ЈАС СУМ МИА (Епизода 14.)

ЈАС СУМ МИА (Епизода 14.)

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Епизода 14.

Неверојатно е со колкава брзина се шират некои работи. Трач дека некој со некого се смувал. Или раскинал. Или е во врска. Кого го избркале од школо. Кој е тој што се префрлил од друго школо.

И кое девојче од генерација се занесува таму дека е некоја Јутјуберка.

Со Тамара направивме Јутјуб канал, ставивме некоја сликичка, го закачивме видеото, го споделивме кај стигнавме и чекавме.

Вечерта имаше некои стотина прегледи.

Утредента…

Па, повеќе.

Многу повеќе.

Интересно е да поминуваш низ школски ходник и да ги забележуваш луѓето како се обидуваат дискретно да си шепнат нешто. И притоа, никогаш не успеваат да сокријат дека е за тебе, ако е за тебе. Секогаш, ама секогаш несвесно гледаат во тој што го озборуваат.

Имаше и неколку што ми пријдоа и ми рекоа дека им било многу јако. Имаше и такви што во тој момент сфаќаа дека има нешто, и веднаш нурнуваа во телефоните.

Имаше коментари.

Секакви.

Од „Бравооооо!” до „леле каква глупачааааааааа” и се измеѓу.

Бев зачудена од самата себе колку не ми беше гајле за негативните коментари. Навистина се гордеев со мојот монолог за споделувањето со друштво.

Не знам дали за жал или за среќа, Сара и Ивона беа на натпревар математика. Не знам како ќе требаше да се однесувам после тоа во паркот.

И не можев да си објаснам зошто најмногу ме интересираше Марко што ќе каже за видеото.

А Марко не беше во школо.

Прв час имавме англиски.

„Ај доста, сега,” рече професорката кога влезе, што значеше дека треба да се престане со муабети.

„Професорке, Миа е Јутјуберка,” довикна Давид од последната клупа, спремен за закачање со што и да му стапне пред пат.

„Што е Миа?” праша професорката, погледнувајќи во мене. Ќе го убијам Давид.

„Јутјуберка професорке,” си продолжи тој.

„Каква врска има тоа со часов?” праша професорката незаинтересирано, и го отвори дневникот.

„Па, ете професорке, може да ни раскаже—”

„Давид, може и да леташ од час, па да раскажеш како си поминал кај педагогот,” го прекина професорката.

„Добро, добро,” рече Давид и тивко се насмеа, како дете што направило беља.

„Ај, отворете на петта лекција,” почна професорката, и додека сите гледаа во книгите, украде момент да ми намигне.

Еј, знае?!

На голем одмор ја начекав Тамара во сред муабет, што го заврши со „И директор на фотографија: Тамара!” и се поклони.

Стоеше со девојчиња од другиот клас.

„Гледавме, Миа!” рече една од нив.

„Да, супер е, и се што кажа е така,” се вклучи друга. „Не мора се да се кажува. Освен ако не решиш дека сакаш и дека ти е мило да кажеш.”

„Миа имаш 30.000 прегледи!” рече Тамара, буткајќи ми го телефонот во фаца. „Види, види! Најјаки сме!” Се подзамисли, па рече, „добро, не сум до толку директор на фотографија, затоа што бев во кујна додека снимала оваа.” Другите девојчиња почнаа да се смеат. „Ама јас запнав. Признај!” весело ми се обрати.

„Да, да не беше Тамара, немаше да знаеме дека сум ‘глупача што нема попаметна работа,’” реков свечено, читајќи го најновиот коментар.

Пак смеење.

„Значи затоа што јас инсистирав, тоа како се вика?” праша Тамара.

„Не знам, продуцент?”

„Да! О, јако звучи. Продуцент: Тамара,” пак се поклони.

„Кај ви се Сара и Ивона?” праша некој и се појави истиот оној облак што го чувствував кога бев скарана со Тамара.

„На натпревар,” побрза Тамара пред да се збунам јас.

Заврши одморот и се разотидовме.

„Ќе се смириме, сите четири,” ми рече Тамара кога седнавме во клупа. „Ќе видиш.”

Да и кажам дека не сум премногу возбудена околу тоа?

Ај, ќе преќутам.

Дома беа само мајка ми и Јаков. Јаков ме гледаше како удрен со мокра чорапа.

„Што е, бе?” му се с’снав.

„Не знам ни како да те зезам за ова,” ми врати тој.

„Што?”

„Цело одделение на Јаков го гледале видеото,” се вмеша мајка ми. „И јас го гледав, инаку, преубава си, преумна си, ми иде и јас да снимам видео и на сите да им објаснам дека си мое дете,” гордо изреди. „И девојчињата се воодушевени од тебе, а на машките им се свиѓаш. И сега не знае што да прави, нели мил?” рече и го погали по глава како да е петгодишен. Мајка ми од секогаш не лигавела.

„Ама Миа, имаш 45.000 прегледи,” збунето рече Јаков.

Ми текна што е проблемот.

Јаков живее на Јутјуб. Ако не е на Јутјуб, тогаш е во мрежна игра. И пак на Јутјуб. Моите 45.000 прегледи, наспроти неговите 7 (Јаков прави видеа за Фортнајт со другарите) му се планина за достигнување. Не ми се верува со каква глупа работа стекнав почит од мојот досаден брат.

Чекај, рече 45.000?

Wow.

Бев дури и малку горда.

Wow.

Решив дека ќе гледам серија. Ми беше мирно и пријатно. Додека не ми стигна порака од Сара.

„ЖИМИ СЕ МИА, НЕ СУМ ЈАС!”

А?

„Што збориш, бе?” и вратив на пораката. Не очекував дека толку брзо ќе ми пише. Особено не очекував дека ќе ми пише ваква порака.

„НЕ ВИДЕ?!?!?!?!?!?!?!?”

Истата секунда почна да ме боли стомак. Ама, истата. Којзнае што е. Кој-зна-е.

Почнав да пишувам со страв.

„Што да видам. Прати ми.”

И добив линк.

Од Инстаграм профил. Името не го ни загледав, профилот очигледно беше спам-профил, со неколку слики собрани од интернет. А најновиот пост беше видео. Со над 400 прегледи.

Од мене и Стефан како се гушкаме, оној ден откако ме испрати до дома.

Јавно.

Се гушкам со Стефан што има девојка.

Значи, сега ако не се онесвестам, нема никогаш.

@jassummia

by

@janamisho

13. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

12. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

11. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

10. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

9. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

8. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

7. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

6. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

5. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

4. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

3. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

2. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

1. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Можеби ќе ве интересира: