Момчиња и девојчиња: Стратегија за посвојување маче
„А не! Ти ќе им кажеш, јас го донесов Кики“ - му шепоти Нина на Јован.
„Мама ќе збесне. Бак нема да има ништо против, а тато ич не знам како ќе реагира“ - возвраќа Јован со шепот и се преместува од нога на нога додека ја држи кутијата во која спие едно мало маче.
Нина го гали мачето и размислува како ќе го викаат. Решително ја отвора вратата од домот и го турка Јован внатре.
„Кај сте бељаџии?“ - извикува тато од дневната соба, додека мама трпа со тањирите во трпезаријата.
Јован подголтнува и ѝ вели на Нина: - „Праќај порака на вибер до сите, нека дојдат, ќе ни треба помош.“ Нина веднаш испишува едно големо HELP на вибер групата во која се сите, па дури и Ангела.
„Мамо, тато, видете што најдовме, односно не го најдовме туку ни го подарија“ - набрзина вели Јован и ја спушта кутијата на подот. Бак веднаш се залетува кон кутијата и љубопитно го мириса малото поспано маче. Ја врти главата де лево, де десно и во знак на одобрување го лизнува.
Тато ги вади наочарите и стои стаписан, а мама стои покрај него и одмавнува со главата.
„Уште ова ми требаше“ - си мрмори во себе - „Малку се овие двајцава, Бак и Кики, па мораше и маче да ми донесат“.
Тато ја отвора устата за да каже нешто, кога на вратата се слуша звонење и влегуваат Ина, Марија, Теди, Јована, Сергеј, Никола, Борјан и Филип. Сите се собираат покрај кутијата.
„Леле какво топче ееееееее“ - се разнежуваат девојчињата, додека момчињата превртуваат со очи.
„Како ќе се вика?“ - прашува Ина.
„Полека, полека“ - ја креве раката мама и ги забришува рацете од крпата - „По-ле-ка. Од каде излезе сега ова?“.
„Мамо, мамичко моја најубава и најсакана на светот“ - трепка Нина, додека Сергеј ја гледа и со раката си ја покрива устата за да не прсне од смеење. Теди го удира со лактот за да се прибере и му се заканува со прстот.
„Добро бе деца, ќе правимее зоолошка од станов?“ - воздивнува мама, а во тој миг мачето се прозева и ги отвора очите, тегнејќи се - „Оф, колку е мило“ - се заборава мама и го зема в раце.
Тато одмавнува со главата и се смее.
„Дечки, останувате сите на ручек и нема одење додека не се смисли име за топчево“ - плеснува тато со рацете.
„Пуфка, Белка, Маки“ - летаат предлози од сите страни.
„Е да бе Белка, па не е крава“ - се мурти Нина додека го гушка мачето кое збунето се пика во неа.
„Принцез“ - вели Сергеј и ја гледа Нина како му зборува на мачето кое задоволно преде.
„Тоа Нина или мачето?“ - го задева Јована.
„Двете“ - му се испушта на Сергеј, а тато ја гледа мама и ѝ намигнува.
„Ова ли е тој по кого ќерка ти губи глава?“ - ѝ шепка тато на мама.
„Тој, тој“ - тивко вели мама и додава: - „Умно дете е, а Нина е и твоја ќерка“ - го задева.
„Принцез“ - извикуваат сите. И навистина, малата госпоѓица е третирана како принцеза. Веднаш добива млеко и се заигрува со Бак кој е исклучително внимателен да не ја згази.
Мама набрзина спрема пилешки стекови и пржи компирчиња.
„Ете, излезе сосем безболно“ - се смее Јован, додека ја мести Принцез за да ја фотографира за Ангела. Сите се сместуваат покрај лаптопот на кој преку скајп Јован ја добива Ангела.
Филип веднаш започнува да црта Јована како во рацете држи маче, а Борјан ѕирка преку неговото рамо и вели: - „Брат, ако ништо друго знаеме како ќе ти се вика изложбата. Јована во сите можни ситуации“ - прснува во смеа.
Јована поцрвенува, додека Теди го скокотка Борјан.
„Ауууууууу, си се направил коска и кожа“ - му вели - „Еве, касни и од мојот стек“ - му подава парче месо.
„Види, види, а мене дома не ми даваш ништо од твојата порција“ - ја скубнува Сергеј.
„Еј, само да ви кажам. Поканети сме сите на презентација на новиот проект на Мартин - научникот“ - вели Никола, додека врти низ прстите еден прамен од косата на Ина.
Марија веднаш извикува: - „Ќе одиме?“.
„Па нормално, ќе се дотераме, еве ти ќе се облечеш како Superwoman и ќе му покажеш што значи girl power“ - се шегува Нина и веднаш и’ ја подава Принцез, а Марија не стасува ни да се налути.
Тато и мама се повлекуваат во нивната соба и ја оставаат дневната на располагање на веселото друштво. Принцез е највесела од сите. Се прави важна и шета од еден до друг за да се гали. И Бак оди по неа и весело мавта со опашот.
Само Кики ѕирка од кафезот и седи мирен. Сѐ додека е на високо, нема проблем со новиот член на семејството.
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?
Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна
Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби
Момчиња и девојчиња: Љубовни маки
Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!
Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов
Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар