Момчиња и девојчиња: Полуматура

Момчиња и девојчиња: Полуматура

„Не носам костум и точка“ - извикува Јован, додека мама го убедува да се дотера за полуматурата - „Ако сакам, во кошаркарскиот дрес ќе одам, нема да облекувам вратоврска, ќе бидам смешен“ - упорен е Јован.

Мама воздивнува и оди во дневната соба - „Ти па ти, не туку се смеј. Поддржи ме малку“ - му се обраќа на тато, со рацете на половината.

„Како буквата Ф си вака“ - се кикоти тато и ја повлекува да седне до него - „Остави го нека се облече како сака“ - ѝ вели - „Само остави го и олабави се малку“ - ја тупка по раката.

„Замисли, ме тера да облечам костум“ - ѝ раскажува Јован на Ангела по телефон - „Како да имам 100 години“.

„Леле, а колку ќе бидеш убав во костум, па со некоја интересна вратоврска“ - одвраќа Ангела и го замислува како ќе личи.

„М? Мислиш?“ - Јован веќе не е толку против таа идеја.

„Мамооооооооо, Ангела рече дека ќе изгледам кул во костум. Кога може да одиме за да разгледаме?“ - вика Јован од својата соба.

Мама го погледнува тато и превртува со очи - „Она што не можев јас три недели, Ангела успеа да го постигне за 3 секунди. Ми се допаѓа девојчево“ - се смее.

„Љубовта чуда прави, уште паметам кога заради тебе ја залижав косата наназад“ - се смее и тато.

„Невозможен е“ - воздивнува Теди, додека им раскажува на другарките за припремите на Сергеј за полуматурата - „Дали да се облечел вака или онака, па косата каква да му била. На крај ме изнервира и му реков дека не е проблем ако сака и со пегла за коса да му ја исправам и да си стави и шнолички. Уште ми е лут, сакал да биде убав на фотографијата за да ја подари на Нина“.

„Ама навистина се досадни. Дури и Мартин се мисли за облеката како да е девојче“ - вели Марија - „Што им стана, ич не знам“.

„Јас знам, се обидуваат да нè импресионираат“ - се смее Ангела.

„Ќе биде здодевно без нив на училиште“ - замислено вели Нина - „Супер што ние ќе бидеме осмо одделение, ама ќе ми недостасуваат“.

„Еве јас ќе си кажам искрено“ - извикува Јована - „Што ако во училиштата каде што ќе одат, најдат други симпатии? Мене тоа ме мачи“ - се издишува.

„Хахахахахахаха“ - почнуваат девојките да се кикотат во еден глас - „Да не се грижиш за тоа, Филип само за тебе зборува“.

Полуматурата е закажана за крајот на неделата. Сите од 9-то одделение се возбудени. Се разговара за тоа кој каде ќе се запише во средно училиште, а уште поважно, кој што ќе носи на полуматурата. Дури и момчињата се радосни за големиот настан. Сета таа еуфорија го зафаќа целото училиште. Оние од помалите одделенија сакаат да одат пред диското во кое ќе се одржува полуматурата за да ги видат поголемите како ќе бидат дотерани.

„Девојки, ќе одиме да ги испратиме?“ - прашува Нина.

„Па како инаку, не може тоа да помине без нас“- се кикотат Ина и Марија.

„Ќе го земам фотоапаратот за да се фотографираме“ - плеска со рацете Јована, а Ангела додава - „Јас ќе снимам со телефонот, да им направиме едно убаво видео“.

Петок е. Големиот ден за сите полуматуранти. Момчињата ги вршат последните припреми.

„М? Ќе ѝ се допаднам на Нина?“ - прашува Сергеј, додека Теди му ја подместува крагната на кошулата.

„Брат, како филмска ѕвезда си, ама бушава. Сигурен си дека не сакаш да ја средиме косата со пегла?“ - го задева, а тој ја потегнува за коњското опавче.

„Имаш среќа што сум добро расположен, инаку ќе видеше убаво“ - ѝ се заканува со прстот.

„Кога ќе дојде Ангела?“ - прашува Јован додека ги облекува новите кондури.

„За 15 минути ќе е тука, па одиме сите заедно по Сергеј и Теди, а таму ќе е и Борјан. Останатите ќе нè чекаат пред дискотеката“ - одвраќа Нина, додека го подместува карнерот од фустанот.

„Мало, како си дотерана, како и ти да ќе одиш на прослава“ - тато ѕирка низ вратата за да види до каде се припремите - „А сигурни сте дека не треба да доаѓаме и ние?“ -  прашува со надеж дека ќе се премислат и ќе одобрат.

„Неееееееееееее“ - извикуваат во еден глас Нина и Јован - „Вие сте возрасни, да си седите дома и да ја чувате куќата“ - се смее Јован.

„Ќе ти кажам јас на тебе убаво“ - се шегува мама - „Само да ве испратиме низ врата и ние со татко ти одиме да се журкаме.“

На помислата како мама и тато шизат на диско музика, Јован и Нина се засркнуваат од смеење.

„Чао дечки, убав помин“ - мама и тато стојат на терасата, а мама кришум ги брише солзите.

„Пораснаа, готово“ - му вели на тато - „Пораснаа децата“.

„Ајде принцезо спремај се, ќе те носам на сладолед“ - тато ја теши додека со гордост ги гледа Нина и Јован како одат по улица.

Пред дискотеката е врвулица од млади луѓе. Сите се поздравуваат. Никола извикува по останатите, кои се собираат.

„Дојде и овој ден“ - вели Мартин-научникот.

„Ако извадиш некој научен факт, ќе ти ја разбушавам косата“ - му се заканува Марија и го гледа со гордост. Сите се шегуваат додека не дојде времето за да се разделат. Јована прави преубави фотографии, а Ангела снима со телефонот и се шегува најавувајќи дека големите ѕвезди ќе влезат во дискотеката.

„Убаво да поминетееееееееееееее“ - вика Ина, додека момчињата заминуваат.

„Ние девојки што ќе правиме сега?“ - прашува Марија.

„Се разбира, одиме некаде на сок и да правиме планови како ќе го минеме летото“ - Нина ѝ намигнува, додека другите се сложуваат.

Летото ќе донесе нови авантури, а од Сепрември дружбата ќе продолжи. Уште само една година и тие, девојчињата ќе бидат 9-то одделение. И ќе бидат главни. Како што се сега момчињата пред кои стои блескава иднина. Среќно полуматуранти.

-КРАЈ-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: Пролет и љубов

Момчиња и девојчиња: Роденден

Момчиња и девојчиња: На ТВ

Момчиња и девојчиња: Маскембал

Момчиња и девојчиња: Љубомора

Момчиња и девојчиња: Стратегија за посвојување маче

Момчиња и девојчиња: Како момчињата покажуваат дека ги интересираш?

Момчиња и девојчиња: Нова љубовна приказна

Момчиња и девојчиња: Разделба

Момчиња и девојчиња: Новогодишни желби

Момчиња и девојчиња: Љубовни маки

Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов

Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар

Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован

Можеби ќе ве интересира: