Момчиња и девојчиња: Пролет и љубов

Момчиња и девојчиња: Пролет и љубов

“Мудрице една”- ѝ вели Јован на Нина
-“Признај дека сè беше испланирано до детали. Мислев дека ќе се онесвестам кога ја видов Ангела на вратата, а толку бев загрижен дека не ѝ грижа за мене”-признава.

“Идејата беше на Ангела, рече дека за ништо на светот нема да го пропушти твојот роденден. А и часовникот што ти го подари е преубав”-одговара Нина.

“Види, види”-ѝ покажува Јован -“Види што има одзади изгравирано. LOVE IS NOT A WORD”.

“Брат, пази да не се стопиш само, ќе треба со лажиче да те собираме”-го задева Нина додека се спрема за излегување -“Ти спремен си, или пак како млада невеста ќе те чекаме?”-го скубнува Јован по косата.

“Спремен уште од прееска. Баш убаво што денов ќе го минеме сите заедно во паркот. Одамна не сме возеле велосипеди”- Јован ги трие рацете од задоволство.

“А за Ангела се спремаш брзо, а?”-мама довикува од кујната-“Инаку за сè останато, треба да ти каже по најмалку 100 пати”-му намигнува на тато.

“Ти текнува ние какви бевме?”-шепоти тато-“Кога го гледам син ти како ја голта Ангела со поглед, како да се гледам себе кога ќе се појавеше ти” -ја гушка мама, која се потсеќа на нивната младост и која себе се гледа во Ангела која со светнати очи гледа во Јован.

“Ууууууууу, љубоооооооооооооов”-влегува Нина во кујната и се шегува со мама и тато - “Јовааааааааан, дојди да ги видиш мама и тато. Како дечко и девојка се”.

“Ти мало да молчиш. Само да си го видиш изразот на лицето кога оној бушавиот се мота околу тебе”-тато ја скокотка Нина, која вреска од смеа и поцрвенува.

“Сите сме на број?”-прашува Сергеј, кој гледа во Нина и помислува колку убаво ѝ стои собрана коса.

“Баш се насекира дали сме сите на број”-се смее Теди-“Штом е тука таа што ја зјапаш, сè ти е на број”-сите прснуваат да се смеат.

“Аха, исто ко ти за манекенов”-го турка Борјан со лактот, а тој го вовлекува стомакот навнатре.

“Доста бе, доста”-шепка Теди и кришум го гледа Борјан. А навистина е ослабен, иако нејзе и’ се допаѓа секаков. Толку е добар, чесен, мил, секогаш спремен да помогне секому, си мисли Теди и трепка со очите.

“Ќе ти отпаднат трепките”-ѝ вели Сергеј и ја имитира.

“Еве ги и Филип и Јована. Сега ќе имаме серијал, Јована на велосипед, Јована врти една педала, па Јована врти друга педала, па Јована вози право, па Јована во сите можни варијанти”-се кикоти Марија.

“Научно е докажано дека креативните луѓе ја зголемуваат својата креативност кога се вљубени”-сериозно одговара Мартин-научникот, додека Марија превртува со очи - “Еве, јас сега имам смислено нов експеримент”- вели тој важно и ја гледа Марија.

“Брат, преведено би личело дека ѝ кажуваш сега на Марија дека си вљубен во неа”-исто толку сериозно му кажува Никола и Мартин не знае каде да гледа од што е посрамотен.

“Дечки, одиме. Сендвичи тука, ќебиња, сокови, добро расположение. Спремни?”-извикува Јован, а сите во еден глас потврдуваат.

Пролетта ги обзема додека возат накај паркот. Сè е раззеленето, веќе и цвеќињата се тука, мириса на трева и убаво време. Велосипедите се потпрени, ќебињата постелени, а момчињата носат топка и фризби.

“Колку прекрасен ден”-воздивнува Ангела и ги мести наочарите за сонце. Јован ја гледа вљубено, а таа му возвраќа со среќна насмевка.

“Брат, да свртиме еден фудбал, м?”-Сергеј му ја фрла топката на Јован.

“Ајде, Борјан ќе биде голман, оти освен две леви раце, има и две леви нозе”-одвраќа Јован, а Борјан сериозно ја нишка главата како одобрување.

Девојките седнуваат на ќебето и Ангела им шепоти-“Мислам дека со мама и тато ќе се враќаме тука”-им кажува во доверба-“Јован уште не знае, сакам да му кажам кога ќе е сигурно, за да не се радува пред време”.

Девојките вреснуваат од среќа, а момчињата дотрчуваат да видат што е работата.

“Што квичите, сите птици ги исплашивте”-им вели Јован.

“Гледајте си ја топката, не е сè за вашите уши”-им возвраќа Теди и ја гушка Ангела-“Иш, иш”-им одмавнува со раката на момчињата кои креваат раменици и одат да играат фудбал.

“Лоши женчиња”-мрмори Сергеј и се смее.

“Кога ќе знаеш со сигурност”-возбудено Нина ја прашува Ангела.

“Чекам во секој миг да ми кажат, требало некои формалности да се средат. И тие сакаат да се вратат, сепак дома си е дома, а и јас сакам да сум тука со Јован и со сите вас. Последниов период бев многу осамена и тажна. Не дека немам друштво таму и дека не е забавно, ама срцето ми е тука, кај вас”-се насолзува Ангела.

Денот е толку убав што не им се враќа дома, ама мора да се спремат за вечерашната кино претстава. Полека и со шеги се разделуваат. Само што стигнуваат дома, телефонот на Нина заѕвонува.

“Решено е, се враќаме. Односно, јас останувам тука и ги чекам мама и тато”-Ангела вика, а Нина вреснува силно.

“Ништо нема да кажам, кажи му ти”-ѝ вели на Ангела-“Кажи му вечерва, леле ќе збесне”-се смее.

Сите се собираат пред киното. Ангела дотрчува и со возбуда вели-“Извадивте билети?”.

“Уште не, чекавме сите да се собереме”-вели Сергеј.

“Одиме на друго место, може? Сакам да ве почастам во кафуле, имам убави вести”-ги замолува Ангела.

Сите се сложуваат, љубопитни и нестрпливи.

Седнуваат во блиското кафуле. Ангела станува и го прочистува грлото како да спрема говор-“Сакам да ви соопштам една убава вест. Се враќам тука, во понеделник се запишувам во вашето училиште и останувам засекогаш”.

На радоста ѝ нема крај. Сите ја гушкаат, а Јован е занемен од среќа. Не му се верува дека конечно ќе може да ја гледа Ангела скоро секој ден. Сега се сите комплетни, како едно големо семејство во кое има разбирање, љубов и почит. Добредојде Ангела.

-ПРОДОЛЖУВА-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: Роденден

Момчиња и девојчиња: На ТВ

Момчиња и девојчиња: Маскембал

Момчиња и девојчиња: Љубомора

Момчиња и девојчиња: Стратегија за посвојување маче

Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?

Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна

Момчиња и девојчиња: Разделба

Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби

Момчиња и девојчиња: Љубовни маки

Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов

Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар

Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован


Можеби ќе ве интересира: