Момчиња и девојчиња: На ТВ

Момчиња и девојчиња: На ТВ

„Ќе бидеме ѕвездииииииии“ - со трчање Јован се доближува до друштвото - „Нашата кошаркарска екипа ќе ја снимаат за на ТВ“ - едвај зема воздух.

„Ајаооооооооој, да се нашминкаме и ние“ - вели Теди и им намигнува на девојките - „Сигурно ќе ги фатат во кадар и навивачите“.

Сергеј превртува со очи, додека ја врти кошаркарската топка на показалецот, а Нина го гледа како хипнотизирана.

„Алоооооооо, ние сме главни, кај се затрча па ти“ - ја задева Сергеј додека топката му паѓа директно на ногата на Нина, која тивко офнува, ама не го трга погледот од него.

„Дечки, сите пред мене. Мора да вежбаме сериозно за да не се посрамотиме на телевизија. Нина, ти ќе снимаш за да пратиме видео на Ангела“ - Јован дава задачи и изведува невидлив кош, се разбира, со невидлива топка.

„Леле аман нека дојде Ангела веќе еднаш. Овој е неподнослив, се чувствувам како во реално шоу. Само снима по дома. Единствено камерата не е уклучена кога оди во тоалетот“ - им шепоти Нина на другарките, кои потврдуваат со главите, сочувствувајќи со неа.

Момчињата заминуваат во спортската сала за да вежбаат. Нина и Теди седнуваат на клупата до Марија, Ина и Јована и уклучуваат скајп за да се договорат со Ангела и таа да биде соодветно облечена за навивање.

„Кога доаѓаш? Те молам кажи дека ќе е наскоро, Јован е како побудален. Само за тебе зборува“ - ѝ кажува Нина и ѝ праќа бакнежи на Ангела.

„Уште малку, ама само вие девојките ќе знаете точно кога. Сакам да го изненадам Јован. Дури и Борјан нема да знае“ - се смее Ангела од другата страна.

„Ќе дојдеме на аеродром да те пречекаме, само нека е што поскоро“ - се радуваат девојките.

Договорот е да се облечат во жолто-црвените диксери и да ги бојосаат лицата во истите бои. Добро е што времето кога ќе се игра натпреварот не е во време кога во Мајами е ноќ.

„Брат, абе душа ми извади“ - процедува Никола, додека со рацете се потпира на колената, испотен од немилосрдниот тренинг што го наметна Јован. А тој, има уште сила и енергија за тренинг, особено што му е важно Ангела да го види како дава кошеви.

Сергеј му ја фрла топката на Борјан, кој заедно со Филип и Мартин-научникот седат на блиската клупа.

„Ќе ме убиеше за малку“ - се шегува Борјан - „Знаеш дека не сум по кошарката и дека имам две леви раце“.

„Сега како што си ослабен, ќе треба да размислиш за некој спорт“ - мудро вели Мартин-научникот и како од ракав вади научни податоци за позитивните ефекти од спортувањето.

„Го слушам Мартин и сега знам дека е совршен избор за Марија. Замисли само како би се сложувале тие двајца. Нема со години да престанат да зборуваат“ - се кикоти Сергеј - „Се разбира, доколку Марија не го истепа некој ден за да му ја покаже силата на жената“ - продолжува Сергеј, додека Јован и Никола прснуваат во смеа.

Ноќта пред очекуваниот натпревар, момчињата се собираат уште еднаш за да договорат стратегија, а девојките во групен разговор на вибер уште еднаш потврдуваат како ќе се облечени и нашминкани. Сите се возбудени. Нина дека ќе го гледа Сергеј, тој дека таа ќе е таму, Јован заради Ангела, Никола сака да ја воодушеви Ина, а останатите од желба да победи екипата на нивните другари.

Телевизиската екипа е на своето место. Камерманите ги фаќаат сите навивачи, од кои, највпечатливи се девојките со жолто-црвените дуксери и нашминкани во тие бои. Салата е преполна. Сите се расположени, а Нина му одмавнува на Сергеј кој ја бара со поглед во публиката и безгласно му кажува дека ќе биде сѐ супер. Ангела е поврзана на скајп и во моментот кога Јован се врти накај Нина за да даде знак да почне да снима, таа му праќа бакнеж по телефон. Уште толку кај него расте желбата да победат и да ѝ покаже на Ангела дека се најдобри.

Противничката екипа не е за потценување. Сепак, биле и на државен натпревар. Сѐ до последната минута, водат со 2 кошеви разлика. Во публиката е тишина. Последната минута ќе одлучи кој ќе е победник. Тренерот на екипата на Јован бара тајм-аут. Тивко се договараат и сите се многу сериозни. Дури и Ангела ги крши прстите од нервоза. Таа знае колку овој натпревар му е важен на Јован.

Почнува одбројувањето на последните 60 секунди.

„Барем да изедначат“ - тивко шепоти Ина, загрижена за зглобот на Никола кој го превитка за време на натпреварот.

Никола ја подава топката на Сергеј кој не може да се доближи до кошот. Уште 17 секунди. Се стрчува Јован и Сергеј му ја подава топката. 11 секунди. Јован стои на линијата од која се дава тројка и нервозно низ главата му пролетува „ако промашам, готови сме“.

Во тој миг, во сета таа тишина одекнува гласот на Ангела која извикува на цел глас - „Ајде Јован, можееееееееееееееш“.

Јован се насмевнува и ја фрла топката. 3,2,1.....КООООООООООШ.

Свирчето на судијата означува крај на натпреварот. Цела сала се тресе од аплауз и викотници. Коментаторот на натпреварот е возбуден исто колку и победничката екипа и веднаш оди да земе изјави од младите и надежни кошаркари.

„Јован, Јован“ - му го тутка микрофонот под носот - „Која е девојката што извика“ - прашува, додека останатите се кикотат и го тупкаат херојот по рамото.

„Тоа е Ангела“ - возбудено и истовремено срамежливо одговара Јован. По начинот на кој го кажува тоа, коментаторот само се насмевнува. Сепак, тој ја препознава љубовта која се случува кај младите.

Прославата трае долго. Сите се среќни, особено Јован кој го зема телефонот од рацете на Нина и вели - „Многу ми недостасуваш“. Ангела со солзи во очите само шепнува „наскоро“.

-ПРОДОЛЖУВА-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: Маскембал

Момчиња и девојчиња: Љубомора

Момчиња и девојчиња: Стратегија за посвојување маче

Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?

Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна

Момчиња и девојчиња: Разделба

Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби

Момчиња и девојчиња: Љубовни маки

Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов

Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар

Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован


Можеби ќе ве интересира: