ЈАС СУМ МИА (Епизода 12.)
Епизода 12.
“И така, тоа се случи.”
Седевме со Сара, Ивона и Тамара на клупа во парк, после школо. Им раскажав се, од А до Ш. И дека сум била на кафе со Стефан, и дека се смувавме, па дека се понадевав дека раскинал со Тијана (Тамара остро ме погледна), ама дека сум го видела истата вечер кога си отидов рано од Кашмир и дека е глуп и дека мртов ладен сакаше да продолжиме, дека ќе го фрлев телефонот, дека Марко ме испрати, дека Марко се чудеше што се случило, дека Марко не ми пишал неколку дена, а во школо како да ме избегнува и така.
„Не ми се верува дека не ни кажа веднаш,” рече Сара, како што очекував.
„Мене Марко ништо не ми кажал,” рече Ивона.
Тамара не рече ништо. Гледаше некаде на страна.
„И сега?” продолжи Сара.
„И сега ништо,” реков јас.
„Ти пишал пак?” праша Ивона.
„Не, и попаметно му е да не се осмели.”
„Не ми се верува дека дури сега ни кажуваш,” разочарано рече Сара. „Требаше story-то да ти го гледаме за да дознаеме дека нешто се случило? Да прашуваме во исто време со сите? Нас да не прашуваат, а ние да бидеме збунети? Па, да ни викаат ‘па нели сте другарки’?” Го повиши тонот на крај.
„Добро де, не помина толку време,” реков јас.
„Па не е баш така,” рече Сара. „Јас веднаш би ви кажала. Вед-наш. Знаете.”
Истиот момент ми се смачи. Секогаш се инсистира се да се сподели. Секогаш мора се да знаеме една за друга. И која кога станала од спиење, кога си легнала, кога јадела, кога се чула со друга, што рекле Давид и Марко (каде е бе, Марко?), кој дечко како се бацува, кој кого погледнал, пишал, се јавил, лајкнал, излегол, влегол… Ми се смачи, стварно. И се изнервирав. Некако многу често ми се прелива чашата во последно време. Татко ми се обиде да ми објасни дека тоа е затоа што станувам возрасна, ама во тој момент толку не ми се слушаше дека „растам и станувам попаметна” што се исклучив.
„Сара, извини, ама не ми се кажуваше веднаш,” ја пресеков.
„Па, се договоривме дека се ќе си кажуваме,” рече Ивона.
„А ти, Ивона, баш се си ни раскажала?” и се свртев на неа.
„Да.”
„Ма немој,” викнав јас. „Сигурна си? Сигурна си дека не се допишуваш две недели со некого и не си ни кажала?”
Финтата беше што Јована ми кажа дека Ивона се допишува со некој нејзин колега од факултет. Да, Ивона има 16, а тој има 20. Се сретнале на некој семеен настан. Ивона избрала да не ни каже, од којзнае кои причини. И јас знаев, ама сигурно немаше да ја гњавам, кога веќе не кажала сама. И сега ме повлече за јазик да кажам, и криво ми беше, ама ме изнервира. Сара и Тамара се свртеа кон неа, а лицето и доби чудна розева боја.
„Па… па што ако се допишувам,” успеа да каже одважно.
„Па, да де, па што ако! Ама јас не одам по тебе да ми кажеш, за сега ти да ми викаш ‘нели се ќе си кажувавме!’”
„Барем нема девојка,” дрско рече Ивона, ја грабна ташната и тргна да си оди.
Не ми се верува!!! Значи седнати бевме да им раскажам, откако собрав храброст, само неколку дена после драмата! И одеднаш Сара ми се лути, а Ивона ми се скарува? А Тамара не ни знам што мисли?!
Поќутевме малку.
„Знаеш што, уствари,” ја прекина Сара тишината. „Може Ивона не кажува, ама јас се ви кажувам. Не само за мене. За се.”
И така седевме во тишина неколку секунди.
„Ехеј, Миа!” викна некој во близина. Се свртев, луѓето беа на наша возраст, ама не ги познавав. Ги погледнав прашално.
„Ајде бе, уште видеа кога?”
Леле, за story-то.
Ич не ми се зборуваше за тоа.
Успеав да извадам едно незгодно „Хах…”, а тие ми мафнаа и си отидоа.
„Еве супер, сега си популарна,” продолжи Сара. „Може треба да продолжиш да споделуваш со ‘публика’, а не со нас. Сеедно.”
И тргна да си оди. Па запре. Па се сврте.
„И Марко ти ги гледа пораките во нотификации, ама не ги отвара. Ете, јас знам нешто што ти не знаеш.” И со тоа, си отиде.
А зошто Марко го прави тоа?!?!?!
Потстанав и за малку ќе тргнев по неа. Се предомислив.
Кога се свртев, ми стана јасно дека Тамара е цело време и се уште тука.
Седнав неволно до неа.
Ме гледаше некое време, за на крај да ми се насмевне, конечно, после сто години, прв пат откако се налути.
„Ти реков.”
by
11. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
10. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
9. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
8. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
7. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
6. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
5. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
4. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
3. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
2. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
1. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.