Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна
„Ме сака, не ме сака, ме сака, не ме сака, ме сакаааааааа“ - возбудено извикува Ина, додека пред неа лежат иглички од борово дрвце.
„По којзнае кој пат го прави ова“ - ѝ шепнува Нина на Марија, додека Теди со жал ги гледа паднатите иглички на земја и вели: - „Ако не ѝ пријде оној Никола, ни едно борово дрво живо нема да остане“ - мавта со главата.
Ина се врти накај девојките – „Ме сака, барем така излезе. Што мислите, ме сака или не?“ - сериозно ги прашува.
„Те сакаааааа“ - извикуваат трите и застануваат пред боровото дрвце со смеење.
„Еве ги девојчињата, познати ми се од некаде“ - се шегува Борјан, додека со Филип наближуваат до нив. Филип се врти и прашува: - „Јована има уште еден час, ќе ја почекаме?“ - малку поцрвенува.
„Се разбира“ - вели Нина – „Нели ќе одевме сите заедно во кино? Туку кај се Јован и Сергеј?“ - на името на симпатијата гласот веднаш ѝ се менува.
„Инсталираат скајп за да можат гулапчињата да си гугуткаат преку океан“ - се смее Филип, додека Борјан сериозно одобрува со главата и додава: - „Кај и да е, ќе дојдат“ - потврдува.
„Имаме тест по биологија неделава“ - вели Марија – „Борјан, ти како светски познат научник, би било убаво да ни објасниш некои работи и да нèспремиш за да не добиеме слаби оценки“ - го боцка со прстот Борјан по ребрата, додека тој глуми дека е погоден од куршум и се превиткува на земја. Уште тоа му требаше. Само за момчиња да ги слуша меѓу објаснување што е јадро, а што клеточна мембрана.
Доаѓаат Јован и Сергеј, а зад нив полека наближува уште едно височко момче. Ина чувствува како ѝ се потат дланките. Никола! Нејзиниот Никола, кој ѝ се допаѓа веќе 2 цели години.
Јован е светнат во ликот: - „Дечки, се слушнав со Ангела, скајпот супер функционира. Ве поздрави сите, многу и’ недостасувате, ама јас најмногу“ - важно вели и си ја подместува фризурата.
Покрај него поминуваат две девојчиња од шесто одделение и се потчукнуваа кикотејќи се додека го гледаат заљубено. Јован не ги приметува, а Нина ѝ шепка на Теди на уво: - „Реков јас дека кога ќе се вљуби, ќе изгуби интерес да биде главен фраер на училиште“.
Сергеј ја потегнува Нина за косата и ја задева: - „Доста дрдориш ти малечка, а имаш ли ти симпатија?“ - ја потпрашува. Нина се зацрвенува како јакната на Марија и веднаш му одвраќа: - „Ако ми кажеш ти, ќе ти кажам и јас“ - подголтнува.
Сергеј се смее: - „Имам, имам, една помала умница што многу зборува“ - со прстот ѝ ги подместува наочарите на носот.
„Епа имам и јас, еден смотан кошаркар“ - му се исплазува Нина, додека сите ги гледаат и едвај се воздржуваат да не прснат во смеа.
За тоа време Ина како да има изгубено моќ на говор. Само под око го погледнува Никола, кој срамежливо стои настрана и одвреме навреме ја гледа Ина.
„Дечки, еве ја и Јована“ - извикува Филип, додека Јована се стрчува до нив и веднаш се мести до Филип.
„Сите на број, освен Ангела“ - со тага во гласот вели Јован и се сепнува – „Еј, сите го знаете Никола, нели? Од денес ни се приклучи во кошаркарскиот тим, сега сме посилни “ - вели со гордост во гласот.
Никола се поздравува со сите, а на Ина ѝ вели: - „Сум те забележал кога рецитираше на училишната претстава, имаш многу убав глас, а и коса, а и....“ - и застанува сиот збунет.
„После продолжи со комплиментите, сега нè чека киното. Билетите се резервирани, пуканки имаме“ - вели Борјан и ја крева големата кеса полна пуканки за сите.
Филмот им беше погоден на сите. Имаше и акција како за момчињата, а и љубовна приказна која ги разнежни девојчињата.
Ина не го следеше филмот, бидејќи беше свесна само за присуството на Никола кој седеше до неа.
„Ина, ти се допадна филмот?“ - ја задева Нина својата другарка – „Мене најмногу ми се допадна делот со кучето кога го спасија“ - вели таа, додека Ина потврдува со главата - „Ахааааа и мене исто така“.
Сите прснуваат да се смеат во ист момент, додека Ина ги гледа збунето.
„Во цел филм немаше куче“ - изустува Јован едвај доаѓајќи до воздух. Ина си мрмори: - „Ете го тој миг кога велат, отвори се земјо и голтни ме од срам“ - ја наведнува главата.
„И јас не го следев филмот многу“ - ѝ шепка Никола на уво и се насмевнува.
Ина го гледа со раширени очи и чувствува како ја обзема топлина.
Ова е почеток на една нова љубовна приказна, помислува Нина и кришум го гледа Сергеј, кој на сред разговорот со Јован замолчува и ѝ го возвраќа погледот.
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Разделба
Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби
Момчиња и девојчиња: Љубовни маки
Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!
Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов
Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар