ЈАС СУМ МИА (Епизода 13.)
Епизода 13.
„Што ми рече.”
„Дека е глупост тоа,” рече Тамара. „Дека е хаос. Ама драго ми е што се случи. Сега можеме да се дружиме пак.”
„Како тоа?” ја погледнав прашално.
„Па така, не ти се чини дека после драмава како да ни се тргнал облак?”
А стварно беше такво чувството. Тамара се налути малку без врска, малку со причина. Јас направив глупост, ама не бев до крај виновна. И сега, не знаевме што ќе се случува понатаму, ама таа глупост сигурно, 100% беше зад нас. И јас прв пат ја погледнав како другарка ми Тамара, а не „Тамара што којзнае дали пак ќе ме интересира во животов”. И сфатив дека ми недостасувала.
„Да, таа е,” рече некој околу нас. Се свртев и сфатив дека е за мене. Аман, луѓе, не беше ни толку јако story-то.
„Го гледав, инаку,” рече Тамара. „Мислам дека во истиот момент ми помина лутината.”
„Ма… да,” реков јас. „Срам ми е.”
„Како да не. Ајде станувај.”
„Зошто, каде?”
„Кај мене. Ќе снимаме видео.”
„Глупости,” реков јас.
„Станувај, ма,” нареди Тамара. „Ова не се пропушта.”
Во тој момент ми изгледаше поголема, посериозна. Отсекогаш беше најпорасната и најсериозна меѓу нас, ама сега ми се виде така, како колешка на Јована, не како другарка од клас.
***
„Добро, за што ќе снимаме?” прашав кога влеговме кај Тамара дома.
„Па, нема двете. Јас ќе снимам, ти ќе зборуваш,” објасни Тамара.
„Значи, не може!” негодував јас. Да снимаме заедно не ми беше страшно. Ќе се зезаме, ќе трескаме глупости, па ако го бива ќе го објавиме. Полесно ми се виде. Сега одеднаш, кога сфатив дека ќе снимам сама, ме фати паника. Не сум Јутјуберка. Не знам да се однесувам пред камера. Сама е тешко. Целиот товар е на тебе.
„Доста гледаш во една точка,” ме прекина Тамара во размислувањето. „Правам кафе, и одиме кај мене во соба.
Неколку часа и којзнае колку неуспешни снимања, смеења и прекини подоцна, немавме ништо вредно и нормално за покажување. Сите видеа завршуваа со грешки, со кикотење, некои траеја по 10 минути и беа трескање глупости, некои траеја 7 секунди затоа што Тамара почнуваше да се кикоти зад камерата, ама резултатот беше - ништо.
„А бе, не можеме вака,” рече Тамара. „Дај, смисли тема.”
„Не знам, ме мрзи веќе, па!” се пожалив јас како Јаков кога го тераат да оди на гости.
„Аааах,” воздивна Тамара. „Ништо, значи. Океј, одам да направам нешто за јадење.”
Останав сама во собата. Неверојатно. Сара беше лута, Ивона беше лута, а јас не се замарав. Забавно ми беше. Како ненамуабетени бевме. Цел ден надоместувавме што сме пропуштиле да си кажеме, до најситен детал. До колку пати го видов Оливер, а не можев да и кажам; дека открив нов, многу добар еурокрем што знам дека нејзе ќе и се свиѓа, а не можев веднаш да и пратам слика, зошто бевме малку скарани. Тамара ми кажуваше дека сестра и се префрлила во ново, приватно школо за глуви деца и дека и досаѓала да ме викне да ми раскаже, зошто од сите другарки на Тамара јас толку многу време поминував кај нив дома, што можев со сестра и да се разберам на знаковен јазик. И прејако е тоа, затоа што со Елена можеш буквално да го оговараш симпатијата, и тој да биде присутен и ништо да не разбере.
И тогаш се замислив. Пред неколку дена не сакав на никого ништо да кажувам. Поточно до пред неколку часа.
А сега на Тамара сакам да и раскажам се, а и таа мене.
Дали на другарките треба да им се кажува баш се?
Станав и ја вклучив камерата.
Почнав баш со тоа прашање.
Се изназборував.
„Некои работи едноставно сакаш да ги чуваш за себе…”
„..Ама сепак, има работи што е прекрасно да ги споделиш…”
„Нејзина работа е…”
„Треба ли да се лутиш, ако некој избрал да не ти каже нешто за себе?”
„Што ако се дружите со години…”
Десет минути подоцна влезе Тамара со тостови и сок, додека ја исклучував камерата.
„Ај види,” и реков. Тамара ја зема камерата и пушти. Често се смееше, а повремено лицето и добиваше и сериозен изглед. Заврши видеото.
„И?” прашав јас.
„Е па, имаме видео за на Јутјуб,” гордо објави Тамараby
12. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
11. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
10. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
9. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
8. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
7. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
6. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
5. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
4. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
3. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
2. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
1. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.