Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?

Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?

„Мене ама баш ништо не ми е јасно“ - Јована ги крева рамениците додека останатите девојки ја гледаат со прашалници во очите.

„Ние девојчињата сме многу поедноставни, нели? Кога некој ни се допаѓа го покажуваме тоа. Еве, јас сум сигурна дека Филип знае дека ми се допаѓа!“ - додава, додека го мршти челото.

Нина и Марија се погледнуваат и ги креваат рамениците, а Ина и Теди уште ја гледаат збунето.

„Ама му се допаѓаш!“ - извикува Нина, а Теди потврдува со нишкање на главата - „Филип не се заинтересирал за некое девојче вака уште од онаа Сара во градинка, кога ѝ ги даваше сите чоколади кои ги крадеше од дома“ - со смеа во гласот додава Марија.

„Тие се малку чудни, еве јас да ти кажам“ - замавнува Ина со косата - „Еве и овој Никола, ме гледа, го гледам, се гледаме и сите гледаат дека се гледаме“ - се заплеткува од возбуда - „Ама ништо не зборува“ - воздивнува.

„Кога ви велам дека мора да ги земете работите во свои раце и да покажете girl power, вие ми се смеете“ - мудрува Марија.

„Мора да има знаци“ - вели Теди - „Еве, Сергеј не го испушта од раце привезокот кој му го подари Нина и само го вртка низ раце, а и целиот е чуден кога е во нејзина близина“ - под око ја погледнува Нина, која се зацрвенува од задоволство.

„Филип те црта цело време“ - се смее Марија - „Како пееш, па како стоиш загледана во далечините, па те ѕирка кога мисли дека никој не го приметува“.

„Оооооооо, еве ги убавиците“ - извикува Јован, а зад него Никола и Сергеј жолчно разговараат за синоќешниот кошаркарски натпревар - „Ај сега кажете дека сум најубав и да одам дома, треба да се слушнам со Ангела на скајп“ - вели важно и ја крева главата нагоре.

„Брат, пази да не се сопнеш од носот што ти тргнал кон облаците“ - го задева Нина, додека другите се кикотат.

Зад нив наближуваат Филип и Борјан кои во рацете носат некакви ливчиња.

„Девојки, ќе ве носиме на балет“ - мавтаат со билетите - „Мајка му на Борјан нашла супер карти и ветува добра забава“ - вели Филип и ја гледа Јована под око.

„Одиме сите, а ќе направиме и снимка од балетот за да ѝ пратиме на Ангела“ - додава Јован и отрчува за да се слушне со Ангела.

„Овој откачи“ - воздивнува Нина - „Сега преговара дома како да оди и да ја посети во Мајами, па да се вратат заедно за летниот распуст, а мама само негодува“.

„Борјан, еве ти како неутрален кажи што мислиш околу една многу важна работа“ - Марија гласно го прашува Борјан, кој со сласт загризува една вафла и се закашлува - „Како момчињата покажуваат дека некое девојче ги интересира?“.

„Ајјјјјј, ама зошто јас? Па немам ни симпатија уште, ама веројатно кога би имал, би се однесувал како Јован кон Ангела, Сергеј кон Нина, Филип кон Јована и Никола кон Ина“ - наивно додава, без да забележи дека сите споменати ги веднат главите.

„Што е сега“ - збунето додава Борјан - „Па никој не е глупав, нели? Од авион се гледа кој кому се допаѓа“.

„Брат, не ти требаше ова“ - му шепоти Филип.

Девојките задоволно се гледаат една со друга.

„Борјан, останавме ние тројца со Теди без симпатии“ - се шегува Марија - „Само ние издржливите ќе го спасите светот од патетика и љубовно страдање“ - ја крева раката во знак на победа.

„Само ти дрдори, знаеш дека Мартин-научникот прашуваше за тебе?“ - ѝ вели Теди и се кикоти.

„Како да не!“ - се зацрвенува Марија - „Тој не ме ни приметува“ - ги крева рамениците.

„Ахааааааа, а како знаеш дека не те приметува, освен ако не следиш дали те приметува?“ - ја прашува Ина.

„Е да де, кај ти е сега girl power?“ - вели Јована и го потчукнува Борјан со лактот.

Сергеј го врти привезокот низ прстите, додека Нина го гледа и со раката го допира привезокот кој ѝ го подари за Новата година. Филип се сместува до Јована и ѝ го покажува најновиот цртеж, на кој секако, е таа. Никола започнува на Ина да ѝ раскажува за тренингот кој го имаа претходниот ден.

„Види каква идила“ - му шепнува Теди на Борјан и додава - „Еј, знаеш дека со ослабел? Баш убаво изгледаш“.

Борјан си ги подмстува очилата и задоволен вели - „Теди, од сите девојчиња со протези, тебе најубаво ти стојат“ - и трепка од што не е сигурен дали она што го кажа е комплимент.

Само Марија стои настрана и е замислена додека со поглед го бара Мартин-научникот во толпата ученици кои стојат во дворот.

-ПРОДОЛЖУВА-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна

Момчиња и девојчиња: Разделба

Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби

Момчиња и девојчиња: Љубовни маки

Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!

Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов

Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар

Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован

Можеби ќе ве интересира: