Момчиња и девојчиња: Љубомора

Момчиња и девојчиња: Љубомора

„Брат, како одат часовите на Нина по цртање?“ - навидум незаинтересирано Сергеј го прашува Јован, додека ги врзува врвците од патиките.

„Еј ќути, само нешто шкрта во блокот и сега ги убедува мама и тато да ѝ купат таблет за цртање“ - се издишува Јован и со телефонот прави едно селфи за да испрати на Ангела.

Сергеј превртува со очи додека го гледа и им намигнува на Борјан, Филип и Никола. Тие ги прчат усните и се преправаат дека се сликаат како девојчиња.

„А брат, кој е Горјан што го споменува?“ - повторно незаинтересирано прашува Сергеј, кој малку се заруменува во образите.

„А? Кој?“ - се сепнува Јован - „Врска немам, не го спомнала дома“ - и се смешка додека го чита одговорот на Ангела.

„Кај сте бе полуматуранти?“ - извикува Марија, додека со Јована се поттурнуваат, а зад нив се кикотат Ина, Теди и Нина.

„Ооооооо, еве ги малите женчиња“ - возвраќаат момчињата, додека девојките ги туркаат од клупата за им направат место.

„Еј Филип, чекај да ми го видиш новиот цртеж“ - извикува Нина и го вади блокот од и онака полната торба.

„О мадам, не е лошо, ич не е лошо. Ќе биде нешто од тебе“ - ја задева Филип, додека кришум ја ѕирка Јована и помислува колку убав цртеж ќе излезе кога ќе раззелени сѐ, а Јована ќе седи на трева.

„Што вели Горјан за цртежот?“ - со стиснати усни прашува Сергеј, додека Нина збунето го гледа и ништо не ѝ е јасно.

„Брат, ти си љубоморен!“ - му шепка Јован на Сергеј - „Ама познавајќи ја сестра ми, не треба да се грижиш, паметот ѝ е во тебе“ - му намигнува.

Сергеј воздивнува, ама некако не е убеден. Ја гледа Нина под око, а таа го приметува и се зацрвенува целата.

„Не туку ја гледај како да е колаче, туку викни ја да излезете некаде“ - му шепка Теди и го удира по глава.

„Еј дечки, денес Мила ќе дојде да се распраша за женската кошаркарска екипа“ - извикува Јована и плашливо ја загледува Нина, која се мршти и ги става рацете на половината во облик на буквата Ф.

Само што ја спомнува, Мила сета задишана дотрчува до нив и му се обраќа на Сергеј: - „Ме примија во екипата, само ќе треба да вежбам кошеви. Ќе можеш да ми помогнеш?“ - трепка со очите.

„Девојки, одиме“ - отсечно и луто, Нина им се обраќа на другарките и ја зема торбата. Како по наредба сите збунето стануваат и тргаат по неа.

„Што има таа да му се обраќа на Сергеј? И што има тој да ѝ покажува како се давале кошеви? И која е таа да дојде туку така и да се замеша во се“ - луто и брзо зборува Нина, додека сите молчат.

„Ама знаеш, Сергеј не успеа да ѝ одговори, можеби ја одбил“ - Теди се обидува да ја смири Нина и да го одбрани брат ѝ. Јована ја наведнува главата со чувство на вина, а Марија и Ина молчат.

„Откако тргнав во училиштето за цртање, Сергеј е чуден“ - Нина е веќе тажна и на раб да се расплаче.

„А тебе смотана една, не ти текнало дека можеби е љубоморен на некого таму?“ - изнервирано ја прашува Марија и ја застанува, потегнувајќи ја за ракавот - „Веќе три пати до сега го споменуваш Горјан, леле Горјан како убаво црта, аууу Горјан каква финта за цртање ми покажа“ - ја имитира со гласот.

Нина ја гледа цела запрепастена и подголтнува: - „Ама Горјан ми е мене другар! Сергеј треба да знае дека не ми се допаѓа никој друг освен тој“ - пелтечи со насолзени очи.

„Е како да знае? Си му кажала? Или треба да ти ги чита мислите. Згора на сѐ тој е машко, а машките знаеш какви се“ - мудрува Марија, додека другите само потврдуваат со глава.

„Сергеј нема друга симпатија освен тебе“ - категорична е Теди - „само зјапа во твоите фотографии на инстаграм и те гледа цело време. Каква Мила, какви глупости, само си правиш филм.“

„Чекај, ми звони Јован“ - Нина го гледа телефонот и се јавува. Отпрво челото ѝ е намрштено, а потоа се насмевнува и го затвора телефонот.

„И? Кажувај веднаш“ - сите во еден глас извикуваат.

„Ја одбил. И не само што ја одбил, туку ѝ кажал дека целото слободно време сака да го минува со симпатијата, која е една дива и лута мала напаст со наочари“ - во еден здив кажува Нина и ги подместува наочарите на носот.

„И сега? Сега може да се вратиме и да се однесуваш нормално?“ - ја прашува Марија и се врти назад, земајќи ја торбата на Нина.

Момчињата молчат додека девојките полека наближуваат кон нив. Нина гледа во земја и избегнува да го погледне Сергеј, а тој се прави дека гледа еден авион на небото. Молкот станува тежок, додека Јован не прснува да се смее:

„Гулапчиња, откако расчистивме сите дека никој не треба да биде љубоморен, може да продолжиме нормално да се однесуваме?“.

Веднаш започнува разговор во кој паѓа договор за одење во кино и гледање на премиерата на новиот филм кој долго го очекувале. Сергеј се доближува до Нина и ја потегнува за косата:

„Лутка“ - се насмевнува.

„Лутко“ - му одвраќа Нина и го подгазува по патиката.

„Лелееееее, види колку се слатки“ - ѝ шепка Теди на Марија.

„Мислев дека ќе има војна, ова беше навистина страшно“ - одговара Марија.

Надвор огрева сонце. Пролетта е идеална за убави љубовни приказни, помислуваат сите.

-ПРОДОЛЖУВА-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: Стратегија за посвојување маче

Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?

Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна

Момчиња и девојчиња: Разделба

Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби

Момчиња и девојчиња: Љубовни маки

Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!

Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов

Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар

Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован



Можеби ќе ве интересира: