во училиште за овој период е пренесен и имам одредени задачи и проекти кои треба да ги завршам, а исто така правам и онлајн тестови кои се оценувани и на овој начин училиштето се грижи наставата да не биде запоставена.“
А, остатокот од времето го користи за да се посвети на своите хобија, како и на дружбата со семејството.
„Имам премногу слободно време кое го посветувам на себе и моето семејство. Преку социјалните мрежи имам контакт со сите мои блиски пријатели, иако не можам да се видам со сите од нив. Преку ден постојано слушам музика, пеам, свирам пијано, играм друштвени игри со моето семејство и вежбам во домашни услови, односно пробувам да не ги запоставам сите оние работи кои ги правам во моето вообичаено секојдневие. Исто така премногу сум среќна што можам повеќе време да поминувам со моето семејство, бидејќи претходно не сум имала можност поради сите обврски кои ги имам во текот на денот.“ - заврши Сара.
Овие млади музички ѕвезди исто така упатија и апел до сите луѓе и порачаа да се почитуваат препораките за безбедноста и заштитата на здравјето на сите.
„Мојот апел до сите млади е во овој момент сите да бидеме сплотени, да ги слушаме препораките од надлежните органи и најважно од сѐ во овие тешки моменти да седиме дома. Време е да ја оставиме планетата земја да се „реновира“. Бидете трпливи - доаѓаат уште поубави времиња.“ - порача Трајче.
„Сметам дека за ситуацијава да помине што побрзо и сѐ да биде нормално треба да ги почитуваме препораките. За дружење, собирање и искачање има време. Моментално треба сите да бидеме свесни и да постапиме совесно за нас и сите околу нас!“ - посочи Мина.
„Верувам дека никој се уште не е навикнат на овие мерки за претпазливост, а голем број и не ги почитуваат, но за да се заштитиме сите и да можеме безгрижно да излеземе надвор и повторно да бидеме со своите најблиски потребно е да се придржуваме до мерките и да останеме дома бидејќи здравјето е најважно и зависи од сите нас. На сите им посакувам сѐ најдобро. Седете дома, заштитете се себеси со тоа ги заштитувате и другите.“ - на крајот заклучи Сара.
И. Мисајловска