ЈАС СУМ МИА (Епизода 15.)
Епизода 15.
Џабе имаш ти 45, не… 70.000 прегледи веќе, на твоето прво видео, на твојот нов Јутјуб канал. Не можеш да се израдуваш.
Не-мо-жеш.
Затоа што таму на некој му текнало дека е толку гаден, што направил лажен профил на Инстаграм за некако да ти наштети. Не го ни мрзело да оди по тебе, да те шпиунира и да те снима што правиш и со кого.
А може не ме ни шпиунирале. Може е некој што живее блиску кај мене. Може е некој што поминувал.
Колку треба да си одвратна личност за да ти текне вакво нешто?
Не мрднав од креветот. Како што бива на Инстаграм, видеото си се пушташе од почеток истата секунда кога ќе завршеше.
Со Стефан доаѓаме до кај мене дома.
Се смееме нешто.
Се гушкаме.
И точно пред бакнежот (а се забележува и дека натаму сме тргнале), се спушта камерата како некој со сила да ја тргнал и нема веќе.
И од почеток.
Доаѓаме до кај мене дома…
Прво, се почувствував грдо и небезбедно. Како да ми е срушен светот. Чувствував лутина. Срам. Барем да вредеше. Мислите ми одлутаа кај Стефан. Кај Тијана. Назад кај мене.
Сите тинејџерски магазини тврдат дека не треба да ти биде гајле што мислат другите за тебе.
Како тогаш да објаснам дека ми е гајле што утре сите ќе ме мразат затоа што крадам дечковци?!
Не можеш да правиш што ќе ти текне, притоа да правиш ШТЕТА и да не ти е гајле што мислат другите за тебе!
Ми заѕвоне телефонот и ме извади од памет. Сара беше. Не знам од каде го извадив гласот да кажам „ало”.
„Миа стварно не знам кој е ова!” панично викна Сара на телефон.
„Знам, Сара, ми кажа,” реков јас, речиси без емоција. Не знам како успеав без емоција кога ми се плачеше како што никогаш претходно не ми се плачело.
„Да не ти е гајле,” се обиде да ме утеши Сара. „Ќе дознаеме кој е. Или која е…” се замисли.
„Не излегувам никаде веќе и не правам ништо,” реков со глас задушен од солзите што почнаа да ми течат како да сум ги вклучила на копче. „Само мене може да ми се случи ваква работа…”
„Миа не плачи… Ќе го избришат… Ќе направиме report…” се обидуваше Сара. „Не ви се ни гледаат лицата убаво…” Додека зборуваше, ги слушав нотификациите во позадина… Нема да бидат само коментари на Јутјуб, или лајкови на Инстаграм. Знам точно како одат овие работи. Сум видела кај други девојчиња.
Прво се јавуваат тие, божем, загрижените, да прашаат „стварно си ти?”
После почнуваат да се јавуваат другарките на девојката чиј што дечко е во прашање.
И на крај се јавува девојката.
Не.
Одам.
Веќе.
Никаде.
Завршив со Сара и страв ми беше да отворам. На екранот се појави порака од Тамара.
„ОДВРАТНИ!!! НЕМОЈ ДА СИ СЕ СЕКИРАЛА!”
Фала, Тамара. Ама тешко дека ќе те послушам.
Под гадното видео се редеа коментари.
„Кои се овие бе…”
„Стефан на Тијана и онаа Миа со сторито.”
„Не е Стефан.”
„АААААХАХААААААААААХАААА”
„НЕ МИ СЕ ВЕРУВАААААА”
„Е како Стефан?”
„Леле јас вака да го видам дечко мииииии”
„Стефан е, по дуксерот се познава, црвениот, оди види кај него на Инста го има”
„ААААА види го ти Стефааааан!”
„Е сега ако му прости глупа е”
„Миа е глупа”
И меѓу нив, еден куп коментари со навреди, со претпоставки, со муабети како на Стефан не му е ни прв пат, а најверојатно ни последен…
Морам да се смирам, си реков.
Мора да ми текне кој би го направил ова. Не може да е некој случаен. Не може да е некој нормален. Ова е некој, или некоја што ме мрази.
Се џитнав на кревет и не ми се ни плачеше веќе. И тогаш ми текна.
Можеби не сум ни важна во случајов? Можеби е некој што сака да им ја расипе врската на Стефан и Тијана?
Пак ме фати некој инат. Од кај јас највиновна во случајов? Што не му се дерат на Стефан дека е идиот? Или него ќе му честитаат дека прави што сака?
Секогаш така.
Секогаш машките се закон кога прават вакви глупости. Никогаш никој не ги закача.
А кога е женско? Тогаш имаат спремно цели списоци со најгрозни имиња и претпоставки.
Не може.
Решив дека морам ладно да размислувам и не знам ни од кај најдов волја после овој ужасен инцидент. Ако продолжам да кукам и да се движам низ дома како зомби, притоа да барам да не одам во школо и да им плачам на мајка ми и татко ми дека не сакам да гледам никого, прво ќе ми речат да не претерувам, па ќе ми речат дека морам во школо, па ќе ми одржат еден куп предавања дека за една година од сега ова нема да биде важно…
Не можам да се занимавам со тоа, кога имам попаметна работа.
Да откријам кој ми го направи ова. И во глава почнав да ги листам најочигледните, па сите што ги знам.
Не е Стефан, сигурно сам не би си го направил ова.
Тијана… Можеби… Ако дознала дека ја изневерува, па да му врати. Ама како што заклучивме, никогаш не е дечкото избрукан. Секогаш е девојката. Тијана не е глупава и знае дека ако излезе ова во јавност, таа би била засрамена, а не тој.
Не е Тијана.
Сара. Сара беше повредена дека не сум и кажала, и Сара сака да биде изворот на сите информации… Ама не верувам дека би ми го направила ова.
Тамара. Нема шанси. Тамара веднаш покажа дека ја лути тоа. И нема потреба дури сега да прави вакви работи.
Марко. Зошто би бил Марко? Марко не може да се натера ни да зафркава луѓе од што е пристоен.
Ивона… Хм. Да, се поткаравме. И дополнително ми е лута што ја издадов дека се допишува со тој постариот… Ама Ивона не е зло. А не е ни доволно паметна за да смисли ваква подла работа.
Давид… Не.
Другарки на Тијана… Не би и направиле на нејзе вака…
За момент ми изгледаше безнадежно. Градот е полн со деца што не знаат и што ги знаеме. Од нив којзнае колку го сакаат или го мразат Стефан, којзнае колку ја сакаат или ја мразат Тијана, и на крај, мојот клип има 70.000 прегледи. Од нив, барем на 10 души (а сигурно се повеќе) сум им антипатична.
Безнадежно.
А јас треба да бирам.
Или да се трескам од земја, или да продолжам понатаму.
Телефонот вибрираше.
Во сандачето со пораки од луѓе што не ги следам вриеше. И да, им ги препознавав профилите на другарките на Тијана.
„Што се замислуваш ма!”
„Се гледаш со Стефан?”
„Не смееш да му се доближиш!!!!!!!!”
Не фала, немам намера да се доближувам до такво сељачиште. И гратис да ми го даваш, другарко на Тијана.
И така додека читав, стигна порака од Марко. Скоро и да заборавив дека не сум го ни видела ни чула неколку дена. Првиот што дозна за моето мување со Стефан и што не отвори уста.
Ја отворив пораката со брзина на светлината.
„Последниот пат кога зборевме, не беше Ким Кардашијан.”
Хаха. Марко прави шега. Дека протечено видео од мене со дечко и дека популарна на интернет. Хах. Ќе го убијам.
„Уште ти ми фалиш сега,” му пишав.
Sвони.
Се возбудив и се збунив. Зошто се возбудувам кога досега сме збореле сто илјади пати?
„Ало?”
„Кај си ма, Миа.”
„Кај си бе, Марко.”
„Се нервираш?”
„Да. Ама пробувам да не. Кај си ти сто години во школо?”
„Скршив прст.”
„КАКО БЕ?!” се шокирав. Еднаш да му се јавев додека го немаше?
„Глупости, еднаш ќе фатам баскет во рака, и ќе се осакатам,” се насмеа Марко. „Ама ќути, на моите им беше жал, па ми дозволија да одморам. Ти што не се јавиш да прашаш како сум, умрен ли сум, скршен ли сум, зошто ме нема…” додаде зајадливо.
„Малце бев во бунило деновиве,” одговорив јас.
„Знаеш што, Миа…” почна Марко. „Јас имам една идеја…”
И ми ја раскажа. И се договоривме. И вечерта што имаше сериозни шанси да биде најужасната вечер во мојот живот, со неспиење и читање закани од некакви си другарки на Тијана, одеднаш стана најмирната вечер после долго време.
Утредента со Марко се чекавме на кривината пред школо. Дојде, со неговиот црвен дуксер, ист како на Стефан. Ми ја префрли раката преку рамо, и така гушнати се појавивме во школо. Сите, ама СИТЕ гледаа во нас. Веројатно уште од дома планираа обвинувачки да зјапаат во мене (грозниот Инстаграм пост надмина 1000 прегледи), ама не во мене и во мојот „дечко во црвен дуксер”.
На скалите се разделивме, за да однесе потврда од лекар кај класната. Ме бакна во уста, пред сите и ми рече „Оди, доаѓам за 5 минути.”
Гордо се свртев и се упатив кон училницата.
Тој што решил да ми го уништува животот не предвидел неколку работи. Дека Марко и Стефан имаат исти фризури. Дека имаат исти дуксери. И дека Марко е најдобриот другар на светот.
Знаевте дека ќе има книга „Јас сум Миа”? Следете го профилот на Миа на Инстаграм за да не пропуштите нешто ;)
by
14. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
13. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
12. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
11. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
10. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
9. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
8. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
7. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
6. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
5. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
4. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
3. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
2. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
1. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.