Момчиња и девојчиња: Маскембал
„Имам идеја“ - вели Нина додека загризува од јаболкото кое го зема од раката на Јован - „да се маскираме и да направиме една забава, ама да биде малку невообичаено. Да се маскираме секој во својата симпатија, м?“ - ги гледа под око сите.
„Лесно ти е тебе“ - ја задева Јован - „треба само дрес да најдеш, а јас каде да барам перика со руса коса?“ - ја поттурнува со лактот, додека Нина од кикотење за малку ќе се засркнеше со јаболкото.
„Па тоа е финтата бе брат, да се помачиме малку“ - мудрува Борјан и под око ја гледа Теди, мислејќи како ќе изведе да стави протеза на забите.
„Добра идеја девојко, доооообра“ - воодушевени се Ина и Марија, а Јована само потврдува со главата.
„Значи, договорено е, имаме точно 3 дена да се подготвиме“ - плеснува со рацете Нина - „Борјан, ти ќе бидеш диџеј, а забавата ќе е кај нас дома“.
„Брат, сестра ти е чудо, кај ѝ текнуваат вакви работи“ - се смее Сергеј и му ја разбушавува косата на Јован.
„Не знам брат, ти мисли му ја, ти ќе си ја трпиш таква“ - Јован не останува должен и му намигнува на Сергеј.
„Девојки одиме, имаме многу работа за да се подготвиме“ - вели Нина и го зема ранецот. Ина, Теди, Марија и Јована тргнуваат по неа, договарајќи се попатно да ѝ се јават на Ангела за да се спреми и таа преку Скајп да учествува во забавата.
„Дечки, бидете креативни“ - им довикуваат на момчињата, кои остануваат во училишниот двор за да ги почекаат Никола и Мартин-научникот.
„Девојкиве се опасни, а кога ќе ми текне дека ќе е полошо кога ќе станат возрасни, ми доаѓа да заплачам“ - се кикоти Филип, додека фаќа набрзина да ја црта Јована како чекори, завртена со грб.
„За Нина ќе треба еден дрес и перика со афро фризура што ја имаме дома, Ина ќе треба да облече дрес со бројот 9 како Никола што носи, Јована ќе помине лесно со блок и боички во раката, Марија ќе облече бел мантил и ќе земе микроскоп-играчка, а Ангела ќе треба да ја собере косата и да стави слушалки на учите“ - набројува Теди.
„А ти паметнице ќе треба да си набавиш очила и едно диетално колаче за да бидеш иста како Борјан“ - ја задева Јована.
„Среќа што никој од нив нема мустаќи, инаку кој ќе се црташе“ - се кикоти Марија, додека размислува како ќе ја убеди мама да и’ го даде белиот мантил кој го носи на работа.
„Ангелаааааааааааа, сите те сакаме“ - вика Нина во телефонот на Скајп, додека Ангела им праќа бакнежи. Набрзина ѝ ја кажуваат идејата за маскембалот, а Ангела е воодушевена од идејата.
„Ауууу, брат колку си убава“ - се превиткува Борјан од смеење додека го гледа Јован како пробува една перика со долга руса коса.
„Девојко, имаш дечко или може да одиме во кино?“ - се кикоти Сергеј додека Јован целиот се препотува.
„Да ме убиете ако знам како ова девојчињава се снаоѓаат со долги коси“ - воздивнува Јован и се гледа во огледалото - „Абе видете, и како девојче сум убав“ - ги напрчува усните, додека продавачката ги гледа под око.
„Јас земав наочари од баба ми за да бидам како Нина, како ми стојат“ - прашува Сергеј додека ги става наочарите на нос.
„Изгледаш како волкот од приказната за Црвенкапа“ - се смее Борјан - „Бабо, бабо, зошто ти се очите толку големи“.
Петок е. По завршувањето на часовите, сите итаат накај дома за да се спремат за вечерашната забава. Мама и тато се спремаат за маскембал.
„Тато, што си вака чуден?“ - прашува Нина.
Тато превртува со очите и ѝ вели на мама - „Оди сега објасни им на децата за филмот Брилијантин“ - се издишува.
Мама се смее и го потегнува за црната кожна јакна - „Мене си ми убав, ајде да одиме“ - и го турка низ вратата.
Околу 8 часот вечерта пристигнува Борјан со музиката. Нина прснува да се смее додека го гледа како ставил перика со коњско опавче.
„Не фе фмеј“ - едвај зборува Борјан од протезата која ја најде дома и која ја носел како помал.
Нина застанува во фраерски стил со дресот од Сергеј, кој за оваа прилика Теди го „позајми“ од Сергеј и ја подместува периката со афро фризура.
Зад Борјан доаѓа Никола со распуштена долга зелена коса и ги крева рамениците - „Само ова го најдов, се надевам дека Ина нема да се лути“ - се издишува.
„Ич не се грижи, зелената е омилена боја на Ина“ - го теши Нина.
Еве го и Мартин-научникот со маица на која пишува GIRL POWER и нервозно цупка.
„Да, да, знаеме дека си Марија“ - одвраќаат сите.
Филип и Сергеј се појавуваат заедно. Филип држи микрофон во раката и се преправа дека рецитира, а Сергеј едвај ја промашува вратата од што ништо не гледа од наочарите од баба му.
Доаѓаат и девојките. Сите се кикотат колку се успешни во маскирањето. За крај излегува Јован, замавнувајќи со долгата руса коса која му се пика во уста.
Веднаш уклучуваат Скајп, а Ангела им намигнува со собрана коса и слушалки во ушите.
Борјан е во елемент и веднаш пушта музика. Забавата трае до доцна во ноќта, се разбира заедно со Ангела која преку Скајп танцува заедно со нив.
„Баш супер изгледаш како мене“ - ѝ шепнува Сергеј на Нина.
„Да, знам. А ако јас вака изгледам со наочари, како што си ти сега, ќе треба сериозно да размислам да купам нови рамки“ - го задева Нина.
„Гулапчиња, ајде да се сликаме“ - извикува Јован и го прекинува моментот на магија.
„Ќе го натепам еден ден“ - помислува Нина додека се мести до Сергеј, кој ја фаќа за рамото за да ја доближи повеќе до себе. Чкрап!
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Љубомора
Момчиња и девојчиња: Стратегија за посвојување маче
Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?
Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна
Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби
Момчиња и девојчиња: Љубовни маки
Момчиња и девојчиња: Вирус и љубовМомчиња и девојчиња: Најважниот натпревар