Момчиња и девојчиња: Роденден

Момчиња и девојчиња: Роденден

„А бе станииииииии“ - Нина свикува, а Бак скока врз креветот од Јован, гледајќи ја Принцез одозгора како се обидува да се качи - „Станииииииииии, денес ти е роденден“ - Нина го протресува Јован, кој не може да се освести.

„Боже жено, сабота е“ - мрмори сонливо Јован и го повлекува јорганот врз главата.

„Среќеееен родендеееееен“ - идат и мама и тато, уште во пижами - „Голем да растеш, да си попаметен и послушен“ - се кикотат како деца.

„Уште Кики фали и цела фамилија можам да ја обвинам дека ми врши упад во соба“ - демек налутен е Јован, а очите му се смеат од задоволство.

Мама и тато се гледаат, а тато ѝ шепка на мама - „Мислам дека имаме адвокат во најава“.

„А не“ - вели Нина и му го покажува Кики кој ѝ стои на рамото, гледајќи претпазливо во Принцез, која очи не симнува од него - „Сите сме тука, комплет. Ајде брат рипај од кревет. Уствари, полека со рипањето, затоа што веќе си остарен и треба да внимаваш да не се повредиш“ - Нина продолжува со задевањето.

Јован станува, а сите го гушкаат, па дури и Принцез му се обесува на ногавиците за да ја земе в раце. Не за друго, туку за да биде поблиску до Кики, кој веднаш се накострешува.

Мама спрема пржени лепчиња и какао, а се зборува за вечерашната забава која ќе биде кај нив дома.

„Знаеме, знаеме“ - тато ја крева раката - „Со мајка ти треба мистериозно да исчезнеме пред да се појават гостите и по можност да не се вратиме барем три дена“ - се шегува, а мама превртува со очи.

„Да, да“ - зборува Јован со полна уста - „Ќе дојдат сите, ама баш сите“ - и додека џвака, помислува колку ќе му недостасува Ангела.

„Имаше прекуокеански повик или е рано?“ - навидум незаинтересирано прашува мама.

„Не“ - малку загрижено одговара Јован - „Од синоќа Ангела не е вклучена ниту на скајп, ниту на вибер. Можеби ќе се јави подоцна, не знам“ - глуми дека му е сеедно.

Нина ја погледнува мама и ѝ намигнува.

„Брат, јас ќе излезам со девојките попладне и вечер ќе дојдеме заедно кај нас“ - му вели на Јован, го зема телефонот во рацете и набрзина нешто пишува.

Сѐ е спремно за вечер. Тато изнакупил грицки и сокови, мама има нарачано пици, Борјан веќе ја донел цела диџејска опрема, а Сергеј ги организираше сите за роденденот.

Јован го минува денот дома, одговарајќи на честитките од другарите и се обидува да ја добие Ангела која е недостапна. Сигурно не е дека не го сака повеќе, си помислува, па само пред една недела го бодреше на кошаркарскиот натпревар. А можеби ѝ се допаѓа некој друг, загрижено помислува. Сепак не се виделе долго време, а таа е убава девојка која сигурно ја облетуваат многу момчиња. Љубомората го измачува, ама не изустува ниту збор. Дури не ја прашува и Нина дали се слушнале со Ангела.

„Девојки, сѐ оди по планот“ - Нина дотрчува до Марија, Ина, Теди и Јована - „Леле, колку сум возбудена, ќе биде прекрасно, ќе биде најубав роденден за Јован“.

„Балоните се спремни“ - вели Ина со гордост во гласот - „Среќа што го имам она апаратчето за надувување, инаку ќе требаше цела ноќ да преседам будна“ - се кикоти.

„Конфетите спремни“ - изјавува Теди - „Има цела вреќа, мајка ти ќе нѐ убие ако не ги исчистиме после со правосмукалката“.

„Подарокот е одбран“ - и Јована дава извештај - „Нов таблет за да може да го носи секаде со себе кога ќе си гугуткаат со Ангела“ - се шегува.

„Тортата нѐ чека во 19 часот“ - последна е Марија - „Ооооооооогромна кошаркарска топка со број 15“.

„Совршено“ - плеска Нина со рацете - „тајмингот е погоден“.

„Брат, девојкиве ги нема цел ден“ - зачуден е Филип, кој сака да ја види Јована - „Чудно, ниту една не се јавува да досаѓа за нешто“ - се смее.

„Да бе и Марија не се јавила со некоја своја теорија за женските права“ - одвраќа Мартин-научникот, а Борјан исто крева раменици и потврдува дека и нему не му се јавила Теди, а истото го кажува и Никола за Ина.

Сергеј молчи. И нему му е нешто чудно. Теди набрзина излезе од дома, а и онаа Нина е нешто чудна од вчера. Нешто се спрема, нешто кријат, помислува.

„Како и да е, во 19.30 часот сите треба да сме нацртани кај Јован. Колку што разбрав, девојките се задолжени за подарокот кој ќе е од сите нас, за торти, балони, конфети. Наше е само да се појавиме и да бидеме мирни, за да не ги нервираме“ - се кикоти.

Денот минува брзо. Веќе е време за гостите да пристигнат, си вели Јован и гледа на часовникот. Вратата се отвора со тресок и влегуваат момчињата со викотници. Борјан веднаш седнува да ја намести музиката. Уште девојките да дојдат. И еве ги сите, како наеднаш влегуваат. Балони полни со хелиум го исполнуваат станот и лебдат во воздухот. Конфетите се расфрлани насекаде и станот станува шарен. Кики пее на сиот глас, а Бак се гали со сите, додека Принцез преде во скутот на Ина која ја гали по мекото крзно. Тортата е на средина на собата. Вистинско ремек - дело е кошаркарската топка со број 15, а на врвот стои една свеќа.

Журката се разгорува. Сите се расположени и танцуваат. Нина гледа на часовникот. Време е. Му дава знак на Борјан да ја намали музиката. Со свечен глас му го предава подарокот на Јован кој е воодушевен.

„Ајде брат, време е да ја дувнеш свеќичката“ - Сергеј го тупка Јован по рамото.

„Замисли желба“ - извикува Нина и повторно пишува нешто на телефонот. Јован ги затвора очите и замислува да му се јави Ангела веќе еднаш за да не го мачат лоши мисли, а и да ја види што поскоро. Во тој миг се огласува ѕвончето на врата.

„Ти отвори“ - му вели Нина на Јован и со раката го сопира Сергеј кој тргна накај вратата - „Прво отвори, па ќе дувнеш свеќичка“ - го турка Јован.

Јован се смее и коментира дека задоцнетиот гостин нема да добие парче торта, затоа што го пресекол во дувањето на свеќичката. Девојките се гледаат една со друга и се смешкаат.

Јован ја отвора вратата и не може да поверува.

„Среќен роденден“ - му се смее Ангела и силно го гушка.

„Најсреќен е“ - вели Јован и не ја пушта од прегратка - „Најсреќен“.

-ПРОДОЛЖУВА-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: На ТВ

Момчиња и девојчиња: Маскембал

Момчиња и девојчиња: Љубомора

Момчиња и девојчиња: Стратегија за посвојување маче

Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?

Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна

Момчиња и девојчиња: Разделба

Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби

Момчиња и девојчиња: Љубовни маки

Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов

Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар

Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован


Можеби ќе ве интересира: