„Младите сакаат само да избегнат долго чекање низ ходниците на бугарската амбасада“: Марио Јаневски „За европЦките вредности“
На почетокот на месецот се одржа 24-тата Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во конкренција од 14 говори, само 8 влегоа во финалето. Осумте оратори, на чело со нивните говори се бореа за една од четирите награди, а оние четири кои останаа без нив, не загубиле - туку само добиле мотив плус за следната година да бидат уште подобри.
Следниот говор, кој ќе имате можност да го прочитате на Хаштаг е говорот на Марио Јаневски, кој воедно го освои второто место на оваа ораторска вечер. Тој e студент во четврта година на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Страствен љубител на спортот, сообено фудбалот, а со јавното говорење за првпат се соочува токму на ораторската вечер „Иво Пухан“ и од тогаш продолжува да ги развива своите реторички вештини. За говорништвото вели дека е умешност, со која треба да се избалансира помеѓу убавото естетско говорење и способноста на говорникот да ги убеди слушателите. Марио говореше на темата „За европЦките вредности“, а неговиот говор ќе може да го прочитате во продолжение:
„Датум за преговори можен е годинава”.
„Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!” -
„Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата заедничка земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара.”
Не, ова не е 14 декември. Ова се изјави на наши политичари со кои нѐ замајуваат веќе две децениии. Да не беше трагично, ќе беше смешно. А трагично е... и смешно е...
Во меѓувреме променивме по некое знаме, по некое име, ја редефиниравме државата, еве и на пат сме да промениме некои историски факти – небаре историјата е македонски устав па така лесно ќе си ја менуваме, и сѐ тоа повикувајќи се на таканаречените европски вредности – новиот религиски култ во Републикааа... Македонија?!
Се извинувам. Република Нашата Земја.
А за возврат, што добивме? „ПА СРАМОТА Е ЛУЃЕ”!
Драги мои, денес не сум овде за да ви презентирам лажни вести и лажни ветувања, бидејќи тие се и повеќе од очигледни нели? Денес нема да ви понудам ниту некакви геополитички алтернативи, затоа што европската интеграција не е ниту проблемот за нашата стагнација. Како да сме хипнотизирани од бајките на европската утопија, која треба да пристигне за скоро, за 10, 15 или 20 години, па подзаборавивме да решаваме проблеми СЕГА.
Па, токму проблемот ни е во менталитетот и во спроведувањето на внатрешните реформи, драги мои! Блиските наши не се иселуваат само поради животниот стандард, туку и поради руинираниот систем по сите основи.
Нам насушно ни се потребни реформи во образованието, по можност конечно да направиме еден македонски образовен систем, прилагоден на карактеристиките на нашето општество, кој би ги заменил непопуларните и непрактичните за нас болоњски, кембриџ или фински системи. И наместо скапи тендери за обучување на магариња, можевме да имаме барем помодерни студентски домови.
Потребна ни е реформа и во здравството. Во овој сектор, издвојуваме мизерна бројка од под 5% од БДП. Знаете колку издвојуваат европските развиени земји? Над 10% проценти од БДП. Па нели тежнееме кон нив?
Очајно ни е потребна правда и правен систем. Па преку глава ни е од нови законски решенија и скапи Луј Витон чанти. И мислам дека е редно време е да се тргнат пипците на политичарите од судиите.
А сакате да зборуваме за патната инфраструктура? Замислете, со Косово и Бугарија кои се втор и трет извозен пазар за државава, не сме поврзани со автопат, што во обратна смисла би било непроценливо важно.
Па за овие очигледно неопходни и едноставни реформи, не ни е потребна Европската Унија, бидејќи и таму не е сѐ розово. На пример, иселувањето во Бугарија, Хрватска и Романија после влезот во ЕУ се зголемува секоја година, па следствено ако во 2018 година околу 75% од дипломираните македонски лекари побарале дозвола од лекарската комора да заминат во странство, замислете што ќе ни се случи откако ќе влеземе во ЕУ?
Исто така, кај споменатите земји се забележува и негативна тенденција кај некои индикатори, како на пример корупцијата, што јасно ни покажува дека ЕУ не е самовилата која со магичното стапче ќе ни ги реши проблемите.
А, ни младите повеќе не се палат на ЕУ, туку сакаат само да избегнат долго чекање низ ходниците на бугарската амбасада, чекајќи го бураскиот пасош. Да, таа е реалноста.
Токму затоа, денес сaкам да истакнам дека ние сме тие кои треба да се промениме себеси. Да си ја побараме одговорноста во секој еден од нас, како индивидуално така и колективно.
Доста веќе самите си бараме некакви камшици и тврдиме дека сме неспособни! Сѐ додека јасно и гласно, со городост, го извикуваме тоа и очекуваме ЕУ да се сожали со нас и да нѐ прими, само ќе заглавуваме во нејзините лавиринти.
Ќе останеме изгубени во времето, би го барале семето, одејќи по жица. А, жицата нека не ни ја гибаат.
И да не се разбереме погрешно јас не сум против европска интеграција, туку сум против нивното дипломатско силување и идентитеско обезличување кое ни го прават! Да бидеме искрени, европските вредности повеќе не се фетиш. Европа можеби се уште е најсексипилната дама во светот, но, ние? Хмх, ние?... Прогресивни или регресивни - станавме импотентни.
фото: Правен факултет
Може да ве интересира:
„Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот“: Савче Ѓошева „За изгубените вредности“„Дајте државата нека им помогне на нашите луѓе“: Дамјан Стоименовски „За лицата со посебни потреби“
Нашиот реален општествен пејзаж е насликан и обоен со празни библиотеки и читални: Сара Нешкоска за „Книгите – некогаш главна атракција, сега, заборавена дестинација“
Нашиот глас е подеднакво важен, а многу поискрен: Марија Додовска „Во името на право...“